РАМНИ АПОСТОЛИ

И оваа година, како и секоја друга, во чест на Св. Кирил и Методиј, наша државна делагација патуваше во Ватикан. Медиумите известуваа надолго и нашироко. Слушаме извештај на Македонското радио. Ја забележавме реченицата – “Делата на РАМНИТЕ АПОСТОЛИ”. Како е можно да се провлече ваква грешка? Во црковната хиерархија, браќата Кирил и Методиј, се нарекуваат и РАМНОАПОСТОЛИ. Значи, со тоа им се оддава големо признание, се поистоветуваат со дванаесетте Христови апостоли. Се израмнуваат со нив, стануваат еднакви со нив. Со тоа се сака да се потврди високата вредност на нивното дело. Тоа се споредува со делата на апостолите. Но, тие не можат да се наречат РАМНИ АПОСТОЛИ. Ваква грешка новинарите прават и со именувањето на некои политички партии. Сме чуле – ЛИБЕРАЛНИ ДЕМОКРАТИ, наместо – ЛИБЕРАЛ ДЕМОКРАТИ. Чудни се овие грешки, но ете ги има. И така, Кирил и Методиј, наместо РАМНОАПОСТОЛИ, станаа РАМНИ АПОСТОЛИ.

Се одржа една од најубавите манифестации во земјава – МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР. Некоја од телевизиите информира дека ќе учествувале млади луѓе од 30 земји со повеќе од сто млади сликари. Добивме информација дека се доделиле и определен број награди. Една од наградите била доделена постхумно, на еден покоен ликовен педагог. Реченицата гласеше вака: “Награда му беше ВРАЧЕНА на покојниот ликовен педагог”… Бесмислица, нели?! Свесен ли е новинарот што зборува?! Како е можно на покоен ликовен педагог да му биде ВРАЧЕНА награда?! Со која рака ќе ја прими?! Наградата можела да биде доделена, но не може да биде ВРАЧЕНА, ако добитникот е покоен.

Еден истакнат политичар зборува за определени проблеми во земјава. Проблеми економски, политички па и некои поинакви. Зборува политичарот за можноста, за решавањето на овие проблеми. Вели дека многу нешта зависеле од СТРАНИОТ фактор. Некои работи, не можеле да се решат без учество на некој СТРАН фактор. Го повторува ова повеќепати. Можеби има вистина во тоа дека решението е можно со помош на НАДВОРЕШНИОТ фактор и СТРАНСКИОТ фактор. А факторот како што го нарекува политичарот, прилега на нешто сосема друго. Кога би размислил и самиот тој, можеби ќе му стане јасно! Каков ли е тој фактор што е СТРАН?!

Друг политичар соопшти дека во Крива Паланка се доградувал некој пат. Работата била прикрај, требало да се постават уште ИВИЧЊАЦИТЕ. Премногу често ја слушаме оваа грешка. И од новинари и од обични луѓе. Не се тоа ИВИЧЊАЦИ, туку се ГРАНИЧНИЦИ. Тие го разграничуваат просторот помеѓу коловозната лента и тротоарот. Сме пишувале за ова и порано, затоа нема да одиме во пошироки образложувања.

Угасна струјата. Кога ќе помине така подолго време, создава нервоза. Го креваме телефонот да прашаме во што е проблемот. Дали набрзо ќе добиеме струја? Се јавува дежурниот службеник. Објаснува дека имало поголем дефект и дека екипата е појдена на терен. Објаснува службеникот, но не знае да каже колку, приближно, би траела таа работа. Вели дека теренот бил НЕПРИСТУПАЧЕН и тешко можело да се пријде до самото место.

И оваа грешка ја слушаме мошне често. Дури и службени лица кои треба да дадат дозвола за отворање на некој дуќан, се интересираат дали е местото ПРИСТУПАЧНО, дали ќе може да се доставува стока. Дали на овие луѓе им пречи нашиот израз ПРИСТАПЕН терен, ПРИСТАПНО место?! Место каде што не може да се ПРИСТАПИ, а не да се ПРИСТУПИ.

Благоја Ивчески

Loading