ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ

Корозирале некои споменици. Или се случила некоја друга хемиска реакција. Почнале да позеленуваат. Повод за меѓусебни обвинувања. Каде е проблемот? Дали станува збор за неквалитетна изработка? Кој е виновникот? Најдобро било да се консултираат стручни луѓе, експерти. И почнува консултацијата. Разговор со вајар, експерт од соодветната област, академик. Објаснува тој. Кажува дека таквата појава ОВИСИ од повеќе причини. Се појавува такво нешто ОВИСНО од тоа каков материјал е употребен. Разбравме! Значи ОВИСЕЛО од материјалот. Така вели нашиов академик. Ретко или речиси, никогаш не сме го чуле тој збор – ОВИСИ. Не знаеме како е влезен во речникот на нашиот академик, а тој пак не знае дека не треба да го употребува. Прави тој и други јазични грешки, но оваа ја издвојуваме како најкарактеристична. Тој е член на МАНУ, на македонската, а не на некоја друга академија. Треба да го знае и јазикот македонски. Треба да знае дека не ОВИСИ, туку ЗАВИСИ.

Прогнозата за времето е редовна и мошне слушана емисија. Покрај состојбата за временските услови, мошне често ја следиме и состојбата со непознавањето на јазикот. Пред некое време ни беше соопштено, дека меѓу другото, ќе се појавеле и облаци кои можеле да се НАСУКААТ на некои од планинските врвови. Во српскиот јазик овој глагол се користи кога некој брод ќе ЗАРИНКА, ќе ЗАГЛАВИ во песокта, во плиткото. “Брод се НАСУКАО”, би рекле Србите. Кај нас тој збор значи сосема нешто друго. Да речеме дека некои жени СУКАЛЕ, СУКАЛЕ кора, па најпосле се НАСУКАЛЕ, се измориле од СУЧЕЊЕ. Лекторите веќе никаде ги нема. А на соодветниот коментатор за времето, ова не му е ни прва ни единствена грешка. Во овој случај со облаците можеме да речеме дека тие ќе се НАДВИСНАТ над планинските врвови, дека ќе ги ПРЕКРИЈАТ, дека ќе се РАСПОСТЕЛАТ по врвовите. Сигурно може и уште некако поинаку, но она со НАСУКУВАЊЕТО не може и не смее.

За време на определени епидемиолошки состојби во земјава, па и пошироко, лекарите се мошне чести гости во телевизиите. Објаснуваат тие за причините на болестите, за последиците, за симптомите. Сезонскиот грип е редовна појава и затоа коментарите за него се најчести. Таков беше и конкретниов случај. Објаснува докторот, гостин во емисијата, за карактеристиките на грипот. Како се појавува? Како се препознава и слично! Во еден момент вели дека се појавува НАДРАЖАЈНА кашлица. Немаме ние именка НАДРАЖАЈ, па според тоа немаме придавка НАДРАЖАЈНА. Кај нас е НАДРАЗНУВАЊЕ, НАДРАЗБА. Придавките би биле НАДРАЗНУВАЧКА, НАДРАЗБЕНА, НАДРАЗЛИВА, а во никаков случај не може да биде НАДРАЖАЈНА.

Експерти сме за прослави. Уриваме рекорди со сарми, си го славиме Коледе, па Свети Трифун, но еве сега и Свети Валентајн. По повод Свети Трифун слушнавме и разни статистики за потрошувачката на вино. Во Македонија се трошеле осум литри ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ. Во Словенија, потрошувачката била 48 литри ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ. А што значи тоа, каков ли е тој израз – ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ? Па, една глава е еден жител. Може и треба да се рече дека потрошувачката била осум осум литри ПО ЖИТЕЛ, или осум литри ПО ГЛАВА. Зошто е тоа ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ? Но ете од телевизиите слушаме токму така.

Исто е кога би се рекло дека во Македонија се пие вино осум литри годишно ПО ГЛАВА НА ЧОВЕК.

Непотребно! Дури и смешно!

Благоја Ивчески

Loading