ДУША – ПОЛНА СО МУЗИКА

Оливер Илиески е млад талентиран тинејџер, кој, во време со многу пороци, успева младешката енергија да ја насочи на вистинското место. Љубов му е музиката. Легнува и станува, и цел ден е со флејтата в раце Заробеник е на музиката. Кога свири, како да дише, а оние кои го слушаат, небаре се галат во кадифените тонови. По шестгодишната музичка дружба во основното музичко училиште, тој без двоумење продолжил да биде заложник на музиката, но во државното музичко училиште во Битола. Неразделен пријател му е флејтата. Со голем жар е посветен на овој дувачки инструмент со нежни тонови. Вели дека, и покрај напорите со секојдневното патување до Битола и назад, не му згаснува пламенот за музиката. Напротив му се разгорува душата кога инструментот ќе го допре до усните и кога од него ќе потечат пријатни тонови кои побудуваат радост. Не се штеди во стремежот комплетно да го освои. Зашто желбата да “го владее”, да го открие до најситен детал, го води кон нови напрегања, кон нова средба со својот “најверен другар” – флејтата. Оливер не пропушта музички настан. Често е учесник на концерти. “Дели лекции”, се качува на врвот, освојува награди и радосно заминува да ја подели среќата со своите. Дури во Валево, на меѓународен музички натпревар, ги собра аплаузите, го остави жирито без здив, закитувајќи се со втора награда. Последни признанија му се двете први места на државниот натпревар во Скопје. Таму имал музички мегдан со “колеги” од цела земја. Колку што му се товар музичките мечеви со подготовките, толку му се и задоволство. Проверувајќи го нивото на квалитет на “свирката”, минува пријатни доживувања со натпреварувачите од други места, создавајќи нови пријателства. Од композиторите кои ужива да ги изведува предничат Моцарт, Бах, Хајдн… Флејтата му е прва љубов. Открива дека клавирот е веднаш зад неа. Не му се непознати ниту ритмите на тапаните. Се обидува да компонира. Братучед му го инфицирал со “класиката”, ама на металот. Не е голем планџија, ама типува на флејтата. Сонува да биде член на филхармонија, и тоа во странство. Родителите го поддржуваат, го бодрат, да истрае. Поголем дел од времето го минува со флејтата. Својот “пријател”, со кого комуницира со дување, а овој му враќа со прекрасен звук, го остава на “мир” за викенд. Не му се лути, оти сабота и недела е време, резервирано за другарите и за компјутерот.

Loading