ОСНОВИ НА УЧИЛИШНАТА ПОЛИТИКА

Иако често во моите колумни сум бил беспоштеден кон мојот народ, се признавам за оптимист. Можеби понекаде малку саркастичен, па и со сомневање, сепак со полно доверба. Нигде песимизам и резигнација, кога пишувам за вербата во културноспособноста на мојот народ, ако сакате вербата во македонскиот гениј. По силата на едно долго несреќно историско воспитување и делби, каков калеидоскоп од образование претставувале разни туѓи влијанија, туѓи мисли, концепции и идеи. Какви не воспитаници протатнале низ оваа наша Македонија. Во каков хаос се наоѓале нашите домородни интелекти кои играле нечија улога во политиката. Денес се наоѓаме пред еден извршен факт. Македонија постои, живее и оди напред, благодарение на неисцрпната енергија, собрана со течение на историскиот сон на Македонецот. Време е да ги определиме јасно нашите цели за културноспособноста на македонскиот народ. Преведено на јазикот на практичната педагогија, таа девиза гласи: образование и воспитување. Од овие два идеала, првиот го имаме доволно. За жал, многу послабо се посветува внимание на факторот воспитување. Ете зошто, сите грижи на нашите училишта треба да бидат насочени кон вторио идеал: сестрано воспитување, со особен развој на повисоките морални квалитети: љубов кон татковината и народот, верба во неговиот гениј, љубов кон човештвото, толерантност, уважување на туѓото мислење, поимите за закономерност и законитост итн. Желна за возвишени идеи и длабоко забраздена во интернетот, компјутерите и телевизијата, кај младината второстепена станува вербата во својот народ и својата земја, нејзината верба во себеси и иднината. Во такви услови, таа повеќе се одвлекува кон космополитизам пред љубовта кон родната земја. Тоа е еднакво на откажување на задачите кои ни е судено да ги исполниме како посебна нација. Таквото самоубиство, училиштето не треба да го дозволи. Опшеството и народот имаат полно право да бараат од училиштето да ги култивира сите оние благородни чувства кои ја поврзуваат една личност со својата родна земја.

Да се потсетиме на минатото и да ги слушнеме нашите поети, вљубеници во својата родна земја:

…Македонијо ако те заборавам

или јазикот да ми онемее

Оваа земја по која чекорам

и нека вечно проклетство

оваа земја за своја не ја знам

во мене тлее …

оваа земја, простете е туѓа

или … таму зората греит душата …

Н.Ј. Вапцаров во Софија

Вие кои ги сакате овие поети, сакајте ја татковината исто како нив, имајте верба во генијот на својот народ исто како нив. И бидете убедени дека не само тие, но и најголемите космополити не се откажуваат од својата татковина. Не се сомневам дека еден Бебел се гордее дека е Германец, син на таа земја која ги родила еден Гете, еден Шилер, еден Кант, еден Фихте. Никогаш не смееме да заборавиме дека ние сме македонци и патриоти, дека сме библиски народ, а потоа интернационалисти. Затоа тешко ми паѓа кога воопшто и се спомнуваат некои разговори за промена на името, а посебно сомнежите на поединци при поставувањето на нашите културно – историски споменици, од некои кои како да се паднати од друга планета.

Јас би сакал училиштето да покаже дека љубовта кон родната земја и космополитизмот, кон сопствениот народ, кон мајчиниот јазик, не се само поими кои се исклучуваат. Тоа, училиштето, ќе го направи, ако малку повеќе му се вдахне верба во генијот на својот народ.

И што да помислам за таа младина, воспитана во краен песимизам и скептицизам, која ја изгубила вербата дури и во себе, кога утре во рацете ќе ја има судбината на Македонија. Погледнете ги само имињата на фирмите кои ги отвориле тие млади луѓе и ќе ни стане јасно дека интернационализмот длабоко се вкоренува кај нас на сметка на нашата македонштина.

прим. д-р Благоја Дамески, член на советот при општина Прилеп

Loading