ОДИМЕ НА ПОСЕТА, А НЕ ВО ПОСЕТА

Уште еднаш за погрешната употреба на предметот во реченицата. Ќе приведеме веднаш два примера. Првиот “ФИЛМСКИТЕ се дружат со МУЗИЧКИТЕ ѕвезди”. Овде глаголското дејство преминува на предметот, во случајов тоа е именката ЅВЕЗДИ. Но, од конкретнава реченица тоа не е јасно. “Филмските се дружат…”. Не знаеме кој се тие филмските. Дали се филмски работници, филмски режисери, филмски актери? Не знаеме што се. Додека за музичките знаеме дека се ѕвезди. Ако гласи реченицата – “Филмските ЅВЕЗДИ се дружат со музичките”, тогаш станува јасно, тогаш именката (предметот) се однесува и на филмските ѕвезди и на музичките. Во спротивно, нема да знаеме со кого се дружат филмските ѕвезди.

Еве уште еден покарактеристичен пример, кој може да има и вулгарна асоцијација. Реченицата гласи вака: “На СДСМ му расте, на ВМРО – ДПМНЕ му паѓа рејтингот”. Ова е сложена реченица, составена од две реченици. Од втората – “на ВМРО – ДПМНЕ му паѓа рејтингот”, станува јасно што е тоа што му паѓа на ВМРО – ДПМНЕ. Значи, му паѓа рејтингот. Но, во првата реченица – “На СДСМ му РАСТЕ”… не е така. Тука не е јасно што е тоа што му расте на СДСМ. Ние можеме да си претпоставуваме многу нешта. Дека му расте авторитетот, дека му расте внатрешното недоразбирање и којзнае што се друго може да му расте. Ако предметот (рејтингот) се стави во првата реченица, тогаш јасно ќе разбереме што е тоа што му расте на СДСМ. Значи, му расте РЕЈТИНГОТ. Комплетната реченица би гласела – “На СДСМ му расте РЕЈТИНГОТ, на ВМРО – ДПМНЕ му паѓа”.

Ваквата погрешна употреба на предметот во реченицата како да стана правило. Грешката се повторува на сите телевизии. А ја среќаваме многу често и во печатните медиуми.

Во последно време кафето е редовна напивка, во секој дом, во секој угостителски објект, во сите канцеларии. Се пие турско кафе, нес-кафе и уште некои поинакви видови на кафиња. За чудо, честопати ја слушаме употребата на БЕЛА КАФА. Тоа кафе се меша со млеко и така добива белузлава боја. Но, зошто да биде КАФА, а не КАФЕ? БЕЛО КАФЕ, а не БЕЛА КАФА. Секако, позајмено од српскиот јазик, без никаква потреба. Кафето е секогаш кафе, без разлика каква боја ќе добие. Ако му се налее млеко, ќе биде БЕЛО КАФЕ, а не БЕЛА КАФА. Сме сретнале во продавниците дури и да се продава – сервис за БЕЛА КАФА. Пред некое време на една од телевизиите слушнавме уште едно “збогатување” на јазикот .Стануваше збор за разни рецептури на чаеви, на кафиња, за евентуално нивно мешање и така натаму. Слушнавме и за некој рецепт за ЗЕЛЕНА КАФА. Не го паметиме точно рецептот. Веројатно беше некакво мешање на зелен чај со кафе. Но рецептот во овој момент не не интересира. Чудно е зошто – ЗЕЛЕНА КАФА, а не ЗЕЛЕНО КАФЕ. Веројатно преведувале од српски текст, ама не го допреведиле.

“Немојте да ме разберете погрешно, јас само се ШАЛЕВ, го реков тоа во ШАЛА”. Оваа реченица ја слушнавме на телевизија од човек што не треба да прави вакви грешки, но ете тој ги прави.

Именката ШАЛА, не е наша, ја нема во нашиот јазик. Кај нас тоа е ШЕГА. Глаголот е ШЕГУВА (се). Имаме именка ШЕГАЏИЈА. Мнозина, кои знаат дека ШАЛА е српски збор, употребуваат ШЕГА, но прават друга грешка. Велат – “Го реков тоа ВО ШЕГА”. Треба да биде НА ШЕГА, а не ВО ШЕГА. Овде дури е можно и сраснување на именката ШЕГА со предлогот НА и би се добил прилог НАШЕГА. Подобро е да се пишува слеано, како што е НАСАМО (не на само), НАСИЛА, СОСИЛА и така натаму. На таков начин се добиваат прилози од предмет и именка. Со предлогот ВО се прават многу грешки “Претседателот Иванов ВО посета на Германија”, наместо “Претседателот Иванов НА посета во Германија”. Позната е песната :

“… Да ми дојдеш НА визита

Јас да те пречекам…”

Значи, НА визита, а не ВО визита. Многу се ваквите грешки. Во друга пригода малку повеќе.

Благоја Ивчески

Loading