ИЗНУТРИЦА И ПОСЛАСТИЧАРНИЦА

Неодамна официјално се отвори новиот стадион во Скопје. Навистина, прекрасен објект. На отворањето, со свои говори, продефилуваа повеќе компетентни лица. Еден од нив ни соопшти дека ако се гледа од воздух, стадионот изгледал ВЕЛИЧЕНСТВЕНО! И од други сме ја слушале оваа грешка. А зошто ВЕЛИЧЕНСТВЕНО? Па нели, именката е ВЕЛИЧЕСТВО, а не ВЕЛИЧЕНСТВО! Но, ете, невнимание! Како обично.

Друг претставник, во својот говор, ни објасни дека биле поставени на стадионот столчиња со НАСЛОЊАЧИ. Во нашиот јазик немаме такви именки со наставка ЊАЧ (ЊАЧИ). Тоа се столчиња со НАСЛОНИ или столчиња со ОБЛЕГАЛА, а не со НАСЛОЊАЧИ. Именката ОБЛЕГАЛО малку се користи и со тоа и се прави неправда. И глаголот ОБЛЕГНУВА и придавката ОБЛЕГНАТ и глаголската именка ОБЛЕГНУВАЊЕ треба да бидат повеќе застапени. НАСЛОЊАЧ – никако!

Разговор на една телевизија за кучињата скитници. Поплаки дека кучињата биле и агресивни. Треба да се бара решение. И кучињата со сопственици се пуштени слободно по парковите, по улиците. Критика и за сопствениците. Одговорно лице објаснува дека треба да се води строга сметка за изметот од тие кучиња. Вели дека тој треба да биде УКЛОНЕТ некаде, зашто бил опасен и за ПЛУЌАТА и за ЈЕТРАТА. Точно е дека изметот треба да биде ОТСТРАНЕТ, а не УКЛОНЕТ. За ПЛУЌАТА и за ЈЕТРАТА сме пишувале и порано. Сега, само ќе констатираме уште еднаш дека употребата на тие зборови е груба јазична грешка.

Запленет бил голем камион (ладилник) со замрзнато месо. Рокот на траење, одамна поминат. Натегања за тоа, кој и зошто го набавил тоа месо. Но, тоа не не интересира. Ја подвлечеме изјавата на портпаролот на МВР. Објаснува тој за тоа што имало во камионот. Поголемото количество било вакво или онакво месо. Извесен дел бил ИЗНУТРИЦА. Овој збор, оваа грешка, одамна не бевме ја чуле. Портпарол на министерство е должен добро да го владее јазикот, сопствениот јазик. На соодветниот портпарол чистотата на јазикот, особено логичното акцентирање, не му се за пофалба. Прави тој повеќе грешки, но оваа со ИЗНУТРИЦАТА е голема. Немаме ние таков збор. Тоа се ВНАТРЕШНИ ДЕЛОВИ, а не ИЗНУТРИЦА.

Актуелно беше, во предизборието, промовирање и образложување на програмите од определени партии. Еден политичар прави промоција на својата програма. Ги куди моменталните состојби во државава, во сите области. Зборувајќи така, апелира, граѓаните да помогнеле за да се направи ПРЕОКРЕТ. Зошто му е овој збор? Македонското ПРЕСВРТ, зар воопшто не му е познато?!

Уредник на дневен весник. Истовремено, уредник и на една од нашите национални телевизии. Разговара со негов колега, новинар. Јазикот – ужас!

Сме ги употребиле сите атрибути – несовесност, неодговорност, невнимание! Не можеме да најдеме поточен збор што може да го окарактеризира јазикот на овој угледен новинар. Тој постојано нé бомбардира со погрешни зборови, погрешни изрази. ПЛАВУША, ПРЛЈАВО, ТАКО ДАЛЈЕ и што ли уште не. Нема да ги набележуваме сите грешки од соодветната емисија. А и да сакаме, не можеме да го направиме тоа. Многу се! Премногу! И не само во оваа емисија. Секогаш! Овојпат бележиме една “нова” грешка, грешка што досега не сме ја слушнале. Новинарот објаснува нешто за некој човек и вели дека тој имал ПОСЛАСТИЧАРНИЦА! Слатките од СЛАТКАРНИЦА, веројатно не му се доволно слатки.

Може ли некој да му укаже на овој новинар за катастрофалниот македонски јазик!?

Најпосле, има ли закон?!

Благоја Ивчески

Loading