БЕЗ КОМЕНТАР

Телевизиски пренос од програма во Универзалната сала во Скопје. Весело е таму. Се доделуваат награди на најуспешните од разни области. Сето е проследено со музика, со свирка, со смеа. Главен церемонијал – мајстор, забавувач, водител – професионален актер. Актер, кој не е лишен од актерска и од музичка дарба. Напротив, мошне талентиран. А јазикот?! Јазикот со кој ја забавува публиката?! Македонскиот јазик?! Ех, кога би бил, барем приближно, на актерските можности! Не може човек да ги запише или да ги запамети сите некоректности, нелогичности и несмасности. Ќе наведеме некои од оние што успеавме да ги прибележиме. И нема да ги коментираме. Читателите, самите нека проценат. Погрешните зборови ќе ги пишуваме со крупни букви, за подобро да се воочуваат. Еве ги:

– ИСКАЧА ОФИЦИР облечен СВЕ У кожено!

– Кој е СЛЕДЕЌИ?

– ОНДА ја дигам РУКАТА!

– НЕПРИЈАТЕЉ ВРЕЃА ИЗА ЛЕЃА!

– Ова нека ти биде твое МОМАЧКО ВЕЧЕ.

– Ја пуштам РУКАТА!

– Ништо не ИСПУНИЛА!

– Да се ПОНАША тоталитаристички!

– ДАЉИНСКОТО У рака!

– Право УНУТРА!

– ТАЧНО знаев!

– Ова ти е за МОКРАЧАТА!

– На мина сме ВАЉДА!

– ВЛАГАМЕ У павилјон!

– Ми го ИСПРЛЈА миленцето!

– У СТВАРИ ми беше министер!

– Со НАЈБОЉИ другар…

– У секој МОМЕНАТ!

– ИДЕМО ДАЛЈЕ!

– Да отиде СВЕ У ЃАВОЛА!

– У колорит за Македонија!

– Нема да прима ВИШЕ амбасадори!

– ВИШЕ не се вика лаптоп!

– Само на КУВАЊЕ!

– У СТВАРИ меѓу нив ништо нема!

– РУКАВИТЕ не ти се испеглани!

– Знаеш како ИСКАЧААТ луѓе.

– ЛАКОВАНА ШТИКЛА!

– РАТНА шминка!

– Чувај ЛЕЃА!

Еве, олку успеавме да забележиме. А имаше уште многу. Уште премногу. Невозможно е да се забележат сите грешки.

Салата преполна. Расположението, на највисоко ниво. Се смеат луѓето, аплаудираат на церемонијал – мајсторот. Еуфорија! Во првиот ред – министерот за образование. Според реакциите и тој ужива во убавината на македонскиот јазик.

Се смее публиката! Аплаудира! Забавувачот ја надвикува! Премногу е бучно! Прегласно е! Ако, така треба! Гласно, весело! Нека слушнат оние наши јужни соседи! Нека се чуе нашиот македонски јазик не само до Солун, туку дури до Атина. Нека им стане јасно. Нека видат и нека чујат како си го браниме ние нашиот јазик, македонски. Нека разберат уште еднаш дека јазикот не го даваме. А тоа, што слушаме безброј србизми е резултат на нашиот алтруизам, на нашата дружељубивост, а не дека не си го знаеме јазикот. Си го знаеме! Тој се вика МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК! Во оваа пригода не можевме баш да го препознаеме, но тоа и не е многу важно. Важно е да биде весело, да биде радосно, да биде смешно! А јазикот?! Нашиот МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК?!…

А, бре, македонче!

Благоја Ивчески

Loading