ПРИЛЕП “ГОРИ” ВО ПИВСКИ ПЛАМЕН

Отворен деветтиот фестивал на пивото

Devojki i momcinja vo makedonsko pivsko ruvo defiliraat za krasota na ambientot na Pivofestot

Сите патишта следните три дена нема да водат за Рим, туку за престолнината на пивото, Прилеп. Се заборави дека Прилеп е препознатлив по тутунот, по Марковите Кули, по мермерот. Градот веќе се претвори во пиволенд, по синоќешното кревање на завесата на фестивалот на пивото и скарата, Пиво фест. Наместо вода, под отворено небо, жедта се гасне со пиво, замезено со кебапи на скара. На славата на пивото се очекуваат над 300 илјади гости. Градот пулсира во пивски ритам. Малиганите вијат пивски танц. Се кренаа и се испијаа до дно првите кригли и штуцни со малку горчлива вкусна пена на десетина пиварници и нивни претставници од земјава и странство. Се празнува со Скопско, Прилепско, Лашко, Никшичко, Пауллагер, Ирското Мемфис, Калсберг, Каменица, Туборг, Хајнекен… на 32 штандови на 5800 метри квадратни. Некои пиварниците подготвија штандови на кат, да прифатат повеќе мераклии. Сефте наздравија пиво со градоначалникот Марјан Ристески, осум момчиња и девојки облечени во специјална носија со македонска орнаментика. Тие се домаќини и се своевидна атракција. Се грижат за сите информации за гостите. Градоначалникот Марјан Ристески им посака добредојде на сите гости и прилепчани на незаборавна музичка журка со пиво. Адреналин го опкупира градот. Возбудата сношти ја предизвика словенечката група Ред Фиве Поинт Стар. Настапија и французите, Џоук и нашите бендови Фолтин и Супер Хикс. Денеска, петок за забавата ќе се грижат Прпл цапелин, Кросроад блуз и Ван Гог од Белград, а во сабота нашите пејачите на народни песни Елена Велеска, Благица Павловска, Гоце Арнаудов. Саботната треска ќе кулминира со Харис Џиновиќ. Увертира на неделниот настап на балканската легенда, Здравко Чолиќ ќе бидат Влатко Илиевски, Елена Ристеска и Ламбе Алабаковски. Чола ќе излезе на од Комерцијална банка на сцената од 150 метри квадратни, осветлена со стотици рефлектори и две патеки за поблизок контакт со публиката. Бината ќе биде поимпозантна од ланската за Цеца, а озвучувањето ќе се мери со илјадници децибели, според мерките на неговите стручнаци. Во полноќните часови на помалата сцена се менуваат диџеи од земјава со посебен музички избор. Реге, рок, диско, рап се меша со турбо и струмички трубачи до мугра.

Loading