БАДИЈАЛА ДОКТОР НА НАУКИ

Марија Тодороска без работа

Предизвик за секое општество е обезбедувањето на слобода за. Ова “за” е клучното, ја обезбедува слободата за творење и духовно кумулирање, тоа е нова вредност во општеството, кажано со економски речник

Уште еден куриозитет. Прилепскиот доктор по филозофија Марија Тодороска седи дома, без да покаже интерес некоја научна или образовна инстутуција да го експлоатира нејзиното знаење. Таа е единствен доктор на науки, во чија биографија стои дека е и дипломиран економист и дипломиран филозоф. По завршувањето на магистерските студии по филозофија, веќе три години е доктор на науки со ориентација на Антича, грчка космологија.

Филозофијата е малку непозната за обичниот човек, иако е мајка на науките. Каква е вашата дисертација?

Дисертацијата беше опсервација на една поширока тема. Се насочив кон античката хеленска мисла, која отсекогаш ми била предизвик и есотерично подрачје. Чудно е, но е така. Античката мисла е есотерична, недостапна, недооткриена и вечно свежа. Античката космологија, пак во рамките на хеленската филозофија е најобемниот и најкомплексниот дел. Во мојата дисертација се опфатени сите хеленски филозофи како Талес, Хераклит, Демокрит, Платон па заклучно со Аристотел. Малку е познато дека оваа космологија во таков облик се задржува се до 17 век, до појавата на Галилеј, кој прв ќе ги оспори тезите на Антиката. Накусо, античката грчка космологија е важечка цели 26 века. Од друга страна, хеленската космологија е вистинскиот предизвик, затоа што таа не е еднозначна, хомогена и континуелна. Напротив, исполнета е со контрадикции, испреплетувања и е најдобриот вид пропедевтика за секој филозоф.

Завршивте и Економски факултет?

Завршив Економски факултет во Прилеп. Пред дипломирањето, се запишав на Филозофскиот факултет во Скопје, група Филозофија.

Кога започна љубов кон филозофијата?

Ах, да точно рековте “љубов кон филозофијата”. Потребна е љубов, затоа што и зборот филозофија е составен од два дела, од кои едниот е филиа или љубов. Впрочем, само од љубов може да се студира уште еден факултет. Студирањето филозофија е само канонски вовед, оти вистински филозоф се станува со авентично мислење, без оглед каде и да води тоа. Можеби само во филозофијата, титулата доктор на науки не е конечна и највисока во кои можете да бидете промовирани. Доктор на науки е стратификациско звање, само филозоф е статусна титула за еден вистински филозоф кој ја живее филозофијата, а не прави од неа памфлет. Се разбира овие суптилни согледби за местото на филозофот во општеството не ја намалува педагошката и научната втемеленост на докторските студии. За вистинско препознавање на интелектуалниот дострел, потребен е и интелектуален приус, кој е доволен гарант за идниот филозоф. Затоа е потребна строгоста во научната, филозофска работа. Едниствено во филозофијата строгоста е само методолошка. Само вистинскиот филозоф не е специјалист. Специјалноста е неговата љубов кон вистината, а патот до неа е како патот на Буда, тесен како острицата на ножот. Специјализацијата за филозофот би значела согласување со една контрарна состојба каде специјалистот знае сé за една работа, но е игнорант за сé останато. Филозофот оди наспроти прокламираното духовно осакатување.

Каква е според Вас филозофската мисла во Прилеп?

Филозофијата не е нешто непознато во градов. Прилеп е единствениот град во Македонија кој дал светски познат филозоф! Зачудувачки е тоа што малку прилепчани знаа, или и ако знае, тоа останува во мистериозни кругови без продлабочување и интересирање за него. Станува збор за Григориј Акиндин. Роден во Прилеп, кој никогаш не се вратил, откако заминал одовде. Акиндин во Византија, во 14 и во 15 век, бил клучна фигури во еден спор, кој како фитил ја запалил целата византиска филозофко – теолошка мисла. Тоа е големиот Исихастички спор. Акиндин заедно со својот ментор Варлаам се спротивставувале на, еден од најголемите авторитети на православниот свет, Св. Григориј Палама. Цркавта пресудила за Палама, а на штета на Григориј Акиндин. Заоа тој побегнал во Италија. Како исклучителен интелект, Акиндин ја креирал и учествувал во најплодниот период од развојот на филозофско -теолошката промисла и е една од најбележитите филозофки фигури во наштата историја.

Каква е духованата клима кај нас?

Она што е во мојот потесен круг на опсервација е проблемот како се остварува заложбата за подобро образование. На прв поглед, воочлив е голем “просветителски инстинкт”, отелотворен низ светски познатиот амблем “Знаењето е сила – знаењето е моќ”. Овој слоган добива дегутантност и малкумина знаат дека е срочен од Франсис Бекон. За него како и за секој филозоф кој ја знае тежината на “знаењето” истото беше љуинтеессенце или петтата есенција. Тоа значи, нешто што доаѓа на крајот како “суво злато”. И за Хераклит, сувата душа беше најдобрата душа. Денес се случува пародијата на Лукијан, Распродажба на филзофиите или ако сакате Распродажба на “знаењето”. Денешниот метеорски кариеризам нема ништо заедничко со знаењето и е сосема во спротивност со дигнитетот на знаењето во минатото. Во античка Грција било навреда да се земаат пари за подука, учење и наука. Едниствени кои земале пари, а не биле понижени, биле лекарите. Секој кој земал пари за поучување бил презиран, како што биле Софистите на удар на бичот од Платон.

Каква е духовната сила на Прилеп?

Прилеп отсекогаш го красела независноста. Тоа е една битна филозофска позиција, на несогласување, на конфронтација, контрапозиција и, конечно, на слобода. Тенденцијата на еден град, на заедницата, сепак не е само обезбедување на слободата. Има два вида слобода. Едната е слобода од, и таа ја обезбедува овој град. Тоа е слобода или заштита на некој или нешто од лоши влијанија. Градот, иако во минатото тешко се справуваше со тоа, денес го обезбедува овој вид на слобода. Но, нивото на демократска перспсктива не е во обезбедувањето на слобода од, но на слобода за. Ова е вистинскиот предизвик за секое општество, обезбедувањето на слобода за. Ова “за” е клучното, тоа ја обезбедува слободата за творење и духовно кумулирање, тоа е т. н. нова вредност во општеството, ако се изразиме со економски речник.

Каде ја гледате иднината, кариерата?

Во секое нормално општество, едуцираните ја имаат своја држава, освен кај нас. Односот кон филозофите е еден лакмус преку кој се мери демократскиот капацитет. Ноам Чомски до бескрај го критикуваше Буш, но на никому не му падна на ум тој да ја изгуби катедрата на МИТ. Спрема тоа, филозофот по вокација е дисидент и за тоа не треба да биде казнет, затоа што тој и не може да биде казнет, затоа што е посветен на вистината и неговата казна не е од овој свет. Би сакала да се посветам на научната и универзитетската работа, иако знам како денес работат и преживуваат универзитетите.

Loading