ИМА ЛИ НАДЕЖ

Овој напис ќе се разликува, во голема мера, од сите досегашни. Ќе пишувам во прво лице. Ќе пишувам јас, за себе, за својот неспокој, за својот немир. Неспокој за состојбата во нашиов јазик, за негрижата, за неодговорноста.

ОСМИ СЕПТЕМВРИ! Голем ден, голем празник за Македонија. Грандиозна прослава. Убаво осмислена. Меѓу учесниците и врвни уметници. Говори, обраќања, поздрави. Меѓу другото и парада на нашите воени единици. Маршираат тие, а ги најавува и коментира Дејан Лилиќ, актер, од врвот на нашето актерство. Текстот што го чита сигурно е дека е лекториран. Во ваквите пригоди текстовите задолжително ги проверува лектор. Лектор, тој толку многу потребен човек во нашава јазична практика. Некаде го има, повеќе го нема. Овој пат, сигурно е дека го имало. Но не е доволно само да го има, треба и да го бива. Но, не не увери во тоа. Ги најавува Дејан Лилиќ воените единици и вели дека СЛЕДИ ешалонот тој и тој. Потоа – СЛЕДИ единицата таа и таа и така натаму и така натаму. Драги наши лектори, зар не знаете дека зборовите СЛЕДИ и СЛЕДУВА, немаат исто значење. Полицијата може да го СЛЕДИ разбојникот, студентот може редовно да ја СЛЕДИ наставата, гледачот може да ги СЛЕДИ седниците на Парламентот. А ако нешто доаѓа, ако нешто треба да се случи или да дојде тогаш се вели СЛЕДУВА, а не СЛЕДИ. Значи дека СЛЕДУВА ешалонот, СЛЕДУВА единицата а не СЛЕДИ.

Зборовите се слични, а разликата голема. Зар може лекторот тоа да не го знае?

Објаснува Лилиќ дека некоја единица имала задача да дејствува на ВОДЕНА површина. Еве, лекторот не знае дека ВОДЕНА површина е всушност, ВЛАЖНА површина. А единицата ќе дејствува на ВОДНА површина, а не на ВОДЕНА. Зборува Лилиќ за некоја единица која уживала висок углед во ЗЕМЈАТА и во странство. Како тоа, во ЗЕМЈАТА?! Па нели станува збор за ЗЕМЈАВА, за НАШАВА ЗЕМЈА?!

Информирани бевме дека некоја единица постигнала врвни резултати во РАЗЛИЧНИ вежби. Господин (госпоѓо) лектор, РАЗНО и РАЗЛИЧНО не е исто. Сите вежби се РАЗЛИЧНИ, се разликуваат една од друга. Овде станува збор за РАЗНИ вежби, значи секакви, од секаков вид.

На крајот, најгромогласно беше најавено дека сега СЛЕДИ младината. А кого СЛЕДИ младината? Никого! Очигледно е, треба да се рече дека сега е на ред младината, дека СЛЕДУВА младината.

Човек останува вџашен од вакви грешки на вакви манифестации. За вакви и слични грешки сум пишувал и порано. Но, овој пат, навистина сум притиснат од поразително чувство. Достагата е преголема. Зар е можно и во вакви пригоди да се прават вакви грешки?! Зошто мораме да го нагрдиме овој величенствен чин?! Ваквите јазични грешки изгледаат како грди, крупни раски во една пребистра вода.

Прославуваме дваесет години од постоењето на државава, а една новинарка (за време на прославата) соопштува дека имало гости од сите градови НА РЕПУБЛИКАВА. Разберете веќе еднаш! Дури беше Југославија, ние бевме една од шесте републики. Сега сме држава, самостојна и суверена. Зборот РЕПУБЛИКА го означува само политичкиот и општествениот модел. Треба да се рече дека имало гости од сите градови на ЗЕМЈАВА, на ДРЖАВАВА, на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Жално, жално! И болно! Ќе ни прости ли Македонија за ваквото бербатење на јазикот?!

Неколку дена пред празникот доживеав нешто што ми дава надеж дека сиве овие несмасности во јазикот, сепак ќе можат да се надминат. На една од телевизиите го слушав Дејан Пројкоски, режисер, кој требаше да го осмисли сиот овој грандиозен и величенствен настан. Зборуваше Пројкоски десетина минути. Тоа не е малку време. Одамна немам слушнато толку чист македонски јазик. Направи само една грешка, наместо ПРИДОНЕС, рече ДОПРИНОС. Нашиве режисери (познавам многу) лошо го владеат македонскиот јазик. Некои дури и многу лошо.

Дејане, можеби ти ќе немаш можност сево ова да го прочиташ, но јас ти ја испраќам мојата благодарност за вербата што ми ја враќаш. Значи, има надеж. Има луѓе кои мислат и на чистиот јазик!

Благоја Ивчески

Loading