ГУЛАБИТЕ ГИ ВАРДАТ ПЛОЧИТЕ КАЈ РАЈАТОТ

Рајат Рајатоски раат се сеќава на Рајат радио

Изгниенаа колекција од 2500 плочи

Од мерак по Тозовац до дива радиостаница

Меѓу прилепските дискофили од “времето”, со околу 2500 грамофонски сингл и лонг плеј плочи, кои за жал, повеќе не ги негува, одржува како некогаш, е Рајат Рајатоски – Рајато. Не бил кој знае колку запаленик или пасиониран колекционер. Едноставно збирката ја создавал постепено. Само купувал, а не продавал. Своевремено, кога плочите вределе вистинско богатство и почнале да излегуваат и магнетофоните, дел од колекцијата ја позајмувал за снимање на одредени луѓе, кои како што вели, знаеле да ја ценат музиката од различни жанрови. Сега големата збирка плочи исчезнува во недостиг на простор. “Складирана” е во гулабарникот. Заминала во неврат, заедно со кефот, макар што сé уште не се гасне жарот за музика кај Рајатот.

И Васка, и Дип Парпл

Првата плоча што ја купил 57 годишниот дискофил била од Тозовац. Имал 14 годни. Од осмо одделение натаму, секоја нова плоча на сиромашните рафтови во прилепските продавници, станувала негов “плен” и омилен хит. Непара доаѓаа плочи од најновата музичка продукција. Ако сторев ниет, да имам некоја, ќе ја превртев цела Југославија да ја најдам. Бев мераклија, на сé, на народно, на забавно, на домашно на странско, на Васка Илиева, на Дип Парпл. Собирав плочи, главно од забава и кеф. Бев колекционер и заљубеник во музиката, каква и да е, само да не е класична. Сé се вртеше на грамофонот, првин “врзан” за засилувачот на радиото, а потоа малку помодерен засилувач и звучник. Дел од плочите многу се експлоатираа. Така повеќе крцкаа, отколку што се слушаше мелодијата. Иглите на грамофоните не беа модерни, туку небаре плугови. Ги правеа пуздер плочите. Беа сторени “ренде” од пуштање дење и ноќе на хитовите и шлагерите на Тома Здравковиќ, Мирослав Илиќ и Ханка Палдум, па Бјело Дугме, Индекси и Мишо Ковач… – кажува Рајатоски. Меѓу македонските интерпретатори немал толку омилени. Му лежеле на увото, му ја разнежнувале душата и му го “парале” срцето песните на Зафир Хаџиманов, Блага Петреска…

Фан на Тозовац

– “Паѓав” на Тозовац. Неговиот свилен глас ми беше слабост. И денеска кога на радио ќе чујам песна од Тозовац некаде на улица, подзастанувам, потпевнувам додека не заврши. Немаше песна што ја немав од неговиот богат опус на народни песни. И неговите плочи, такаречи, не се слушаа од чкртање. Кој го мрази, нема чувство за вистинска, искрена и убава песна – оценува Рајатоски. И на пејачките не е имун. Ги има многу кои ги “меркал” и музички им ја “земал мерката да им ја предаде душата”. Не може некој да е пејач, ако некој друг му ги пишува песните. Главно ги признавам кантавторите. Во текстовите да се пренесува животот на интерпретаторот, да се чуе низ рефрените некој животен фрагмент. Кога сето тоа ќе се комбинира со богатство од инструменти и певливи тонови, тогаш се создава хит. Тоа е мојот урнек за музика, а таков е Тозовац. Сам ја пишува и музиката, и текстот. Песните му излегуваат од “дното”, од жилите, од утробата, од главата, од сите делови на телото. Полни се со емоции и предизвикуваат благородни чувства. А денешниве се, чувај боже, во стилот, држ ми ја Донке капата, оти ми се ниша пајтонот – објаснува Рајатот. Дека му бил фан на Тозовац, сведочи и средбата. Додека бев војник, го пронајдов Тозовац. Му отидов дома на визита во Белград. Имаме две заеднички красти. Уживав на неговите песни, а тој, воопшто, во народната музика. Бевме блиски по меракот по гулабите. Двајцата сме гулабари. Лесно се најдовме во муабет. По многу години, ми испрати четириесетина ретки изданија. Се договоривме да се видиме на концерт во Прилеп. Но војната и околностите не дозволија заеднички да поделиме две нешта – музика и емоции – раскажува Рајатот, кој бил работник во Металец, а сега се снаоѓа да го врви животот.

Свадбарско радио

Од љубов кон музиката пред петнаесетина години купил и радио предавател и емитувал музичка програма. Го крстил Радио Рајат – Тозовац. Сакав да го поделам не само Тозовац туку и другите музички ѕвезди со граѓаните. Програмата тргнуваше и завршуваше со Тозовац. Тој имаше “постојана резервација”. На секои пет – шест нумери, врти – сучи, пак го “ставав “преку ред”. Некому можеби ќе му “скиснеше”, ќе му здодееше и ќе свртеше на друга радиостаница, ама и на повеќето слушатели им беше омилен – вели Рајатоски, кој додава дека луѓето му дале прекар Тозоавац, поради “болеста” за овој пејач. Од толку многу пејачи, грев е само еден да доминира и да се слуша. Се јавуваа слушатели и велеа дека со изборот на музиката, “раат станувале и раат легнувале”. Им исполнував желби. Се јавуваа, бараа и слушаа, тоа што ќе го посакаа. Така им легна програмата, оти на други радија не се дозволуваше слушателите да го прават списокот песни и интерпретатори за слушање цел ден – се сеќава Рајатот. Радиото не било “кренато” од бизнис интереси, за профит и печалба. Какви пари, какви бакрачи. Арчев од платата од Металец по нови песни, по нови хитови, по “пресни” плочи. Кефот беше ориентација. Не само мој. Им ја гаснев музичката жед за “мечтаена” музика. Никој не се одбиваше. Нели се вели, глава се крши – атер не се крши. Тоа беше девизата на радиото, буквално за џабе. Дека парите не беа во прашање, ги одбивав и рекламите. Радиото беше музичко, а не комерцијално – вели Рајатот. Кога се поставија станадарди за емитување програми, отишло “по вода” задоволството на слушателите на Радио Рајат – Тозовац. Ниту исполнувањето на честитките за слави и имендени не помогнале, да се куртули дивото радио. А мали биле шансите за озаконување. Државата не ја интересираа нечии страсти. Ми префрлуваа оти сум пуштал странска музика. Доаѓаа инспекции и се стави катанецот – се сеќава Рајатоски за зортот што го претрпел при затворањето. На крајот се “погреба” веќе популарното радио, однапред договорено да “пее” за семејна веселба. Се скусила радоста за песна. А на саклдисан човек, му паѓа товарот, му се олеснува со песна.

Loading