АКТЕР Е КРЕВАЊЕ 100 КИЛА ЖЕЛЕЗА, ГОЛТАЊЕ ЗЕМЈА И ПРАШИНА

Димитар Црцороски, актер

Димитар Црцороски е актер од младата генерација на театарот. Од мали нозе е на “штиците што живот значат”. По диломирањето на факултетот, лебот професионално го вади на сцена. Главна улога е во претставата “Маратонците го трчаат почесниот круг”.

Млад актер, со повеќе улоги. Како ти легна ликот во “Маратонците…”

Бев малку исплашен. Сепак предизвикот беше поголем од стравот, па се впуштив во проектот без многу размислување. Беше макотрпно, но излезе производ, благороден за гледање. Чувствувам дека претставата е добра, оти публиката реагира. Ликот го сакам. Немам мака и десетпати дневно да го одиграм. На крајот, двајцата легнуваме в кревет.

Лесно ли беше да се игра Мирко, лик што се трансформира?

Со ликовите кои се трансформираат, во текот на еден процес, можеш најмногу да експериментираш. Се учи и се стекнува искуство. Навидум наивноста се претвора во нешто опонентно кога ќе го смениш животниот пат. Тргнав од нештата кои ги сакам, но кога тие ќе ги изгубиш заради луѓето околу тебе, ќе станеш човекот кој ќе гази преку лешеви. Мирко од лесен меланхолик се претвора во тежок колерик. И мислам дека се транформира, а?

Колку ти значи улогата?

Прво, па машко. Се вработив и одма главна улога. Што може и друго да се посака. Му благодарам на режисерот Кире што имаше доверба. Не се сомневав во себе. Добро сработив. Научив многу и долго ќе го паметам проектот.

Дел си од екипата во новите претстави: “Тапаните…”, “Кавкаскиот круг…”, “Крпен живот”, “Антица”, “Маратонците….”. Сега и во новата “Мангите пијат чај”. Годи ли постојаноста на сцената?

Нема поубаво од тоа актерот постојано да игра. Плус секој проект е различен. Некогаш се вели дека треба да одмориш ако постојано играш во неколку сезони. Тоа не е случај за младите и ентузијастички настроени актери.

Кој беше поривот да бидеш актер?

Тешко прашање. Актер е да креваш 100 кила тешки железа, да голташ земја и прашина од ќумур, да се брцкаш цел ден во вода од пет до десет степени. Да бидеш соблечен само по здолниште и да лежиш на сцена додека од секаде дува промаја, да се сечеш со срчи додека научиш да жонглираш… Чувството на задоволна публика е неповторливо.

Твојата желба, посакувана ролја?

Кога почнаа да ме земаат во професионалните претстави првите улоги ми беа: Гаваз I, Кујундјура II, Арнаутин III. Се надевам дека ликовите ми ги доделуваат по истиот принцип: Ричард III, Хенри IV , Џорџ VI….

Продолжуваш со едукацијата? Кон што води тоа?

Се разбира да добијам титула Академик.

Какво е чувството да си дел од прилепскиот ансамбл?

Гордост и одговорност. Задача да продолжиш да опстојуваш, со надеж за успешни претстави и гостувања, како кај нас, така и по светот.

Loading