ЕМ РЕДУКЦИЈА НА КЛАСИТЕ, ЕМ ПОНИСКИ ЦЕНИ

Се намалуваат бројот на класите од 13 на четири

Новите цени за годинешниот род се пониски и ќе се “погреб” на тутунопроизводството

Тутунот во идната сезона ќе се откупува во четири, плус две класи. Тоа е содржината на новиот правилник за проценка на тутун, изготвен од Министерството за земјоделство во соработка со здруженијата на тутунарите и откупните претпријатија. Со старите норми, тутунот се откупуваше дури во 13 класи. Тутунарите негодуваат од новите стандарди за мерење на вложениот труд. Правилникот го дочекаа на “нож”. Сомнежливи се, оти очекуваа квалитетот на родот да се проценува во три, плус една класа. Наместо да ги зголемат, откупувачите остануваат на ниските цени. А тие ги одредуваат цените на претстојната берба. Понудата за новата реколта е пониска од лани. Мора да се промени нивниот став, оти ќе се намали производството на тутун – вели Данчо Милески од здружението на тутунарите. На Сашо Јорданоски му се познати цените за претстојната сезона. Ако тројката е 108 денари, двојката 160, а првата класа 212 денари за килограм, тоа е катастрофа за тутунарите и погреб на тутунопроизводството. Не бидува ништо со оваа понуда на откупувачите, оти тутунот ќе биде реално поефтин од овој досега. Го земаа за бадијала. Мора да бараме чаре. Итна средба меѓу тутунарите, откупувачите и министерството за земјоделство – вели Јорданоски. На тутунарот со 50 годишна традиција Илија Стеваноски, уште не му се познати новите класи, но може да насети дека пак ќе бидат изиграни. Најбитно е најпродуктивната класа, досегашната тројка да стане двојка, и да има повисока цена. Таа класа досега се потценуваше, а дава над 60 отсто од производството. Не верувам дека ќе се исправи неправдата со проценката, што беше очигледна годинава, кога откупувачите ги “туркаа” класите една подолу – објаснува Стеваноски. Дознаваме дека сменет е и законот за тутун. Само еден член од семејството ќе се евидентира за тутунопроизводство. Во картонот за евиденеција, издаден од Министерството за земјоделство, ќе може да се определат два или три откупувачи за да го преземат очекуваното производство. Се очекува овој начин да воведе ред, оти досега тутунарите склучуваа договори со две, три или четири различни фирми за исто производство. Според извори од парламентарната комисија за земјоделство, најголема промена е направена кај казните. За откупувачите се предвидени високи санкции, петпати поголеми од досегашните. Максималните три илјади, сега стануваат 15 илјади евра казна. Се предвидува и одземање на лиценцата за откуп на тутун, ако се манипулира со проценката. Инаку, неколку стотина тутунари од Прилеп, коопернати на Велес табак, седум недели чакаат пари за предадениот род. Претставници на тутунарите немаа одговор кога тутунарите ќе ги земат парите. Во Велес табак имало околу 800 кооперанти само од Прилеп, кои предале околу 600 тони тутун.

Loading