Си спомнуваме за еден одамнешен настан. Можеби немаше да пишуваме за тоа, но многу ни заприлега на некои денешни состојби. Слушаме и читаме разни реклами со многу јазични грешки. Никому тоа не му пречи. Важно, да се дојде до пари.
Е, и тогаш (во Југославија) еден умен човек дошол на идеја да дојде до пари на лесен начин.
Во центарот на Прилеп постоеше книжарница, сопственост на печатницата “11 Октомври”. Случајно ни паднаа в очи во излогот две големи таблоа. Во средината голема фотографија од Тито, а околу неа наредени фотографии од нашите револуционери – Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други. Под самата фотографија на Тито, со мошне убави букви, напишан текст – “ДРУГАРОТ ТИТО НИЕ ТИ СЕ КОЛНЕМЕ ДЕКА ОД ТВОЈОТ ПАТ НЕ КРЕНЕМЕ”. Се гледа дека човекот што го изработувал таблото не е Македонец, но бил свесен дека ако текстот е напишан на македонски јазик повеќе ќе “пали”. Мислејќи дека знае македонски напишал како што напишал. Знаел дека ваков кич ќе го привлекува вниманието и многу луѓе ќе сакаат ова чудо да го имаат во својот дом.
Влеговме во продавницата и разговараме со продавачот. Прашуваме чие дело е ова, колку пари чини? Сакаме, божем, да купиме. Дали има повеќе примероци, зашто сега не сме при пари? Продавачот ни објаснува дека биле петнаесетина парчиња. Цената доста висока, ама вели дека ќе се трошат како алва. Директорот ги донесол во продавницата. Ги купил од некој човек од Србија. По некој ден се сретнавме, во близина на книжарницата, со еден од секретарите на Комитетот на СКМ. Тогаш имаше повеќе секретари. Му покажуваме на излогот, на таблото.
– Еј, одлично, браво! – вели секретарот.
– Како одлично?! – велиме. – Погледни убаво. Види го текстот.
– Што? Зар тебе ова не ти се допаѓа? – вели, дури по малку и со заканувачки тон.
Откако разгледа убаво, откако го прочита текстот, пламна. Се разлути, се развика:
– Како е ова можно?! Ќе видат тие!
Се разделивме.
Утредента, поминуваме кај книжарницата. Таблоата ги нема во излогот. Го прашуваме продавачот, во што е работата? Дали се продале сликите?
Продавачот, дури по малку вомјазен, ни објаснува дека ги повлекле. Дека ги забраниле. Му се јавиле на директорот од Комитет и му наредиле, под итно, да ги отстрани од книжарницата.
Не навлегуваме во тоа колкава ќе бидела печалбата. Можеби имало и некаков кеш. Важно е дека за да се дојде до пари, се прават и вакви глупости.
Сево ова заприлега на денешниве реклами што ги читаме и што ги слушаме на телевизиите. Какви не грешки слушаме, но кој ти мисли на тоа?! Важно, да се дојде до пари. Затоа ќе слушаме да се рекламираат ЛЕЖАИ – наместо ЛЕГЛА, УМИВАЛНИЦИ – наместо МИЈАЛНИЦИ, пердиња за КУПАТИЛО – наместо за БАЊА. Ќе слушаме реклами за СУВОМЕСНАТИ производи – наместо СУВОМЕСНИ, КРТИНА – наместо УДИНА. И разни други реклами! Што ли не слушаме и што ли не читаме?! На телевизиите – мошне гласно, во весниците со крупни букви.
Но, сега е друго време! Сега се живее во среќно време. Некогаш, во времето на едноумието можеше некој да забрани. Ела сега, некој нешто нека забрани! Сега живееме во слободна држава. Сега, никој, никому, ништо не може да му забрани. Кој што сака нека прави, кој како сака нека зборува и нека пишува. Важни се парите, а не јазикот. А, рекламите носат пари и го рекламираат квалитетот на стоката. А, дали таа е навистина квалитетна, дали е легална, дали се работи на црно – за тоа ќе кажат инспекторите. За се си има инспектори. Само за јазикот нема! Затоа, пишувајте и викајте како што сакате и колку што сакате.
Благоја Ивчески