КВИЗОМАН ВО УНИФОРМА

Дејан Ангелески, виш инспектор учествува на сите македонски квизови

Се користи техниката “куки – или закачалки” за побрзо и полесно помнење

Дејан Ангелески е виш инспектор за превенција во полициската станица во Прилеп. Има 32 години. Последните десетина години учествувал на 4-5 квиза. Не од финансиска корист, туку од желбата да го мери знаење. Во полициска униформа го знаат прилепчани, а македонската јавност го препознава од малите екрани, како “манијак” за квизови. Завршил полициска средна школа, а потоа Педагошки факултет во Битола. Признава дека дел од знаењата ги стекнал од редовното образование, но, пред сé, се резултат на љубопитноста и упорноста.

Математичар место полицаец

Од дете носел желба за учество на квизови. Малку чудно за полицаец, се претствувам како математичар по хоби. Познавањата на повеќе области и следењето квизови, односно нивото на учесниците, ме тера да се појавам во јавност и го одмерам знаењето. Дел од знаењата ги стекнувам преку Интернетот. Пребарувам и учам разни теми. Како дете учествував на сите натпревари и во 8 одделение добив и прва награда по математика – вели Дејан Ангелески. Сакал да продолжи во математичката гимназија “Раде Корчагин” во Скопје, но пресудил афинитетот кон вооружувањето, безбедноста. Дејан тврди дека има солидни знаења од сите области. Успева да ги запамети во “голема база на податоци”. Дебитирал на квизот “Свинга” на Телма ТВ. Мегдан во знаење “биеле” во двојки заедно со брат му Зоран. Учествувал како втор натпреварувач во “Милионер” на А1, на “Бројки и букви” на Сител и неодамна на квизот “Најслаба алка” на Алфа ТВ. За квизовите не ме мотивираат наградите, туку забавата. Во зависност од противниците, некогаш ќе добиеш или ќе изгубиш. Досега сум освоил пет илјади денари и музички систем – обајснува Ангелески. Тврди дека е добар во сите области. Го интересира астрономијата, математиката, географијата, митологијата, правото, политиката. За складирањето на повеќе информации во мозокот, вели дека е желба. Од 2004 г. е член на МЕНСА – организацијата за луѓе со надпросечна интелигенција. Неговото IQ е над 148, кој е и границата за членство. Тешко се запаметуваат податоци со сите информатички алатки секојдневно – компјутери, мобилни и слично, кои паметат наместо нас. Во МЕНСА разменуваме литература. Учиме техники, начини за брзо и лесно паметење. Се користи техниката “куки – или закачалки”. На една работа да закачиш друга, трета и така се поврзуваат настаните кои мозокот побрзо ги памети, со користење на сетила во поврзувањето. Годината ја паметиш по телефонски број или по бројот на улицата каде живееш. Така си правиш слика, “филм” за податокот за памнење. Мозокот полесно, како “од закачалка”, ги вади информациите. Доста помага и логиката да ги раздвоиш работите, или оние кои следуваат со цел да го добиеш точниот одговор на некое прашање – објаснува Ангелески.

Балканско реално квиз шоу

Воздржан е за реалноста на квизовите. Не знае да каже колку се реално мерило на знаењата или се “местени”, или се копии од бившите Ју простори. Нема вина кај организаторот на квизот, туку секогаш ги согледувам грешките. Убаво е да има повеќе квизови. Македонија е мала држава и т.н. квизаџии се знаат на прсти. Не е проблем ако е копија, но треба да биде интересен. Добро би било ако се организира квиз со учесници од Балканот. Би бил следен од 30 милиони жители и наградите би биле поголеми – вели квизаџијата во униформа.

На мрежа во слободното време

Го интересира функционирањето на електричните автомобили, централите, спортот, музиката, филмот. Во слободното време собира информации на Интернет, без бележење на хартија. Интересното го разгледува детално. За земјотресот во Јапонија е интересно што на 7 и 8 март имаше предупредување за тоа дека на 19 март има т.н. супер месечина. Тоа е време кога месечината е најблиску до земјата и може да се очекувааат разни влијанија како големи земјотреси и вулкани, што и се случи, како оној во Индинезија во 2004 и во Чиле во 2008 г. Некои работи се поврзани – вели Ангелески. Покажуваат афинитети кон паметењето бројки и букви пет ипол годишниот син Дамјан и три ипол годишната ќерка Тамара. Како и секој човек и Дејан не памети сé. Го заборавил името и презимето на наставничката по математика во ОУ “Климент Охридски”. Заборави да наброи област, затоа што го дефокусира проблемот со диктафонот. Памтењето му откажа и не се сеќаваше како се вика асоцијацијата во Скопје која ги опфаќа сите општински организации на МЕНСА. И Дејан Ангелески е само човек.

ДА СЕ БИДЕ ПОПАМЕТЕН Е ПРЕДНОСТ

Предност е чувството да се знае дека од другите си поумен и поинтелигентен. Ретко настапувам арогантно и егоистички, да се наметнувам. Интелигенцијата ја користам да му помогнам некому или ако треба да се образложи. Секогаш гледам со факти да го докажам спротивното. Најдобар сум во разубедување, полемизирање, сигурен влегувам во дебата – вели Дејан Ангелески.

НЕ КОРИСТИ АДРЕСАР

– Не сум го проверувал знаењето во количина на податоци, оти сум немал потреба. Во поглед на математиката уште од мал можев брзо да множам, степенувам, делам. Не ми беше потребен адесар, до определно време сите потребни телефонски броеви ги имав во мозокот. Во последно време со мобилниве само имиња паметиме – вели Дејан.

Loading