ПЛАНИНСКИ ВРВИЦИ

Контактните емисии на телевизиите се мошне гледани. Особено оние од областа на медицината. Луѓето имаат разни здравствени проблеми, па се јавуваат, прашуваат, бараат совет. Докторите одговараат. Можеби советите се добри, одговорите точни, но притоа, јазичните грешки се многу чести. Неодамна на таква емисија се разговараше за очните болести. Во студиото – водителката и докторката (специјалист за очни болести). Се зборуваше, се објаснуваше за глаукомот, за катарактата и за други очни болести. Се јавува слушателка и прашува, како може да се лекува катарактата (перде), што ја имала таа на двете очи. Слушателката е во поддминати години. Докторката објаснува дека станува збор за СТАРАЧКО перде. А зошто СТАРАЧКО? Зошто не – СТАРЕЧКО перде? На македонски треба токму така – СТАРЕЧКО, а не СТАРАЧКО. Оваа грешка сме ја слушале и од други лица од областа на медицината. Сме слушале за СТАРАЧКА изнемоштеност, за СТАРАЧКИ дијабетес.

Да се вратиме на емисијата. Докторката објаснува дека пердето, во денешниве услови, лесно може да се отстрани со хируршки ЗАХВАТ. Еве уште една грешка. Зошто да биде ЗАХВАТ а не ЗАФАТ? Човекот се ЗАФАЌА со некоја работа и ја завршува. Штом се ЗАФАЌА, прави определен ЗАФАТ. Чудно е зошто се користи српската форма ЗАХВАТ. Нашиот глагол е ФАЌА, ЗАФАЌА, а не ЗАХВАТА.

Објаснува докторката за деликатноста на очните болести. Вели дека за видот треба да се води многу РАЧУН. Пак еден туѓ збор. Збор што го нема во нашиот јазик. Познато е дека тој кај нас гласи СМЕТКА, а не РАЧУН. Зар малку сме слушале и слушаме за завршна СМЕТКА, за ЖИРО – СМЕТКА и разни други сметки и пресметки. Од ова произлегува дека за видот треба да се води СМЕТКА, а не РАЧУН. Неверојатно е зошто овој збор РАЧУН е толку многу застапен и во секојдневната комуникација, а и во сметководните институции.

Објаснувајќи така докторката, вели дека некои од очните болести се лекуваат на долги СТАЗИ. Повторно туѓ збор. Истава грешка ја слушнавме и во една друга емисија на друга телевизија. Некоја девојка објаснува нешто за скијачките услови на Попова Шапка. Ги фали скијачките терени. Вели дека имало многу убави такви терени, а СТАЗИТЕ биле одлични. Го повтори повеќепати зборот СТАЗИ. ПАТЕКИ се тоа. Скијачките ПАТЕКИ на Попова Шапка биле одлични а не СТАЗИТЕ, а болестите на очите треба да се лекуваат долготрајно или ако се сака да се каже посликовито – на долги ПАТЕКИ. Но, ете,и докторката и девојката што ги фали скијачките терени го одбрале зборот СТАЗИ. Се разбира, и двете ја направија истата грешка.

Српската именка СТАЗА, кај нас може да се преведе на два начина. Во определени случаи, наместо СТАЗА имаме ПАТЕКА. А оние тесни, козји патчиња по планинските предели се викаат уште и ВРВИЦИ. Тој збор како помалку да го слушаме, а напротив, треба пошироко да му ја отвориме вратата. Добиен е од глаголот ВРВИ. Имајќи ги двата збора – ПАТЕКА и ВРВИЦА, можеме да направиме разграничување, да ја почувствуваме нијансата на нивната различност. Патеката би била секој потесен пат или како што имаме – ПЕШАЧКА ПАТЕКА, ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА, СПОРТСКА ПАТЕКА и така, многу други и поинакви патеки. Додека ВРВИЦАТА повеќе се однесува за определени тесни патчиња, на отворен терен, особено по планините.

Еве, сега, пишувајќи го овој текст, слушаме на телевизија некои рецепти за здрава храна. Слушаме дека било потребно, меѓу другото и една цела ПОМАРАНЏА. Во нашиот јазик тоа е ПОРТОКАЛ, а не ПОМАРАНЏА. Тој плод не вирее кај нас и неговото име нема некој корен во нашиот јазик. И ПОРТОКАЛ и ПОМАРАНЏА не се наши зборови. Но во нашиот јазик како норма е земен зборот ПОРТОКАЛ. Но ете скопскиот жаргон врши силен притисок и во другите градови од Македонија па затоа ПОМАРАНЏАТА ја слушаме на повеќе места. А не треба така.

Благоја Ивчески

Loading