ЈАПОНСКО ПРИЛЕПСКИ ОПЕРСКИ КОНЦЕРТ

Прилепско културно лето од вечерва до 28 август

Со оперски концерт вечерва од 21 часот, по повод 20 години независност на Македонија, стартува традиционалната манифестација Прилепско културно лето на ЦК “Марко Цепенков”. Настапуваат Јасунори Окумура, баритон од Јапонија, сопранот Ирена Крстеска, во пијано придружба на Виктор Митревски. Уметниците ќе изведат дела од Косаку Јаманда, Прокопиев, Сметана, Рахмањинов, Моцарт… Јапонскиот гостин со интернационална кариера се пробивал од четиригодишна возраст со свирење виолина. На осум години станал член на детскиот хор во Хирошима, каде завршил соло пеење на универзитетот Елизабет. Во репертоарот има улоги во бројни опери, како “Волшебната флејта”, “Паљачи”, “Свадбата на Фигаро”. Окумура е и диригент на повеќе хорови, меѓу кои на хорот Стеирер во Виена. Прилепчанката Ирена Крстеска моментно е на постдипломски студии на Универзитет во Виена. Преку МОБ, зад нејзе стојат ролји во оперите “Пепелашка”, “Волшебната флејта”, “Старата мома и крадецот”, “Веселата вдовица”… Пијанистот Виктор Митревски има долга семејна музичка традиција. Одржал бројни концерти и освоил државни награди по музика. Културното лето продолжува на трети август со претставата “Секс, лаги и диви гуски” во режија на Саша Нацевски, на МДС. Во четврток е концертот на младата, надежна пијанистка Александра Гическа, ученик во ОМУ “Ордан Михајлоски – Оцка”.

Loading