ПРЕМИЕРА НА “ЈАС, ИЛИЈА ДИМОСКИ – ШАТОРО”

Утревечер на фестивалот на монодрама во Битола

“Јас, Илија Димоски – Шаторо” е монодрамата која утревечер ќе биде премиерно изведена од актерот Трајче Иваноски на Фестивалот на монодрамата во Битола. Претставата му е посветена на поранешниот градоначалник Илија Димоски. Текстот го напиша писателот Петре Петрески, а режисер е Игор Трпче. Тоа е документарно – играна – монодрама со историски вистини поврзани со животот на Димоски. Фрагментите заслужуваат да се документираат и зачуваат. Претставата е независен проект на Театарската работилница – Прилеп, со голема поддршка на Градската библиотека, ЛС и приватни фирми. Имавме несебично залагање на Димоски, кој отстапи материјали и фотографии – вели Трпче. Според авторот на текстот, Петар Петрески, инспиративна е животната приказна од политичката кариера на првиот претседател на општината во независна и самостојна Македонија. Провокативно е преку ваков книжевен жанр да се претстави една политичка кариера, која дејствувала во едно турбулентно, политички и економски недодефинирано време, кога стариот економско – политички систем во грч и со голем отпор ја напушташе историската сцена, неволно и со “тешко срце”, препуштајќи го просторот на политичкиот плурализам и економскиот капитализам, кој, за жал, тогаш го покажа својот див, неартикулиран и ајкулски карактер. Димоски е човек од народот, кој, додека беше на функција, го слушаше гласот на народот и работеше во интерес на народот. Преку него се прикажува духот на народот, духот на прилепчанецот, кој е специфичен и оригинален по многу нешта, кои се загатнати во монодрамата – вели Петрески. За Илија Димоски монодрамата е кажување од дното на душата. Гола вистина. Радосен сум. Текстот е на чист прилепски дијалект – вели Димоски. Музички соработник во монодрамата е Томе Темелкоски, додека автор на плакатот и рекламниот материјал е Бојана Артиновска- Трпческа. Наскоро од печат треба да излезе и книгата со 40 фотографии, со истиот наслов. Ќе содржи сеќавања, документи, интервјуа.

Loading