ИКОНА СО КУЧЕШКА ГЛАВА

Во Галеријата на икони

Уникатноста на делото нема силна уметничка верификација, сепак е драгоцена за националната духовна култура

Мистериозна икона со ореол од кучешка глава побудува интерес во Галеријата на икони од Заводот и Музеј. Тоа е иконата Свети Христофор или Христоносец. Не се одолева на љубопитноста за уникатното дело на светителот со животинска глава, кое во земјава го нема, а надвор од границите е реткост. Кустосот Илија Велкоски вели дека иконата нема голема уметничка вредност, но заслужува внимание заради тоа што е можеби единствена во Македонија. Изработена е во 19 век. За светецот води загадочна приказна. Исус Христос минувал покрај надојдена река во Палестина. Не можел да ја помине, а во близината живеело канибално племе, човекојадци, со кучешки глави. Тие му помогнале и затоа и ореолот на иконата е со кучешка глава. Од силината и моќта на Исус Христос, станал еден од воините на племето, го качил на рамо и го пренесол преку реката. Затоа се вика Христоносец – вели Илија Велкоски, советник кустос во Галеријата на икони. Не се знае кој ја насликал иконата, ниту пак како се нашла во депото на Завод и Музеј. Насликана е кучешка глава наместо лице и половина тело на светецот Христоносец со зелена заднина. Ореолот е жолт. Претставата е на воин, од петти – шести век, со одбранбен штит. Боите се складни.   Иконата нема голема уметничка вредност. Но, значењето е во тоа што е редок приказ на светител. На овие простори нема ни фрескоживописи со тој лик. Ретко и ликот е обработен. За него пишувал Никола Митрески. Нема документација од каде е пронајдена иконата. Иако бев долги години директор во институцијата, не се најде објаснување. Најверојатно, во 60-те години, кога голем број цркви биле напуштени, иконите се донесени во Музејот- раскажува Велкоски. Иконата ги предизвикува посетителите. Се интересираат за приказната, зошто на неа има насликано кучешка глава. Постојано ја раскажувам приказната за Христоносецот. На посетителите нтересно им е да слушнат какво е значењето, но и зошто е насликана кучешката глава – вели тој. Во потрага на информации за Свети Христофор, се најдува само мал опис на неговото житие во календарот на МПЦ. Во списокот на празниците, на 22 мај е запишан празникот во чест на Светиот маченик Христофор. Опишан е како голем чудотворец, особено почитуван во Шпанија, кој настрадал за Христос во 249 г. Народот најмногу му се моли за заштита од заразни болести и помори.

Во Галеријата на икони има 66 икони кои датираат од 16 до 19 век. Претежно се од прилепско поднебје и насликани од прилепски автори, од Адамче Зограф, од Јован Атанасов. Има икони и од мајстори какви што биле Коста Атанасов и Дичо Зограф…

Loading