ПО ЗЕМЈА И ПОЗЕМИ

Пријатен е податокот кога ќе разбереме дека излегла од печат нова книга. Таков беше и конкретниов случај. Разбравме и прочитавме во медиумите дека излегла нова книга со наслов – “АРОПЛАН што лета ПО ЗЕМИ”. Убаво е тоа, но не е убаво кога ќе сретнеме грешка уште во самиот наслов. Зборот АРОПЛАН е веројатно свесно напишан така, за да соодветствува на речникот од главниот лик, чие интелектуално ниво не е високо (правилното е АЕРОПЛАН). Грешката е направена со прилошката форма ПО ЗЕМИ. Веднаш да кажеме дека тоа треба да биди напишано заедно, слеано – ПОЗЕМИ. Тоа е остаток од некогашната падежна форма (локативна) со која се објаснува каде се врши или се извршило некое дејство. Може да биде напишано и на современ литературен јазик – ПО ЗЕМЈА. Тука двете компоненти си се пишуваат разделено. И така треба.

Остатоци од ваквите падежни форми постојат во нашите народни говори, па и во литературниот јазик. Ќе набележиме само некои кои се слични на претходниот пример – НАЗЕМИ, ПОДЗЕМИ, ЗАТКУЌИ, ВКУЌИ. Сиве овие прилози се настанати од именки (КУЌА и ЗЕМЈА) заедно со предлог (НА, ПОД, В). Овде именките сосема го имаат загубено основното значење. Ако речеме или ако напишеме ПО ЗЕМИ (одделно), ќе видиме дека зборот ЗЕМИ нема значење на именка, туку евентуално, на глагол во императивна форма (земи книга и читај). Значи, станува збор за наполно сраснување на предлогот ПО со именката ЗЕМЈА (ПО ЗЕМ (ј) И) и така се добива прилог – ПОЗЕМИ. Таков е случајот и со ПОДЗЕМИ, НАДЗЕМИ, ВЗЕМИ, ОДЗЕМИ (го удрив ОДЗЕМИ). Сите тие се сложени прилози и се пишуваат слеано.

Така треба да се пишуваат (слеано) и прилозите – НАТКУЌИ, ЗАТКУЌИ, ВКУЌИ. Овде е можна мала забуна зашто именката КУЌА (КУЌИ) го задржува своето општо значење. Но, не е баш така. Овде не станува збор за множинска форма, (пред повеќе куќи) туку се мисли на една куќа. Не станува збор за ПРЕД КУЌИТЕ, ЗАД КУЌИТЕ, ВО КУЌИТЕ, туку за ПРЕД КУЌАТА, ЗАД КУЌАТА, ВО КУЌАТА. И овде имаме сраснување на предлогот со именката. И тие се пишуваат – ВКУЌИ, ПРЕТКУЌИ, ЗАТКУЌИ. Се добива чист прилог во падежна форма (локативна).

Некогашната српска телевизиска серија “Позориште у куќи” им создаваше проблеми на преведувачите. Колку што се сеќаваме, беше преведена – “Театар В КУЌИ”. Разделено беа напишани предлогот В и именката КУЌА. Погрешно е тоа. “Театар ВКУЌИ” би требало. А можеби најдобро и најточно е – “Театар ДОМА”. ВКУЌИ, значи ДОМА, а не во некои КУЌИ. Во нашата куќа се одвива тој театар.

Има во нашиот јазик остатоци и од други падежни форми – ДОВЕКА, ДОГРОБА, СКРАЈА, ЗДОЛА. И овие прилози се пишуваат слеано.

Остатоци од падежни форми има и кај прилозите (беспредложни) СКОКУМ, НИЧКУМ, СИЛУМ. Мошне чести се грешките со прилогот ШИРУМ. Мнозина го употребуваат како предлог – “ШИРУМ нашата земја”, а треба НИЗ НАШАТА земја, НИЗ СЕТА НАША земја. А зборот ШИРУМ е само прилог и тој се објаснува со прашањето КАКО а не КАДЕ. На пример, “Вратата е ШИРУМ отворена”. Значи КАКО , а не КАДЕ.

Сево ова, со прилозите во падежна форма е деликатно и замрсено. Луѓето кои не навлегле малку подлабоко во проблематиката на јазикот, често прават вакви грешки. Можеби на определен број читатели не успеавме во доволна мера да го разјасниме овој проблем. Но, што се може! Материјата е таква што бара подетална анализа, а просторов тоа не го дозволува.

Се зафативме со обработка на овој проблем, бидејќи станува збор за грешка во насловот на една книга. Грешка, која не е мала.

Веруваме дека тоа нема да ја намали литературната и естетската вредност на книгата.

Благоја Ивчески

Loading