ТЕШКА ЗАГАТКА

Можни се понекогаш и вакви случувања. Треба нешто да се пишува, а во моментов немаме прибележано некој конкретен материјал. Што да се прави? Далечинскиот управувач в раце и – прошетка по телевизиските програми. Бидејќи телевизиите се плодна почва и тука виреат многу грешки, ќе наведеме само неколку реченици со грешки, кои ги слушнавме на разни телевизии. Прво ќе ги набележиме според редоследот, онака како што ги слушнавме. Потоа, ќе прокоментираме нешто.

– Платен данок КОН државата.

– Ќе земат дваесет плати ОТПРЕМНИНА.

– Ова е за нас преголем ЗАЛОГАЈ.

– Со неа можеме да се ДИЧИМЕ.

– Мојот вечерашен ГОСТ.

– Што е тоа – мало ЖУТО и виси на конец?

Да почнеме со ред: ,,Платен данок КОН државата,,. Многу честа грешка. Данок се плаќа НА државата, а не КОН државата. Предлогот КОН покажува правец, правец на движење – ,,Тој се упати КОН шумата,, а овде со данокот е погрешно употребен. Ако купува некој нешто, парите ги дава НА продавачот а не КОН продавачот. Така е и со данокот. Тој се плаќа НА државата, а не КОН државата. Предлогот КОН погрешно се употребува и во други ситуации. Сме слушале: ,,Приклучување КОН НАТО,, или ,,Приклучување КОН Европската Унија,,. Не може тоа така. Можеме да се приклучиме ВО НАТО или ВО Европската Унија, а не КОН НАТО или КОН Европската Унија.

Следната приведена реченица гласи: ,,Ќе земат дваесет плати ОТПРЕМНИНА,,. Не се сеќаваме на кого се однесуваше ова, но тоа е и не е важно. Целта ни е да укажеме на немакедонскиот збор – ОТПРЕМНИНА. Немаме ние глагол ОТПРЕМИТИ. Кај нас тој гласи ИСПРАТИ, ИСПРАЌА. Според тоа, именката ќе биде ИСПРАТНИНА, а не ОТПРЕМНИНА. Многу, премногу често ја слушаме оваа грешка. Ако оди некој во пензија, ние го ИСПРАЌАМЕ од нашите редови и му исплаќаме ИСПРАТНИНА. Едноставно е!

Во контактна емисија, доктор ја образложува тешката ситуација во здравството. Требаше да каже дека не биле во состојба да решат некој голем проблем и тој вели дека тоа за нив било преголем ЗАЛОГАЈ. Каде ли само го најде тој збор?! Па, нели се вели – ,,Голем ЗАЛАК голтни – голем збор не речи,,. Но, ете, на докторот посладок му е туѓиот ЗАЛАК. ЗАЛОГАЈ е српски збор.

Музичка емисија. Водителот и многу гости. Весела атмосфера, распеана. Се пее, се свири, се разговара на разни теми. Водителот најавува некоја пејачка. Зборува за нејзините квалитети, за нејзините постигнати успеси. Ја фали во секој поглед и вели дека со таква пејачка можеме да се ДИЧИМЕ. Што ќе беше ако речеше дека можеме да се ГОРДЕЕМЕ? Но, ете, водителот не се сети за македонскиот збор.

Еден шоумен, ја најавува вечерашната средба со својот соговорник, својот вечерашен гостин. Откако го направи неопходниот вовед, откако објасни, приближно, за што ќе се разговара и најпосле го претстави својот вечерашен ГОСТ.

Соодветниот шоумен сме го гледале и во други емисии. Не прави многу јазични грешки. Што ли му требаше вечерва да кани ГОСТ, наместо ГОСТИН?

Шоуменка, прави некои иронични забелешки на определени политички партии. Се башари, како да е сé нејзино. Зборува со доста нечист македонски јазик. Не ја слушаме многу внимателно. Но одеднаш, вниманието ни го сврте една гатанка што ја постави шоуменката. Гатанката гласи: ,,Што е тоа – мало, ЖУТО и виси на конец,,? Ете, таква загатка ни постави шоуменката, а ние пак не можеме да одгатнеме, зошто го употребува зборот ЖУТО, наместо ЖОЛТО!

Тешка загатка госпоѓо шоумен, белки ќе се обидете да ни ја разјасните некогаш.

Благоја Ивчески

Loading