ОБВРЗНИЦИТЕ ОД ОПШТИНИТЕ – ЗА ДОБРОТО НА ГРАЃАНИТЕ

Експертите тврдат

Инвестициите од тие пари ќе ги почувствуваат граѓаните со нови работни места

Тоа е бенефит за прибирање поголеми пари од она што на општината í припаѓа и треба да го врати долгот, но потребна е стратегија и анализа

Професорот на Економскиот факултет Димко Кокароски ја поздравува идејата на локалните власти за емитување на обврзници за прибирање на средства преку емитување на обврзници за финансирање на капитални локални проекти. Тој го респектира разгледувањето на можноста, иако нема искуства меѓу македонските локални самоуправи. Смета дека секој почеток е тежок, но не е страшен. Нужен е почеток, иако не е лесно да се убедат граѓаните дека општината ќе работи за нивно добро. Инвестиците од тие пари ќе ги почувствуваат граѓаните со нови работни места, потоа придобивки ќе имаат бизнисмените, кои ќе ги изведуваат проектите. Сепак, предупредува дека е потребна внимателност и подготовка на дебела економска анализа.     Градоначалникот Марјан Ристески неодамна обелодени дека локалната самоуправа се носи со идеја да емитува обврзници за финансирање на капитални објекти од градски карактер. Не се дефинирани проектите. Најпрвин би се разгледала можноста за издавање на обврзници за некој помал проект, кој би бил експеримент, искуство за следен поголем зафат. Локалната самоуправа претендира да ги искористат новите законски решенија, со кои е можно да се емитуваат обврзници во соодветна процедура за финансиска поддршка на поголеми зафати од локална природа.

Обврзниците треба да носат принос

Професорот Кокароски вели дека легислативата овозможува локалната самоуправа да емитува обврзници. Тоа е познат и практикуван инструмент, додуша не во локални размери. Нема посебно нешто ново. Да се емитуваат обврзници, нужно е да се задоволат повеќе предуслови. Локалниот економски развој треба да биде водилка да се посегне по издавање на обврзници на локално ниво. Дозволено е, низ комисијата за хартии од вредност, да мине издавање обврзници. Локалната самоуправа треба да знае што сака, кој капитални објекти ќе ги гради, што ќе постигне и, пред сé, да знае и да има податоци од истражувања или стратегија, кои бенефити можат да се очекуваат да се излезе пред граѓаните и компаниите, па и пред банките. Нужно е да се регулира како ќе се враќаат средствата. Затоа што обврзниците треба да носат и принос, а купувачите да се заштитат оти се на подолг рок. Треба да се привлечени, со повисоки приноси од банкарските камати на депозитите. Во тој контекст, треба да се земат некои репери, како банкарските камати – објаснува Кокароски. Со оглед на турболенциите во финансиската сфера, купувачите треба да имаат сигурност со врзување со странска валута. Под долг рок се подразбираат пет до десет години. Сигурно дека обврзницата не би била краткорочна за покривање на некој буџетски долг, за некој дефицит во буџетот. Мора да се знае значењето на капиталните објекти. Колку тие ќе го динамизираат растот и развојот на општината, колку работна сила ќе апсорбираат, ќе внесат ли некои новини, техники и технологии, кои ќе даваат принос. Станува збор за објекти, кои на индиректен начин носат принос за стопанството и граѓаните. На пример, градска гасоводна мрежа, рециклажа на отпад, пречистителна станица, и покрај странските пари, можна е и домашна партиципација, индустриски зони за домашни инвеститори кои ќе овозможат поттикнување на забрзан развој. Тоа е бенефит за прибирање поголеми пари од она што на општината í припаѓа и треба да го врати долгот. Потребна е добра стратегија, анализа, па и добар маркетинг. Треба да се гради доверба на политичка и финансиска стабилност – вели Кокароски.

Вложувачите ослободени од оданочување на приносите

Во време на криза владее глад за пари. За купување обврзници, нужни се квалитетни проекти за да излезат квалитетни пари на виделина. Предимство е тоа што вложувачите се ослободени од оданочување на приноси. Тоа не мора да е носечко. Поентатата е во каматите на обврзниците и за која валута ќе бидат врзани, иако и валутите не се баш сигурни. Извори може да се и банките, граѓаните. Наместо штедење во банки, можат да се вложат во обврзници, доколку каматата е атрактивна. Интерес има за стопанствениците и инвестициските фондови. Важен е проектот. Колку е подобар, толку се поголеми шансите за успех. Битна е гаранцијата за сигурност и стабилноста. Процесот не е едноставен и бара длабока елаборација. Нема искуства во земјава, освен намери на повеќе општини. Во секој случај потребно е опстојно да се размисли и да се направи добра анализа – вели Кокароски. Тој објаснува дека разликите меѓу кредитите и обврзниците, не е само во долгиот рок на обврзницата. Кредитете се скапи, макар што тие во принцип се со покуси рокови. Не е инструмент јавно – приватното партнерство, но може да дава добри резултати. За жал, уште не се експлоатира, оти нема добри понуди, а треба да се бараат добри партнери со слободните средства чија цел е единствено оплодување на влоговите. Никој не вложува пари од сентименти и алтруизам – укажува професорот од Економскиот факултет. Инаку, Централната банка емитува благајнички записи на кус рок, а Министерството за финансии трезорски записи врзани во валута.

Законска подлога

Хартиите од вредност означуваат инструмент /договорен однос/ договор, чија цел е остварување добивка врз основа на претприемачкиот и менаџерскиот труд на други, вклучувајќи без ограничување акции, обврзници, благајнички записи, комерцијални записи, државни записи, сертификати за депозит и други финансиски инструменти кои се сметаат за инвестиции. Можат да издаваат Република Македонија, Народната банка, локалните самоуправи, трговските друштва и други правни лица. Преносот на хартиите од вредност е можен врз основа на компензација, наследство, подарок, извршување врз заложени хартии од вредност и на други начини. Обврзницата е долгорочна должничка хартија од вредност со која издавачот се обврзува дека на сопственикот на обврзницата еднократно или во рати, ќе му го исплати на определениот ден, износот на номиналната вредност на обврзницата и каматата. Обврзниците се водат во Централниот депозитар за хартии од вредност како електронски запис.

Loading