НЕТА награди за “Кавкаскиот…”

Претставата “Кавкаскиот круг со креда” од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, ги собра сите награди на Европската театарска асоцијација НЕТА, по изведбата на 19 -тото издание на Фестивалот “Ристо Шишков” во Струмица. Прогласена е за најдобра претстава, а актерската екипа ја доби наградата за заедничка колективна игра. Групата Фолтин е наградена за музиката. Од Центарот за култура велат дека наградите се потврда за квалитет на театарот. Значајни се признанијата од европска театарска асоцијација. Тие се потврда за квалитетот на претставата, на Ансамблот, кој последните неколку години се одликува со колективна актерска игра – велат од Центарот. “Кавкаскиот круг со креда” е претстава со која, како што вели театарскиот критичар Александра Бошкоска, нашиот театар го крунисал периодот на зреење, дефинтивно наметнувајќи се како водечки во сценските иновации кај нас. Заслужни за наградата се Владимир Ѓорѓијоски, Игор Трпески, Марија С. Илијески, Андон Јованоски, Александар Степанулески, Зоран Иваноски, Виолета Чакарова, Александар Тодески, Милан Секулоски, Димитар Црцороски, Никола Настоски, Наташа Наумоска, Даниела Иваноска, Катерина Чакмакоска, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина М.Станкоска и музичарите од Фолтин – Бране, Гоце, Пеце. Актерите ветуваат успех со следните претстави “Калигула” во режија на Зоја Бузалковска и “Антигона” што ќе ја режира Озрен Прохиќ, во годинешната програма.

Театарот во Љубљана и Лајпциг

Театарот со “Кавкаскиот круг со креда”, ќе учествува на театарскиот фестивал “Експонто” во Љубљана, на 21 септември. Единствен театар сме од Македонија кој двапати учествувал на Експонто. Бевме со претставата “Тапани во ноќта”. Сега ни недостигаат пари за патот. Побаравме од Министерството за култура, од каде ни одговорија дека биле потрошени средствата за меѓународна соработка. Се надеваме дека ќе ни излезат во пресрет и достојно ќе го презентираме македонскиот театар на овој значаен фестивал – вели раководителот Стојан Дамчески. Театарот со музичко сценскиот спектакл “Антица” од Крле, во режија на Бранко Брезовец, во ноември ќе учествува на 21 фестивал на современ театар и танц во Лајпциг, Германија. Нашата претстава е селектирана заедно со уште десет театри од Европа. Тоа е потврда за квалитетот – потенцира Дамчески.

Loading