ПРОМОЦИЈА НА “ЈАЗИЧЕН АГОЛ” ОД БЛАГОЈА ИВЧЕСКИ

Нова книга од Зенит

“Јазичен агол” од Благоја Ивчески е новата книга во издание на неделникот “Зенит”, која вечерва ќе биде претставена пред читателите. Отпечатени се сто написи од рубриката “Јазичен агол”, што на страниците на Зенит се објавувани во период од 2009 до 2011 година. Според авторот, секој труд што завршува со некаков резултат, предизвикува радост. Искрено, порадосен ќе бев ако не излезеше книгава, ако немаше за што да пишувам. За жал, ситуацијата не е таква. Состојбата со јазикот е толку загрижувачка, што оваа книга е премала за да бидат регистрирани сите грешки. А грешките се многу, безброј, во сите области. Во медиумите, училиштата, во театрите и каде уште не! Многу зборуваме за чување на јазикот, на идентитетот, а малку правиме. Штета – вели Ивчески. Режисерот Бранко Ставрев, вели дека Ивчески, своето темелно лингвистичко знаење, може да го пренесе на друг. Книгата поставува болни прашања, но нуди здрави одговори. Решенијата за исправање на недобројните грешки се логични, конкретни, јасни и точни…. “Јазичниот агол” куди, поучува, забавува, отворено го поставува прашањето дали има сила која барем малку може да нé подразбуди – вели Ставрев. Рецензентот Василка Анеска посочува дека книгата зборува за хаосот и апсурдот во кој денес се наоѓа македонскиот јазик. Ивчески пишува во едноставен и разбирлив стил, близок до секој читател, со кој повикува да се негува јазикот, зашто новото време носи и нови изрази, кои како острила, демнат над македонскиот јазик. Насочува на почитување и негување на сопствениот јазик, зашто тој е нашиот идентитет, наша звучна татковина. Книгата е печат на новото време, на “новиот” израз со кој се отсликува една алармантна состојба на македонскиот говорен јазик – пишува Анеска. На Ивчески, кој 40 години помина како актер во театар и превел над 20 драмски текстови и се грижи за чистотата на јазикот, пред две години Зенит му ја издаде книгата “Сеќавања до деветтата”.

Loading