НОВ ОДВОД ЗАД КАТНАТА ГАРАЖА

Сашо Николоски – директор на ЈП Водовод и канализација

За скоро време се надминува опасноста од поплави во центарот

Ќе се куртулат од поплави семејствата во околината на катната гаража. ЈП Водовод и канализација подготвува проект за решавање на проблемот со излевање на водите од Дабничкиот канал. Се очекува до октомври да се стави крај на маките што ги доживуваат граѓаните, предизвикани од поројните дождови. Директорот на ЈП Водовод и канализација Сашо Николоски уверува дека непријаностите ќе бидат минато. Кога има пообилни дождови на подрачјето на Маркови Кули, доаѓа до одредни поплавувања на центарот, околу Комерцијална банка и зад новата катна гаража. Стручнаците го анализираа проблемот и констатираа дека е нужна интервенција. Заедно со локалната самоуправа веќе реализираме проект. Се вршат последните испитувања и геодетски мерења. Веројатно ќе се изведе нова одводна линија по улицата “Сотка Ѓорѓиоски”, зад катната гаража, со профил, кој ќе покаже дека е најадекватен. Со изведбата на тој канал ќе се симнат главоболките на граѓаните. За еден месец проектот ќе се финализира, а после ќе се избере изведувач. До октомрви, еднаш засекогаш, ќе се острани проблемот на излевањето на водите – вели Николоски. Првиот човек на Водовод и канализација, на фирмата носител за изведувањето на големиот проект за изградба на пречистителната станица и за реконструкција на дел од канализациската градска мрежа, најавува скорешно отпочување на работите. Николоски проценува дека до средината на 2013 година Прилеп ќе има нова колекторска мрежа во должина од 23 километри, нова секундарна канализација од 40 километри, и нова пречистителна станица за отпадните води. Најавува дека дел од старата фекална канализација ќе се исползува за подобрување на дождовната канализациска мрежа. Моментно се евалуира изборот, односно суперконтрола на проектот вреден над 20 милиони евра, од кои дел се од ЕУ. Има дополнителни средства од ИПА фондовите на ЕУ и од Министерството за животна средина. До август ќе бидат распишани и тендерите за реконструкција на канализациската мрежа и за изведба на пречистителната станица. Реално во октомври може да се очекува почеток на градбата, која ќе биде паралелна и на станицата и на промена на градската канализациска мрежа. На места со поголеми проблеми, како што се Тризла и Чачорица, целосно ќе се замени канализационата мрежа – објаснува Николоски. Тој смета дека Прилеп располага со добра канализација. Претстои промена на околу 60 отсто, од мрежата, а останатиот дел е во добра техничка кондиција.

Нема опасност од недостиг на вода

Нема место за стравување од нарушување на водоснабдувањето на Прилеп, кој главно користи вода од регионаланиот водовод Студенчица. Бунарите се подготвени, а и филтерската станица може да се вклучи во мрежата за неколку дена. Студенчица дава околу 1500 литри во секунда. Но поради малите количества снег зимоска, не е исклучено нагло опаѓање на дарежливоста, и покрај мајските врнежи дожд. Вршиме постојана контрола на бунарските постројки. Тие се во добра кондиција, без дефекти. И ако дојде, до нарушување, бунарите се подготвени да се вклучат во градската водоводна мрежа. Сепак, би апелирал до граѓаните да ја штедат водата. Граѓаните имаат голем придонес во потрошувачката. Трошат од 250 литри во секунда, а се случило и до 550 литри во секунда. Во стенд бај позиција или конзервација е и филтерската станица која може за неколку дена да се поврзе со мрежата и еден милион кубни метри вода од вештачката акумулација да стави на располагање за пиење – вели Николоски.

Loading