ЕУРЕКА

Прелистуваме една книга со приказните од нашиот собирач Марко Цепенков. Сретнавме еден збор што предизвикува радост и тера на размислување.

И каква случајност! Просто неверојатно! Слушаме на Македонското радио дека ќе се емитувала радиодрамата за деца, според приказната на Марко Цепенков – “Силјан Штркот”. Се разбира, извршена е адаптација на приказната. Се најавуваат учесниците, режисерот и човекот што извршил адаптација. Веднаш се препознава текстот врз кој е вршена адаптацијата. Уште во почетокот таткото на Силјан ја прашува жена си:

– Дали им фрли слама на добиците?

– Не сум, не сум, бре домаќине – одговара домаќинката.

Цепенков никогаш не би рекол и не би напишал вака. А и не треба така. Одговорот – “Не сум, не сум”, ништо не ни кажува. Исказот е нецелосен, затоа и нејасен. Тој може да гласи – “Не сум турила” или едноставно – “Не”.

Во приказната се споменува и именката СЕДАЛО. И тоа е погрешно. Станува збор за СЕДЕЛО (седелото на штркот). СЕДАЛО би значело сосема нешто друго. Не ни е јасно дали оваа грешка е на актерот што ја изговара или пак на човекот што вршел адаптација на текстот. Имаше и повеќе грешки во радиодрамата. Ги набележуваме само овие за да констатираме дека Марко Цепенков уште во турско време не би ги направил, а човекот што го адаптирал текстот во денешно време, направил грешки што не се оправдани.

Но, да се вратиме на книгата што ни е в раце и на приказната што ја разгледуваме. Раскажува тука Цепенков за еден праведен и умен човек кој патувал за во градот. По патот, му се придружил некој непознат. Тоа бил ѓаволот, преправен како човек. Оделе така подолго време и разговарале за повеќе работи. Праведниот и умен човек, според разговорот што го воделе, насетил дека непознатиот е ѓаволот. Не сакал да патува заедно со него и барал начин да се ослободи. Но, Цепенков не вели така. Тој употребува збор што не натера да размислиме малку подлабоко. Цепенков вели дека умниот човек сакал да го ОТСЕБИТ од себе ѓаволот! Да го ОТСЕБИТ! Колку убав збор! Во прилепско и пошироко, во постаро време, на глаголите од сегашно време им се додаваше “Т”. РАБОТИТ, СЕДИТ, ОДИТ, ВИКАТ и така натаму. Се среќава тоа и кај Мисирков. Со кодифицирањето на македонскиот литературен јазик, таа појава е отфрлена. Да го земеме сега зборот (глагол) на Цепенков – ОТСЕБИТ. Ќе го отфрлиме тоа архаично “Т” и ќе добиеме збор – ОТСЕБИ! Некој сака нешто да ОТСЕБИ! Праведниот човек сакал да го ОТСЕБИ ѓаволот.

Да ги испокршиме сите катанци, ширум да ги отвориме сите врати и да го пуштиме овој збор од сите страни да може да влезе во нашата лексика.

Нашиов човек, ако нешто или некој му пречи честопати вели дека сака да се ОТАРАСА од таа непожелност. Но, зборот ОТАРАСА, не е наш. Обично, луѓето го заменуваат со тоа дека човекот сака да се ОСЛОБОДИ од некого или од нешто. Може и така, но сепак изразот не е доволно прецизен. Има пошироко значење. Понекогаш човек може да рече дека сака да откачи некого (ако му пречи). Можни се и такви изрази. Можеби и некои поинакви. Но, зборот (глагол) ОТСЕБИ би бил навистина пријатно изненадување и збогатување на нашиот јазик. Тој збор и најточно би ја одразувал смислата на тоа, кога човек сака да отстрани нешто од себе, да се ослободи од нешто, да откачи нешто.

Архимед, кога констатирал дека секое тело потопено во течност, губи од својата тежина колку што тежи истиснатата течност, извикал – ЕУРЕКА (најдов, открив).

Заслужува ли глаголот ОТСЕБИ таков восклик?! Да! Како што заслужува именката ЗАФАТОК што ја употребува Крсте Мисирков. Тоа е рудникот во кој ние треба да копаме. На таков начин треба да го надградуваме и да го збогатуваме нашиот јазик.

Ќе успееме ли да го ОТСЕБИМЕ нашиот комплекс на помала вредност и да прифаќаме сé што е туѓо?!

Благоја Ивчески

Loading