КУМЕНЏИЈА, КУВЕНЏИЈА – КУЈУНЏИЈА

Добар млад пријател. Прилепчанец, кој сега живее во Струга. Нé изненади со телефонско јавување. Вели дека преку интернет редовно го чита “Зенит”. Рубриката “Јазичен агол” посебно го интересирала. Прашува како треба да се вели, како е правилно – куменџија или кувенџија? Спореле со сопругата. Таа сметала дека треба кувенџија (како што е во Струга), а тој мисли дека треба куменџија (како што се вели во Прилеп).

Се најдовме, што би се рекло, во небрано. Малку сме размислувале за овој збор и не можеме веднаш да дадеме некој поточен одговор, особено вака, по телефон. Рековме дека (ако успееме) ќе одговориме подоцна. Па еве, нека биде одговорот и на ваков начин, преку “Зенит”.

Само делумно имаат право и тој и сопругата. И кувенџија и куменџија имаат само архаично и локално значење. Ако треба да го употребуваме зборот во оригиналната форма, тој гласи КУЈУНЏИЈА. Потеклото му е турско. Оваа форма е регистрирана во сите речници, лексикони и енциклопедии во кои пребарувавме. Во тритомниот Речник на македонскиот јазик регистриран е зборот КУЈУНЏИЈА и предаден на српски исто така – КУЈУНЏИЈА. Одбележан е и зборот КУВЕНЏИЈА но со упатување на КУЈУНЏИЈА. Во Лексиконот на Зозе Мурговски го има зборот КУЈУНЏИЈА со објаснение дека тоа е трговец или изработувач на накит. Во истиот Лексикон е внесен и зборот КУВЕНЏИЈА со образложение дека тоа е архаизам. Во Лексиконот на Вујаклија образложението е речиси исто – изработувач на предмети од злато и сребро.

Во Речникот на странски зборови од Братољуб Клаиќ исто така стои КУЈУНЏИЈА, со објаснување дека тоа е изработувач на уметнички, филигрански предмети. Речиси насекаде, има објаснување дека зборот има турско потекло. Во Српско – македонскиот речник и на српски и на македонски приведен е зборот КУЈУНЏИЈА. Во Малата енциклопедија (српска) зад зборот КУЈУНЏИЈА стои образложение дека е тоа изработувач на украсни предмети од злато. Горе – долу, објасненијата се насекаде, речиси исти. Некаде стои, едноставно – ЗЛАТАР.

Постои уште еден збор со истото значење. Тоа е именката ЈУВЕЛИР. Во Македонија ретко се среќава. Во Српско – македонскиот речник и на српски и на македонски зборот е предаден како ЈУВЕЛИР, без образложение. На другите места, таму каде што има објаснувања, исти се како и за КУЈУНЏИЈА. Клаиќ вели дека зборот има латинско потекло, Зозе Мурговски вели дека е француско, а кај Вујаклија стои дека потеклото е холандско.

Да заклучиме со КУЈУНЏИЈАТА. Ако треба да го употребиме овој збор, правилното е тоа – КУЈУНЏИЈА. КУМЕНЏИЈА и КУВЕНЏИЈА, како што рековме, се локализми.

Да напоменеме дека КУМЕНЏИЈА не сретнавме никаде, во ниеден речник или лексикон. Единствено го сретнавме во една приказна на Марко Цепенков. А во петтиот том од делата на Цепенков има речник на помалку познати зборови. Тука го има зборот КУМЕНЏИЈА со објаснување дека тоа е КУЈУНЏИЈА. Бидејќи Цепенков е прилепчанец, ова е потврда дека именката КУМЕНЏИЈА се употребува само во Прилеп.

Постојат деформитети. Во Прилеп (и кога имаше такви занаетчии) не велеа ФИЛИГРАН, туку ФИЛИГРАМ. За чаршавите (посебен начин на везење, со дупчење) не велеа БРОДИРАЊЕ, како што е правилно, туку велеа БЛУДИРАЊЕ. И тие што изработуваа ФИЛИГРАНИ и тие што БРОДИРАА чаршави, живееја од тие занаети, но ги нарекуваа со погрешни имиња. Таков е случајот со КУМЕНЏИИТЕ и со КУВЕНЏИИТЕ. И едните и другите се КУЈУНЏИИ. Во последно време и тој занает, речиси, исчезнува, како што исчезнува и употребата на зборот. Сега, сите тие се нарекуваат ЗЛАТАРИ, независно од тоа дали произведуваат или продаваат златни предмети.

Благоја Ивчески

Loading