УВЕЗУВАМЕ И БУБАШВАБИ

Многу често слушаме за некои проблеми од економијата. Проблеми во трговијата. Повеќе сме увезувале, а помалку сме извезувале.

Увезуваме ние и во областа на јазикот. Увезуваме многу туѓи зборови, а се знае дека не извезуваме ништо.

Добиваме сега разни информации за актуелната состојба во Либија. Таму има големи демонстрации. Новинарите не известуваат дека Гадафи ги нарекол демонстрантите БУБАШВАБИ. Овој збор го слушнавме од повеќе национални телевизии. Го чувме тоа од презентерите, од текстот кој треба да биде лекториран. Но ете, лекторите не знаат или заборавиле дека во македонскиот јазик БУБАШВАБИТЕ се ЛЕБАРКИ. Тие гадинки се мошне познати. Во постарите куќи редовно ги имаше. Обично, се собираат таму каде што има леб. Латинското име им е СТИЛОПИГА ОРИЕНТАЛИС. Дали Гадафи ги споменал токму ЛЕБАРКИТЕ, не сме сигурни. Можеби текстот е преземен и преведен од српски јазик, каде што, евентуално, е употребен зборот ГАМАД, кој се однесува на сите непријатни и одвратни инсекти кои живеат по куќите. Тие гадни, гнасни инсекти на македонски се викаат со едно заедничко име ГАДИНКИ.

Од некои од новинарите чувме дека Гадафи ги нарекол демонстрантите КУЧИЊА, а од некои дека тоа биле ЏУКЕЛИ. И тој збор – ЏУКЕЛИ, ни е увезен. ЏУКЕЛИ се неугледни пци, кои не потекнуваат од некоја конкретна раса. Тоа е погрден збор. Кај нас, тоа се ПЦИШТА. Но, нашиве луѓе честопати го употребуваат зборот ЏУКЕЛА. Па дури го употребуваат како да е тоа именка од женски род и кога сакаат некого да навредат велат – “ЏУКЕЛО ЕДНА”.

Еден познат новинар објаснува нешто во врска со некој материјал и вели дека тој бил доставен и ПИСМЕНО и УСМЕНО. Тоа – ПИСМЕНО, си е во ред. Но со зборот УСМЕНО се прават многу грешки. Па, еве, и новинарот. Тој не треба да ја прави оваа грешка, но ете ја прави. Не знае, како и мнозина, дека на македонски не е УСМЕНО, туку УСНО. Под влијание на српскиот јазик каде што е ПИСМЕНО и УСМЕНО, луѓето не размислуваат доволно и затоа грешат. Има тука уште една причина за неправилната употреба. Имено, самиот модел на придавката ПИСМЕНО ги тера, ги повлекува луѓето да велат – УСМЕНО.

Рековме, дека треба да гласи УСНО, а не УСМЕНО. Од именката УСТА придавката, во машки род, гласи УСТЕН. Ќе се рече дека тој и тој студент ќе има УСТЕН испит. Но ако се членува тогаш ќе биде УСНИОТ, ќе отпадне “Т”.

Во женски род, исто така, отпаѓа тоа “Т” и нема да биде УСТНА, туку УСНА. Во среден род, исто така УСНО (не УСМЕНО). Ученикот би рекол дека на ПИСМЕНО поминал многу добро, но на УСНО го турнале. Значи, ПИСМЕНА вежба, УСНО излагање, УСНА хармоника. Тоа е правилното. Во српскиот јазик е УСМЕНО и таму тоа си е во ред. Множинската форма во нашиот јазик ќе биде УСНИ хармоники, УСНИ излагања, УСНИ испити.

Сличен е случајот и со придавката изведена од именката МЕСТО.

Ако е во машки род, ќе биде МЕСТЕН. На пример – МЕСТЕН самопридонес, МЕСТЕН комитет и така натаму. Ако бидат членувани тие придавки ќе отпадне “Т” и ќе биде МЕСНИОТ комитет, (не МЕСТНИОТ), МЕСНИОТ самопридонес.

А таков е случајот кај оваа придавка и во формата за женски и среден род, како и во формата за множина: – МЕСНА, МЕСНО, МЕСНИ. Според тоа, ќе имаме – МЕСНА заедница, МЕСНА канцеларија, МЕСНО решение, МЕСНИ комитети и така натаму.

Овде е можна мала забуна кога придавката е во женски род. МЕСНА му доаѓа како да се врзува со зборот, со именката – МЕСО, а не со МЕСТО. Но, правилото е тоа!

Благоја Ивчески

Loading