ТИЕ ГОСПОДА, А НЕ ТАА ГОСПОДА

Забележавме во една книжарница мала книшка со десетина раскази од Чехов. Знаејќи дека расказите од Чехов се вистински бисери, веднаш ја купивме. Сме ги читале и на други јазици (српски и бугарски), па еве сега можеме и на македонски.

Ретко го правиме тоа, но овојпат ќе ги споменеме имињата: Преведувач (од српски) – Ирена Добреска, лектор – Павлина Нушева. Издавач е “Просветно дело” (Редакција “Детска радост”). За голема жалост, книгата не предизвикува радост. Неверојатно како можело да се најдат толку многу грешки во малечка книшка. Да набележиме барем некои. Ќе приведеме една реченица, онака како што е напишана во расказот: “Иван Димитрич Червјаков, СЕДЕЛ во вториот ред на ФОТЕЛЈИ и со помош на двоглед ги набљудувал “Корневилските ЅВОНА!”. На српски, дел од оваа реченица гласел – “Седео у другом реду на ФОТЕЛЈИ…”.

Авторот (Чехов), кога раскажува за ликовите, зборува во минато определено време, а нашава преведувачка го прави во минато неопределено. Не вели – “СЕДЕШЕ во вториот ред”, туку – “СЕДЕЛ во вториот ред”. Ваквата грешка е постојана, во целиот расказ. Тука, на преведувачката, и направила забуна српската реченица – “СЕДЕО у другом реду”. На македонски тоа може да се преведе на два начина, дека СЕДЕЛ или дека СЕДЕШЕ. Без должење, овде треба да гласи – СЕДЕШЕ. Веднаш, друга грешка. Преведувачката пишува дека човекот седел ВО ФОТЕЛЈИ. Просто, го препишала српскиот збор, а на српски “У ФОТЕЛЈИ” е падежна форма, а тоа не значи дека човекот седел во повеќе ФОТЕЛЈИ.

Претставата “Корневилските ЅВОНА” е погрешно преведено. Преведувачот и лекторот треба да знаат дека во македонскиот јазик таа именка гласи КАМБАНИ, а не ЅВОНА.

Грешки, колку да сака човек, но еве ќе се задржиме малку на расказот “КАМЕЛЕОН”.

Таму, некое куче каснува еден човек. Интервенира полицаец и вели: “Време е веќе да обрнеме внимание на ТАА ГОСПОДА, која не сака да се покорува на прописите”. Па, зар е жена ТАА ГОСПОДА?!! Именката ГОСПОДА е множинска форма од ГОСПОДИН – тој ГОСПОДИН и тие ГОСПОДА. Значи – ТИЕ ГОСПОДА, а не ТАА ГОСПОДА. Овде станува збор за некои ГОСПОДА кои не сакаат да се покоруваат на прописите. Заменката ТАА е од женски род и никако не може и не смее да се употреби на ваков начин. ГОСПОДИН е именка од машки род, а ГОСПОДА е множинската форма. Може да биде ТАА жена, ТАА куќа, ТАА улица, а не ТАА ГОСПОДА. Имајќи ги предвид овие крупни грешки ги запоставувавме помалите, кои се премногу. На пример, како оваа: Наместо ПЦИ, пишува ПСИ. Но, рековме, ги набележуваме само покрупните грешки.

Еве уште една, крупна грешка. Знаеме дека, обично во западните земји, постои обраќање ВАША ЕКСЕЛЕНЦИЈО, ВАШИ ЕКСЕЛЕНЦИИ… Тоа е обраќање на луѓе од мошне висок ранг. Во Русија, за време на феудализмот, имаше обраќање спрема благородниците – ВАШЕ БЛАГОРОДИЕ. Така е тоа преведено и во бугарскиот јазик. Па и на српски – ВАШЕ БЛАГОРОДИЈЕ. Во македонскиот јазик се употребува – ВАШЕ БЛАГОРОДСТВО. Така е нормирано и во Речникот. Благородството е особина на благородникот.

Нашава преведувачка “измислила” поинакво обраќање и направила голема грешка. Таа пишува – ВАШЕ БЛАГОРОДНИШТВО. Не може така. БЛАГОРОДНИШТВО е целиот благороднички сталеж, а не еден човек.

Очајно лош превод. Ваквите книги заслужуваат да бидат повлечени, а на ваквите преведувачи и лектори треба да не им се дава перо в рака.

Благоја Ивчески

Loading