ЗЕНИТ НЕ Е ВАКЦИНИРАН ПРОТИВ ГРЕШКИ

Во почетокот, написите за јазикот во “Зенит” беа објавувани како писма од читателите. Не беше баш најдобро, во секој број писмо од ист читател, иста тема. Не сакајќи да се наметнуваме или да се мешаме во уредувачката политика, реагиравме дискретно дека ваквата практика не е најдобра. Дека, можеби ќе биде подобро, ако се најде некоја друга форма. Можеби, оформување на некоја посебна рубрика. Од редакцијата реагираа, речиси идентично. И тие мислат дека е подобро така, но се плашат дали ќе се издржи тоа. Дали ќе имаме сили да издржиме со евентуална рубрика, доколку ја формираме. Дали ќе има доволно материјал.

Практиката го демантира стравот. Стоттиот напис веќе одамна е надминат. Да постојат и две рубрики, не ќе можат да се соберат јазичните грешки што ги правиме. Во сите области. Буквално во сите. Медиумите, училиштата, театрите, административните акти. Насекаде! Грешка до грешка. Негрижа, невнимание!

“Зенит” не е “вакциниран” против правење јазични грешки. Општа констатација е дека не се многу, но ги има, се провлекуваат одвреме – навреме. Чудно е и по малку неверојатно што се повторуваат грешки за кои се пишувало токму во “Зенит”.

Повеќепати сме пишувале за погрешното испуштање на членот од некои именки, а токму членот е една од најбитните карактеристики на нашиот јазик. Еве еден наслов на една статија “Значајни вистини за Здружението на пензионери”. Во последно време, многу честа грешка. Именката пензионери неопходно е да биде членувана, маркирана, определена со член. Здружение на пензионерите треба да гласи. Не станува збор за некојси пензионери, туку за пензионерите од нашиов град, пензионерите од еден конкретен разгранок. Сме ја прочитале во “Зенит” истата грешка и со Унијата на жените од ВМРО – ДПМНЕ. Пишува Унијата на жени. И тука именката жени треба да биде определена со член. Станува збор за конкретни, познати жени. Тоа се жените претставнички на Унијата од ВМРО – ДПМНЕ.

Погоре го споменавме зборот разгранок. Во статијата за пензионерите е напишано огранок. И за оваа грешка е пишувано токму во “Зенит”. Еве, тоа се повторува. Не е ОГРАНОК, туку е РАЗГРАНОК. Постои стебло кое се РАЗГРАНУВА, а не се ОГРАНУВА. По таков пат се добива именката РАЗГРАНОК. ОГРАНОК е српски збор. Така е и со многу организации, партии, здруженија. Постои една централа, еден главен Централен орган и потоа постојат РАЗГРАНОЦИ. За жал, најчесто го слушаме погрешното – ОГРАНОЦИ.

Сме пишувале во “Зенит” и за една мошне редовна грешка од спортската терминологија. Еве и тоа се повторува. Среќаваме напишано дека на некој фудбалски натпревар биле постигнати толку и толку ПОГОДОЦИ. Кога ќе сфатиме дека головите не се ПОГОДОЦИ? ПОГОДОК е можен во стрелаштвото. Може да биде во спортската прогноза, во лотаријата. Значи, ПОГОДОК е ако се стрела во саканата цел, ако се погоди таму. ПОГОДОК е ако се погоди саканиот, потребниот број во лотаријата. Во фудбалот не е така. Нашиве новинари велат дека штом топката ќе влезе во голот, дека е тоа ПОГОДОК. Не, тоа е ГОЛ. Велат дека ако фудбалерот постигне гол дека тој погодил. Но, фудбалерот може да погоди точно каде што сакал, да речеме, во левиот агол. Тој погодил, ама голманот одбранил. Значи таквото погодување не е и ГОЛ. Во тие спортови терминологијата е англиска, а ваквото помакедончување не е возможно и не е точно. ПОГОДОКОТ не е ГОЛ, а ГОЛОТ не се вика ПОГОДОК. Слушнете ги јужноамериканските коментатори кога ќе се постигне гол – ГОООООООООООООЛ!

Во последниот број на “Зенит” повторно прочитавме крупна и бесмислена грешка. И таа е објавена во “Зенит”. А грешката се среќава во сите медиуми и во многу разговори на различни нивоа. “Се урбанизира просторот во околината на фабриката “Металец” за градба на индустриски КАПАЦИТЕТИ”.

Чудно е, премногу е чудно, зошто оваа нелогичност ја среќаваме премногу често. Индустриски КАПАЦИТЕТИ! Каква нелогичност! Индустриските објекти, централите, хотелите, не се КАПАЦИТЕТИ. Тие имаат свој КАПАЦИТЕТ, но самите тие не се КАПАЦИТЕТИ. КАПАЦИТЕТ е крајната можност, крајниот дострел. Да речеме, ако се изгради индустриски објект, фабрика за производство на кошули. Ако таа може за една година да произведе 1000 кошули, тоа е нејзиниот КАПАЦИТЕТ. Ако хотелот има 100 легла, тоа е неговиот КАПАЦИТЕТ. КАПАЦИТЕТ на централата ќе биде бројот на произведени киловат – часови за определено време. Фабриките, централите, хотелите, не се КАПАЦИТЕТИ, а имаат свој КАПАЦИТЕТ.

Почитувани пријатели од “Зенит”, овие забелешки не треба да ги толкуваме како навреда, туку како опомена за поголемо внимание. Да не се повторуваат барем оние грешки кои биле објавувани токму во “Зенит”. Забелешките што ги правиме се однесуваат за сите, не само за читателите. Да не излезе како онаа за попот – “Слушај што зборувам, а не гледај што правам”!

Однапред благодариме за разбирањето на нашата добра намера.

П.С Сите ќе бевме посреќни ако немаше потреба од постоењето на рубриката “Јазичен агол”. Ако не постоеја грешки, ако немаше за што да се пишува. За жал, не е таква ситуацијата. И целиот весник да е претворен во рубрика за јазикот, не ќе може да ги собере грешките што ги правиме.

Благоја Ивчески

 

Loading