КРИВОГАШТАНСКА ХОРНА “РАЗЛЕВА” ВО ВИЕНСКИ ОРКЕСТАР

Станко Киселоски, академски музичар во Виена

Оркестарот на Киселоски имал концерт во Малезија пред принцот

Валцери и полки за 500 илјади посетители на отворениот летен фестивал на островот на Дунав во Виена

Музичкиот Рајмунд Театар е еден од најреномираните и најголемите во градот на валцерите, на Штраус, на еминентната филхармонија во Виена. А во 120 члениот оркестар, хорнист е кривогаштанчанецот Станко Киселоски. Академски музичар е од австриската музичка академија. Оркестарот на Киселоски бил гледан и во Јапонија и на звуците уживал и принцот од Малезија. Тој веќе е зрел музичар со 59 години. Зад себе има 33 години музички стаж, откако го завршил средното училиште во Скопје, а во Виена музичката академија. Не верува дека ќе се врати да ги живее пензионерските години во родното огниште, зашто вели дека родното место е онаму каде што човек најдобро се чувствува, иако овде располага со станови, куќи, стокмени тк-м-тк.

Несуден виолинист

Музичкиот ген го носи од мајчина страна. Неговиот братучед Стојан Златаноски бил водач на Охридските трубадури. Се воодушевувал од кеето на неговата виолина. Мечтаел да биде виолинист. Ама, хорната му била “пишана”. При приемот во музичкото училиште во Битола, излегло, ѓомити, нема предиспозиции за виолина. Место тоа што му лежело на срце, му “тупнале” хорна. Тоа бил инструмент кој ниту го видел, ниту знаел каков е дотогаш. Ја фатил првин од немајкаде, а дури потоа му ја полнела душата и му правела ќеф. Ми дадоа стара хорна, завиткана во црно платно. Се топев кога одев по улица. Ме прашуваа што носам, а мене ми беше срам да им покажам. Се смени нешто во мене и ми легна – вели Киселоски. Го окуражила и наградата на натпревар во Охрид. Со префрлувањето во скопското музичко училиште, добил асолен инструмент од фирмата Александар Маинц. Тој бил подарок од Германија за училиштето по земјотресот. Летал од радост поради квалитетниот инструмент.

Тга за Виена

Чивијата за Виена му ја “закачила” професорка во Скопје, која му предавала (германски) и била лектор на Универзитетот за славистика во Виена. Авантурист, љубопитен, ама и снаодлив, тргнал да ја шета и открива Европа. Каде и да одел и што и да правел, секогаш се враќал во омилената Виена. А не дека цело време работата му врвела “мазно”, туку оти бил заробеник на Виена, на градот на соништата. Минал низ сито и решето. Работел сé да преживее. Се вратил дома да í се оддолжи на татковината, да биде војник. Но, Виена го тргала, палатите, ликот на паркот Пратер, оркестрите, класиката, барокот. Пак назад во “ветениот” град. Студирал висока школа за применета уметност и музика и работел 700 километри подалеку. Во душата му ѕвонеле сите инструменти – гудачки, дувачки, удирачки на синфониските оркестри. Повеќе сакав светот да го видам. Првин работев колку да преживеам и прошетам. Не бев типичен гастрбајтер. Не трчав да печалам. Си дозолував заработувачката да ја уживам во патувања по Европа – вели хорнистот од Виена со потекло од Кривогаштани. Сепак, к’сметот му се насмеал по дипломирањето. Начекал конкурс за хорнист, на кој ја добил работата меѓу 63 кандидати. Оттогаш, речиси секој ден свирел пред 1200 виенчани на разноразните опери, оперети и мјузикли, кои се на репертоарот заедно со 120 колеги од оркестарот.             – Терсене и чудно ми беше да се навикнам да го свирам истото секој ден. Само еден слободен ден во неделата. Мјузиклот “Елизабет” го свиревме 12 години со ред, можеби 1200 пати. Го отсвиревме на турнеата во Јапонија. Иста “кариера” имав и со мјузиклот од Ендру Лојд Вебер, “Мачки”. На репертоарот беше пет години 700 пати. Седум години и 600 изведби доживеа “Фантом во операта”… Ама секој настап има свој лезет. Не е тешко штом се свири од душа и за душа – раскажува Киселоски. Со сезоната на баловите во Виена, Станко е дел и од друг оркестар, балски. Свири и на најпрестижниот, најмонденскиот и најџетсетерскиот бал, на виенските филхармоничари во нивната сала. После на балот на ловџиите пред шест илјади луѓе. “Погодува” во срцето и господа во смокинзи, и обични луѓе во народни носии, па и уметници и селани. Звуците на виенскиот оркестар му ја полнеле душата со ритми и тактови и на малезискиот принц. Со колегите ги фасцинирал и Јапонците. Рекордот му се 500 илјади луѓе на традиционалниот концерт на отворено на реката Дунав. Амбициите многу – многу не го оптоваруваат. Признава дека е голема чест да се биде член на Виенската филхармонија. Не може секој да биде филхармоничар, како што сите не можат да се врвни доктори и врвни научници. Можеби тоа и не е важно, битно е на човек работата да му претставува задоволство, а не товар. Како братуцет ми – трубадур, да се свири за душа, а не за престиж и титули – вели Киселоски. Не му се верува дека децата ќе тргнат по неговите стапки. Ќерката завршила англистика, а синот е економист. Талентирани се за музика и образовани. На двајцата музиката им е само хоби, иако татко им жали за тоа. Не размислувал да ги мине пензионерските денови во Македонија. Куќи и станови има и во Австрија и во Македонија. Најважни му се топлината на домот и семејната хармонија. Вели дека домот е таму кај што ти е убаво. Киселоски од младост имал два големи мераци – музиката и Виена. Денес, може да се пофали дека и во двата не се разочарал. Жив доказ е за онаа народната “Господ сака секому да му помогне, ама ако сака тој”.

Виена и баловите

Не туку – така Виена е престолнина и на баловите. Несвојствено за еден монарх, императорот Јозеф 2 (1765 – 1790) имал големо почитување за обичниот народ, а помалку почит за благородништвото. Во 1773 година, наредил да бидат отворени балските дворани за обичните луѓе, а не како дотогаш, само за повисоките класи. Така почнала традицијата на јавни балови во Виена. Поради недостаток од сали, почнале масовно да се градат нови. Се образувале музичари и се отварале конзерваториуми, се појавил валцерот… Духот на отменоста, грациозноста и елеганцијата од дворците на царевите и лордовите се раширил низ целиот град. И не е чудно што гении како Моцарт или Бетовен ја имале за свој дом.

Loading