ДОКОЛИЦА – БЕЗДЕЛНИШТВО

“Се уште има ДОКОЛИЧАРЕЊЕ во Македонија”. Вака се изрази еден наш познат драмски писател на една телевизиска емисија. Така го рече тоа, како зборот ДОКОЛИЧАРЕЊЕ да е во употреба којзнае од кога и како да е тоа појава од секогаш карактеристична за нашиот народ. А дали е така? Дали нашиот човек знае што значи тој збор? Веруваме дека не знае. Тоа е српски збор. Тој и немало потреба да се појави во нашиот јазик. А што значи тој збор или поточно, таа глаголска именка? Го има во српскиот јазик. Основната именка е ДОКОЛИЦА, а од глаголот ДОКОЛИЧИТИ, драмскиот писател произвел “ македонска “ глаголска именка – ДОКОЛИЧАРЕЊЕ.

ДОКОЛИЦА значи слободно време, време во кое човек нема што да работи или не знае што да работи. Не знае како да го троши времето. Најточно – не знае што да прави.

Да се вратиме малку назад во времето. Времето на Југославија. Постоеја во Прилеп две кина. Редовно одевме. Филмовите обично беа титлувани на српски јазик. Исто така и рекламниот материјал. По некое време почнаа да се преведуваат на македонски. Ако не целосно, тогаш барем оние реклами што беа рачно напишани на рекламните пунктови. Играше еден филм, чиј наслов (на српски) гласеше – “Шта раде ДОКОНЕ госпоѓе”. Некој, во тоа време го превел тоа – “Што работат БЕЗРАБОТНИТЕ госпоѓи”. Изразот – “Шта раде” на македонски може да се преведе – “Што работат”, но и “Што прават”. Во конкретниов случај треба “Што прават” а придавката ДОКОНЕ (глаголот е доколичити, именката доколица) не значи дека тие се безработни, дека немаат работа, туку дека незнаат што да прават. Кај нас не се развила именка со такво значење, како што е српската ДОКОЛИЦА и не било можно да се развие. Нашите жени секогаш имале работа прекуглава и никогаш не биле ставени во ситуација да немаат или да не знаат што да прават. Никогаш немале некое “празно време” (доколица). Во таква ситуација се наоѓале жени од високото општество, особено во феудализмот. Во последно време, можеби и кај нас ќе стане карактеристична таквата појава. Затоа, погрешна е констатацијата на драматургот дека се уште во Македонија имало “ДОКОЛИЧАРЕЊЕ”. Немало кај нас такво нешто. Затоа и било проблематично преведувањето на филмот – “Шта раде ДОКОНЕ госпоѓе”. Можеби најточниот превод би бил – “ШТО ПРАВАТ БЕЗДЕЛНИТЕ ГОСПОЃИ”. Значи, не станува збор за госпоѓи кои немаат работа и кои не сакаат да работат. Тие не знаат што да прават со себе и со слободното време. Тие бездејствуваат, безделничат. Тоа се БЕЗДЕЛНИ а не БЕЗРАБОТНИ (невработени). Точниот превод е многу важен за да се разбере суштината. Но, рековме дека беше долг периодот кога воопшто, немаше преводи на филмовите на македонски јазик. Ние ги читавме и ги слушавме на српски и ги толкувавме како што знаевме и умеевме. Се прикажуваше во тоа време еден филм чиј наслов (српски) гласеше – “Дете ОКЛАХОМЕ”. Ние не знаевме дека Оклахома е држава во САД и дека насловот на филмот значи – “Детето на Оклахома”. Ние си мислевме дека некое дете, момче, се вика ОКЛАХОМЕ. Тогаш, во излозите од рекламните пунктови се изложуваа и фотографии од филмот и големи плакати, а постоеја и посебни проспекти кои ги собиравме. Гледавме, меѓу другите, крупни фотографии и едно момче во каубојска облека и си мислевме дека е тоа детето кое се вика ОКЛАХОМЕ. Дури им вадевме и прекари на некои деца, а секое дете беше гордо што ќе се вика ОКЛАХОМЕ.

Да се вратиме на ДОКОЛИЦАТА и на ДОКОЛИЧАРЕЊЕТО. Туѓи се тие зборови и не ни требаат.

Доста ни е БЕЗДЕЛНОСТА и “БЕЗДЕЛНИТЕ госпоѓи”. И во македонскиот Речник (тритомниот) и во српско – македонскиот, вака се објаснети и протолкувани овие зборови.

Благоја Ивчески

Loading