ТЕАТАРОТ Е ЗАДОВОЛСТВО

Коле Ангеловски – 50 години творештво

Точно 50 години творештво одбележува артистот, режисерот, сценаристот, комедиографот, преведувачот Коле Ангеловски со премиерата на “Мангите пијат чај”. Јубилејна му е 2011 година. Дебитираше со главната улога во филмот “Саша”. Академија за театар, филм, радио и телевизија завршил во Белград, по што во 1967 се вработува во Драмскиот театар, од каде во 2008 година заминува во пензија. Во театарот бил во повеќе од 20 улоги. На филм, 40. Учествувал во ТВ серии и филмови, каде креирал повеќе од триесетина улоги. Режирал 120 претстави во театрите низ Македонија и Југославија, од кои 22 во прилепскиот театар. Ставил потпис на два играни филма и на еден документарец. На ТВ режирал повеќе од 500 часа разноразна, главно, играна програма. Во обидот на пишувач на текстови, оставил зад себе три комедии и еден текст за деца. Се занимава и со превод. Издал и ЦД- со преку 40 театарски текстови. Вели дека за да се опстане долго време во една професија потребна е упорност, посветеност и талент. И во пензија, театрите бараат соработка. Професионалниот опстанок, можеби малку е и среќа, можеби знаење, талент. Не знам што е. Почнав како актер во филмови, потоа со режија на филмови, на ТВ, па во театар. Театарот и филмот се сосема различни медиуми. Да се глуми на филм е радост. Режирањето на филмови е неверојатна болка. Ужасна мака е, оти филмот е скапа играчка. Затоа не сакав да продолжам со филмови. Театар е задоволство. Затоа што правиш сакан текст, одбираш луѓе кои ги сакаш, одговараш сам. Важен е занаетчискиот пристап. Нужно е мајсторството да се дотера до гледлива претстава. Не е лесно да се освои вниманието и симпатиите на публиката – раскажува Ангеловски. За уметничките плодови, повеќекратно е наградуван во земјава и во странство. Најдраги му се признанијата за најдобар млад глумец во Југославија на фестивалот во Пула за улогата на “Гаша” во филмот “Да се дојде и остане”, две златни арени и специјалната награда на Сојузот на филмските работници на Југославија “Кокан Ракоњац” за најдобар филм, најдобар глумец на телевизискиот фестивал во Блед за улогата на судијата во телевизиската серија “Да видам да видам што да бидам”, “Златна Рипка”, највисока награда на фестивалот на Југословенска филмска комедија за режија на филмот “Викенд на мртовци”, наградата на Скопје “13 Ноември” за животно дело и државната награда за животно дело “11 Октомври”.

Loading