Овации во Љубљана

Театарот на фестивал во Словенија

Ансаблот доби покана за повторно учество на МЕСС во Сараево

Со петнаесетминутни овации, публиката на меѓународниот театарски фестивал Експонто во Љубљана ги испрати актерите на прилепскиот театар по одигрувањето на претставата “Кавкаскиот круг со креда” од Брехт во режија на Мартин Кочовски. Целата сала аплаудираше и скандираше, а уметничкиот директор на сараевската театарска манифестација со високо реноме, МЕСС, упати покана за учество за догодинешното фестивалско издание. Публиката, меѓу која беше и македонскиот амбасадор во Словенија Игор Попов, ја доживеа претставата како спектакл. Критичарот Нино Горциќ рече дека солзи му дошле на очите. Претставата ја гледав и во Струмица. Тука се одигра фантастично. Публиката прифати вистински театар – изјави Горциќ. Дамир Димитровиќ Кос од Експонто даде највисока оценка за театарскиот чин. Ја гледав лани во Охрид. Веднаш посакав доживувањето да го поделам со словенечката публика на Експонто. Публиката го потврди тоа – заклучи Кос. Македонците кои живеат во Словенија се гордеат што нашиот театар е рамен на европските. Модерна претстава. Се гордеам со прилепскиот театар, кој постигнува вакви успеси – изјави амбасадорот Игор Попов, кој на актерите им честита за извонредната изведба, најавувајќи повторно гостување во Словенија во 2012 година кога Љубљана ќе биде престолнина на европската култура. Дино Мустафиќ од МЕСС рече дека Кочовски е режисер со дар за Брехт и кој ги одбележа последните сезони, а актерите биле одлични. Нема ваква игра на балканските, ниту на европските театарски сцени – прокоментира Мустафиќ. За раководителот на театарот Стојан Дамчески е значајно учеството на фестивалот од меѓународен ранг. Директорот на МЕСС Дино Мустафиќ упати покана за второ учество на нашиот театар. Тоа е посакувана сцена на секој театар во Македонија – вели Дамчески. Фестивалската завеса се спушта на 25 септември.

Loading