БЕБЕШКИ ПЛАЧ ВО БЕЛОВОДИЦА ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ

Ангела и Митре Трајкоски ја дочекаа својата прва рожба

Андреј е единственото дете во Беловодица со 12-13 старци

Речиси по три децении се слуша повторно детски плач во Беловодица. И додека на повеќето куќи фатиле пајажина на прозорците и вратите, бидејќи се напуштени и одамна во нив никој оџак не зачадил, во куќата на Митре Трајкоски се роди нов живот. Наоколу стари, распаднати куќи кои не можеле да оддолеат на забот на времето, откако стопаните ги напуштиле и заминале. Пуста, пустелија… Телот со испрани алишта отрикава живот, радост и среќа која владе во овој дом. Испраните бели како цут пелени, по некое детско шеве, упатуваат дека тука има нова рожба. Така ја најдовме куќата на храбриот и среќен жител на Беловодица, Митре кој на 53 годишна возраст, пред шест недели стана татко. Неизмерна е радоста, раѓањето на наследникот. А Андреј, со миро на челото, од шестнеделната молитва, е милно нежно детенце, кое со плач навестува дека е во семејната куќа, која домаќинот ја уредил и подготвил за достоинствен живот. Се кроти во рацете на мајка му Ангелина, која го изнесе во дворот додека сончевите зраци го милуваа новороденчето по лицето.

Неизмерна таткова радост

А токму, зрак на радост, среќа, нов живот е Андреј не само за брачната двојка Трајкоски, туку и целото село Беловодица. За општината Прилеп е доказ дека животот се враќа во руралните и недоволно развиене средини. Се чини незимерна е радоста за таткото Митре. Ете даде Господ тоа што го посакував и да го дочекам. Ми се роди син, да е здрав и жив. Ми иди цело, село, цел Прилеп да го честам, затоа што не знам да кажам колку е голема мојата радост – вели Митре. Митре е трудољубив и вреден човек. Работи како обезбедување на околниот рудник, ангажиран преку агенцијата “М&К”. Чекал и дочекал. Имал повеќе прилики во животот, но за одлуката да се ожени со Албанката Ангела не се пишмани. Барав и најдов. Се оженив и не погрешив. Барав ама од нашиве аир не видов. К’сметот го најдов во Лежа. Вистинска домаќинка е Ангела. Го гледа детето и домот. Многу е вредна. Имаме многу љубов и разбирање. Ми помагаат пријателите. Заедно со роднината Славе го суредивме дворот полесно да í биде на сопругата, да може да војва, да работи низ дворот, алишта да спружи на телот. И летно кујниче направивме – вели Митре.

Ангела за три месеци научила македонски јазик

Ангела има 39 години. Три години е беловодичанка. Потекнува од семејство со 8 деца од Лежа, во близина на Тирана, Албанија. Со Митре се нашле со стројници. Не знаела каде доаѓа, само í рекле дека е село кое е блиску до градот. Имала многу прилики за мажење, но среќата и била за Прилеп. Дојде Митре и ме виде. Четири часа на телефонот со брат ми од Италија се зборуваше дали да ме дадат или не. Ете судбина било. Ми рекоа дека селото било блиску, но кога видов не е баш блиску, нема училиште. Радосна сум што Господ даде дете на стари години и не може ништо лошо да се зборува – вели Ангела. Вредна е и вербата во Бога ја одржува и í дава сила да издржи. Вели дека Митре по цел ден и ноќ работи, а таа е сама во куќата. Зиме овде има снег, а таму во Албанија нема, блиску е морето. Цела зима бев сама, трудна, снег до половина, а јас сама со кучето. Никој не седи сам. Понекогаш одам Прилеп кај золва ми. Работата низ дома не е тешка, но сама сум. Многу ми помагаат и старите кумови. Знаев сé да работам низ дома, да готвам. Имам осум години школо. Тешко го совладав јазикот, но за три месеци научив. Убаво ми е сега. Но малку е тешко без пари. Убаво е ако може некој да помогне – вели Ангела. Работи и бавча. Се жали дека нема доволно вода. Нема млеко да го дои Андреј и постојано купуваат храна. А токму по млеко за Андреј беше отишол в град и Митре кога Зенит беше во нивниот дом. Но љубовта кон детето ги надминува сите проблеми, тешкотии, маки. На секое, станува да го наѕри Андреј , се штрека на секое негово кемкање, потплакување. Народо вели дека за дете никогаш не е доцна. Само во Господ верувам. Господ нé израдува, а Митре е добар човек кој останал в село заради родителите додека сите заминале или во Прилеп, Скопје или Велес. Не сакал да ги остави старите, а и немал доволно пари – раскажува Ангела. Тагата за родниот крај и родителите ја ублажува, откако пред една година во Прилеп се омажила и нејзината помала сестра. Сега има свој од крвта каде може да појди, да си направи муабет за душата и срцето.

Детски плач меѓу старци

Митре е скромен. Не крие дека доколку е можна одредена парична помош, ќе му е добредојдена за полесно да го подига детето. Се радува постојано, но признава дека сака да има уште рожби. Сакам да дочекам да го оженам Андреј, а Господ ако сака, пак нека ми даде син, или чупе. Сеедно, Андреј да си има друшка. Ако правам крштевка сите кои ќе ми помогнат, ќе ми се добредојдени гости. За храна за детето ми требаат пари, инаку за алишта ни даде свеската нешто. Само Господ да го чува нашиот Андреј – се смее Митре. Името го одбрале, откако кумата од Скопје им предложила пет. Во селото живеат 12-13 жители. Сите се стари. Во Беловодица доаѓаат само на гости за шетање на лето крај езерото. Ангела и Митре веруваат во подобро утре. Во помошта од општината и од добронамерниците за помош за детето. Сакаат радоста да ја споделат со сите. Доаѓањето на свет на Андреј им влеа нова светлина во нивните животи. И неколкуте жители се радуваат со Андреј. Сите го наѕираат да видат како напредува. Андреј го врати животот во Беловодица.

Loading