ГИТАРИ ВО АРАБАЏИСКА КОЛА

Музичкиот век на рокерот Кирил Николоски – Шефот

Полицијата го сменила името на составот

Првин рокерски, а после и свадбарки групи

Музицирал рамо до рамо со Драган Мијалковски, Сашка Петковска, Јанко Узунов, “везел” Хеу Џуд од Битлси… палел девојки на игранки…

Градска институција за музичката култура може да се нарече Кирил Николоски – Шефот, оти тој е пионер на прилепската поп-рок музика. Бил основач и менаџер на групите од шеесетите и седумдесетите Сканија, Ес, Прилепски Еснаф… Многу таленти го “испекле занаетот” под неговата музичка палка. Фах на групите им биле игранките и гитаријадите, па дури и забавувале за дочеците на штафетата на младоста. Музицирал рамо до рамо со Драган Мијалковски, Сашка Петковска, Јанко Узунов… За негов атер, во Липа првпат дозволиле да се тргнат масите и да се направи простор за играње, наместо кафанското седење покрај маса и гледање свирка. Не му се непознати ни свирките по семејни забави. Поткревал од столица со ора и чочеци со оркестри по свадби. Низ цела Македонија и Југославија. Ги забавувал и бригадирите во Ново Лагово, додека се градел патот за Мариово. Денес, со Идол, М2 и други потраги по таленти и ѕвезди, секој може да стане дел од естрадата. Ама треба да се “подели” срцето на Шефот, да се види како се “калеше челикот”, како се разкрчувал и создавал уметнички пат. Само да знаат генерациите што доаѓаат дека без мака нема убавина.

Свирачки маки големи

Првиот бенд го основал 1965 по војската. Создавањето рок бенд било вистинска сизифовска работа. Оти имало и пречки од административна и политичка природа. Првата група беше “Скитници”. Ја крстивме оти сите бевме бадијалџии, никој не работеше. Полицијата ме опомени, како повозрасен, да го смениме името, оти сме можеле да завршиме зад решетки. Затоа се прекрстивме во “Медузи” – се присеќава Николоски. Имало маки со наоѓање на простор за вежбање за создавање и збогатување на репертоар со песни. А за асолни инструменти и да не се зборува. И неквалитетните домашни, ги немало, иако биле изгор скапи. Се снаоѓале кој како знае. Користеле самоделски звучници и засилувачи направени од радиа. Николоски изработил бас гитара која подоцна дури и ја продал за солидни пари. Транспортот на инструментите бил посебна болка. Честопати, морале до местото на свирката да ги носат со запрежна кола. Имало и отпори на новиот музички бран. Свирачкиот занает не бил многу популарен меѓу родителите, особено кога биле во прашање девојките. По триста молења и уверувања успевал да ги наговори да им дозволат на децата да свират или пеат. Одвај го кандисал таткото на вокалот Светлана Галоња да ñ даде виза да биде член на групата. А Светлана која сега живее во Уганда, во Африка, имала глас на Џенис Џоплин. И наставниците ги земале на “нишан”. Соло – гитаристот Стојан Петкоски повторувал, заради посветеноста на музиката. Покрај сите таксирати, Шефот жали по минатото што не се враќа. Како што вљубениот не ги забележува мааните кај саканата, така и свирачите, од мерак за музиката, не го паметат лошото…

Сé е лесно штом се сака

Народот рекол дека ако има век – ќе има и лек. Трнливите патеки не го поколебале. Желбата за освојување на локалната и пошироката естрада била далеку посилна од пречките на патот. Кога се копнее по музиката, тогаш и коцките се редат. Се попопуларната музика, прифатена од младите, им се бендисуваше и на повозрасните, оти ја слушаа заедно со своите деца. Наместо отпор и игнорирање, државните служби “отворија душа” и почнаа да помагаат. Преку младинската организација во Ѓогдере го добивме месниот дом на културата за простор за музички тренинзи и за организирање игранки. Тутунскиот комбинат ни отстапи комплет тапани… Со потсобраните пари, инструментално и технички се осовременивме со модерна опрема. За носењето на првите електрични гитари, обожавателите не чекаа на железничката станица. Дарбата за музика и вежбите, заедно со квалитетните инструменти, и нужно беше да родат нови музички ритми и плодови. Звучевме како сосема друг бенд. Затоа се смени и името во “Електрони” – раскажува Николоски. Мрднале технички напред и со превозот. Наместо коњ и кола, за Крушево биле превезувани со Шевролет. На новиот музички бран најмногу “паѓаа” младите, особено девојките. Не остануваа рамнодушни и родителите, макар што често негодуваа. На игранките и свирките, ги најдовме своите девојки и идни сопруги. “Леташе” публиката во воздух, се скокаше во игра, во еуфорична атмосфера, на десетици децибели моќни звуци набиен адреналин на тактовите на хитовите од Битлси, Ролинг Стоунс и Џенис Џоплин, па до Мишо Ковач, Про Арте, Индекси, Бело Дугме. Се почитуваше и нашата македонска популарна група Бис Бес – го враќа “филмот” Шефот. На гитаријадата во киното 11 Октомври групата на Кире имала најуспешна изведба. Победила меѓу десетици конкуренти. Со секојдневни вежби од по неколку часа, не може да не излезе салам производ, певлива песна, хит. Пристапот беше сериозен, без алкохол и забушавање. Музиката беше нашето небо, остварување на соништата. Само не се променувавме по новиот моден бран, заплиснат во земјата. На сцената излегувавме истрижени, костимосани и спастрени. Меѓу членовите владееше другарство. Не се гледавме како колеги, туку и како блиски, со кои поделуваме и арно и лошо. Во мака се поддржуваше нервозниот, тажниот. “Ослабениот” се куражеше морално или финансиски – кажува Кирил Николоски. Десетици групи и членови минале низ “рацете” на Шефот. Остануваат длабоки траги во меморијата на луѓето од едно време. И настаните оставиле печат кај една генерација млади, денеска возрасни, но со разбирање на младешкиот жар.

Loading