ФЕСТИВАЛОТ НЕСТАНА – ГРЕШКА НАСТАНА

Продавница за овошје и зеленчук. Само да се потсетиме дека некогаш тоа го викавме емиш и зарзават. Сега е затврдена употребата овошје и зеленчук. И подобро е така. Во продавницата се продаваат и маслинки. Некој човек, купил претходниот ден, ама не му се допаднале. Влегува сега во продавницата и му вели на продавачот:

– Мајсторе, маслинкиве не ти чинат.

– Што, овие маслинки не чинат? Види ги, МИСКОЈНА мирисаат! – вели продавачот, по малку навреден.

– Можеби мирисаат МИСКОЈНА, ама не мирисаат МАСЛИНКОЈНА! -одговара човекот.

Овој збор, МАСЛИНКОВИНА (по прилепски МАСЛИНКОЈНА), го слушаме мошне често. Дури и јаболката, ги фали еден продавач, дека мирисале МИСКОЈНА. Сме го чуле тоа и за сливи и за круши, па дури и за сирење.

А што е тоа МИСК? Се вика уште и МОШУС. Тоа е некој ситен азиски елен, без рогови, чии жлезди излачуваат една материја со специфичен мирис и се употребува во козметиката. Одамна сме го заборавиле зборот МИСКО сапунче. Некогаш кога немаше сапун, или многу ретко го имаше, жените сами си вареа од неупотребливите мрсни делови на прасето. Го викаа САМОВАРЕН. И таквиот сапун служеше обично за перење, но често и за миење. МИСКИТЕ сапунчиња беа ретки и се користеа за миење раце и лице. Сега такви миризливи материи се добиваат и по хемиски пат. Но, како и да е, погрешно е да велиме за секоја пријатна миризба дека е МИСКОЈНА (МИСКОВИНА). Така мирисаат сапуните или некои други козметички средства. А ќе признаеме дека не е баш пријатно ако јаболката, маслинките или сирењето ни мирисаат МИСКОЈНА, односно мирисаат на сапун. Обично луѓето МИСКОТ го поистоветуваат со се што мириса убаво, но таквата употреба е погрешна.

Многу често се прават грешки со погрешната употреба на предлозите “НА” и “ОД”. Ова најчесто го слушаме кога не известуваат за прогнозата на времето. Мошне често сме информирани дека на северот ОД нашата земја ќе провејувал слаб снег. Дека на југот ОД нашата земја ќе било облачно со повремени сончеви периоди. Заборава коментаторот дека на северот ОД нашава земја се наоѓа Србија, а на југот ОД земјава е Грција. Нијанса е во прашање, но сепак се менува суштината. Треба да се рече, на северот НА нашава земја, а не на северот ОД нашава земја. Исто така, на југот НА нашава земја, а не на југот ОД нашава земја. Ако се употреби предлогот “НА”, значи дека се однесува на нашата територија, НА југот или НА северот од нашава земја. А јужно или северно ОД нашата земја е туѓа територија.

Слушаме на телевизија разговор за музичките фестивали во Македонија. Фестивали кои се одржувале некогаш и оние кои се одржуваат сега. Се прават одредени споредби. Еден учесник во разговорот објаснува за некој фестивал кој некогаш се одржувал во Скопје. Ги фали квалитетите од тоа време. По подолг разговор, по подолго објаснување, во еден момент соговорникот вели: “Фестивалот НЕСТАНА”.

Дали значи нешто овој збор – НЕСТАНА, во македонскиот јазик? Ништо, ама баш ништо. Од контекстот на разговорот разбравме дека фестивалот за кој станува збор веќе не постои. А зошто човекот вели – НЕСТАНА? Зошто го зема српскиот израз – “Фестивал је НЕСТАО” и потоа, божем го преведува на македонски?! Буквално, тоа би значело дека фестивалот го снемало. Тој може да рече дека фестивалот престана да се одржува, дека веќе не постои или накусо – фестивалот го СНЕМА.

А вака, со – фестивалот НЕСТАНА, нова грешка НАСТАНА.

Благоја Ивчески

Loading