,,Перото на прилепските новинари,, на јаве

Нов труд на Драги Башески

,,Перото на прилепските новинари,, е новата книга на нашиот сограѓанин, колегата Драги Драгољуб Башески, што денеска ќе биде промовирана од 13 часот во Библиотеката. Монографијата е посветена на истакнати прилепчани, новинари кои пишувале во градот и пошироко во весниците, ТВ, радијата во земјата. Опфаќа повеќе децении, па дел од личностите не се веќе живи, но добиваат значајно место. Поголем дел од забележаните творци заземаат место во македонското новинарство и оставиле траен белег во афирмацијата на Прилеп. Колегите пишувале за интересни теми, за дневни настани и случувања, потресни животни приказни. Затоа сакав да не бидат заборавени, да останат забележани за наследство, за поук на идните генерации, да зрачат вековно, не само дома, туку и пошироко – вели авторот. Забележани се податоци на над стотина новинари, кои според д- Божидар Герамитчиоски се “стражари”, кои деноноќно дежураат да не им побегне ниту еден настан, случка или појавување, за навреме и автентично, токму од изворот да ја испратат веста, информацијата. На новинарите да им се почитува трудот, а тие да го почитуваат новинарскиот кодекс. Книгата е сериозен обид да се прикаже заедничкиот именител на прилепското новинарство – напишал покојниот рецензент Герамитчиоски. За книгата на промоцијата ќе зборуваат Петар Петрески и Тачко Локвенец.

Драги Драгољуб Башески последниве две децении е неразделно поврзан со спортот, репортерството, карикатурата, хуморот, истражувањето. Во медиумите е од 1958 година. Пишувал за Радио Прилеп, Радио Скопје, Вечер, Остен, Коприва, Народен глас, Слободна Далмација, Македонски спорт… Се проба и во литературните води. Автор е на книгите ,,Предадени,, и ,,Родот Башески од Варош,,. Добитник е на признанието Трети Ноември.

Loading