ВИСТИНАТА НА ПИЕДЕСТАЛ ТРИ ГОДИНИ

Секој петок од мугрите веќе три години ја величиме вистината. Ја ставаме на пиедесталот, да ни биде водилка на патот кон зенитот. Затоа денес славиме три години од излегувањето на првиот број на Зенит. Пишаниот медиум понудува промоција на идеи, анализи, ставови, бележи настани, претставува наши луѓе кои отскокнуваат од медиокритетството. Конечно сме хроничари на прилепската историја. Упорно воочуваме факти да го составиме мозаикот на вистината. Евидентиравме стотици страници, зашто секој број е нова потврда, оти нема живот на стара слава. Три години се капка во морето. По години инфромативен мрак, Зенит зазеде место на стабилна печатена информативна публикација во градот на непокорот и простумот. Нашите претци обврзуваат да ги следиме нивните пораки и да оставаме траги за нашите потомци. Секој петок во семјството доаѓа ,,изгрејсонце,, со нови видици, ново изненадување, откривања, приказни… Утринското кафе не се ,,фаќа,, без мирисот на хартијата и печатарската боја. Доаѓа виделина во демократските претензии. На годишнината вообичаено се прават биланси, се сумираат резултати. Зенит одолева и расти, и во тиражот. Тоа сведочи дека повеќемина му веруваат и го земаат в раце. Не е воопшто лесно да се создадат 150 различни броја, да им се наметне на пребирливите читатели, кои немаат време за расфрлање по весници. Во динамичниот свет продолжуваме да нудиме курентни теми, иако електронските медиуми се закана врз печатот. Се одржуваме на локалните кревки економски меѓи. Не е лесно ништо како пердув. Секој број е подвиг. Сликата се комплетира кога се знае дека цената од пет денари не е зголемена од првиот број, а сé поскапува. На крај, уверуваме дека сме доследни на главното мерило за квалитет, а тоа е довербата. Со неа нема играчка. Затоа одново и одново, пак ја потврдуваме. Релевантноста ја продолжуваме со сериозниот и одговорен приод. Одржуваме континуитет на респект на читателите со виделина на нивните коментари. Заедно го збогатуваме градскиот дух. Порачуваме дека нема да згасне определбата за искрена соработка со вистината, за нашиот сојуз со аргументите. Јавно се декларираме дека не отстапуваме милиметар од фактите. Тие се светост. И натаму никој нема да биде лишен од пристапот во страниците. Најавуваме техничко и содржинско унапредување. Акцентираме дека само врвните професионални дострели се наш критериум на патот кон етичките вредности и демократските тенеденции. Остануваме светла точка во локалниот медиумски простор.

Loading