ДОПОЛНЕНИЕ, А НЕ ДОПОЛНА

Српски филм на една од нашите телевизии. Нормално, со титлуван превод. Партизаните имаат заробено група непријателски војници. Во еден момент, еден од партизаните вели, на српски: “Морамо да их се РЕШИМО”. Нашиов преведувач тоа го превел: Мораме да се РЕШИМЕ од нив”. Немислење, незнаење или неодговорност? Како може некој да се РЕШИ од некого?! А мислата е во тоа дека заробениците им пречат на партизаните и партизанот вели дека е подобро ако се ОСЛОБОДАТ од нив, што би значело да ги убијат. Ако нешто некому му пречи, тој се ОСЛОБОДУВА од тоа, а не се РЕШАВА. Замислете, некоја девојка веќе не му е интересна на љубовникот, а тој да и рече: “Сакам да се РЕШАМ од тебе”. Кога би можеле да се “РЕШИМЕ” од вакви преведувачи, би било добро. Но не можеме.

Во Парламентот се соопштува дневниот ред. Меѓу другите точки и една точка која гласи дека ќе се вршело измена и ДОПОЛНА на некој Закон. Таа именка – ДОПОЛНА (новоизмислена) ја слушаме повеќепати. Се разбира, во српскиот јазик има именка ДОПУНА, па еве ја употребуваме и ние. Ама, на наш, македонски јазик, а таа ќе гласи ДОПОЛНА. Не може тоа така. Ако не можат пратениците да бидат контролирани и коригирани во нивните слободни говори, овде, во пишаниот текст лекторот не смее, а да не интервенира. Каква е таа ДОПОЛНА?! Македонската именка е ДОПОЛНЕНИЕ. Значи – ИЗМЕНА и ДОПОЛНЕНИЕ на Законот. Може да се користи и глагоската именка ДОПОЛНУВАЊЕ, па да биде – ИЗМЕНА и ДОПОЛНУВАЊЕ на Законот.

За различноста меѓу зборовите МЕРА и МЕРКА сме пишувале и порано. Но, грешката мошне често се повторува па не е на одмет ако се навратиме повторно. Ќе приведеме само една реченица – “Сакате програма по МЕРКА за вас”. Во Парламентот го чувме ова. А го слушаме и повеќепати. Што значи тоа МЕРКА? Во најмногу случаи, тоа е санкција – МЕРКА притвор, МЕРКА надзор од родителите, МЕРКА опомена и така натаму. МЕРКА, понекогаш значи средство на претпазливост – Полицијата ги презеде сите неопходни МЕРКИ. Тој збор понекогаш се јавува и како глагол – СЕ МЕРКА пред очи, излегува одвреме – навреме, се појавува одвреме – навреме. Значи, зборот (именката) МЕРКА не покажува некакво количество, некаква димензија или некаков квалитет. А МЕРА, може да биде средство за мерење (МЕРА за должина), резултат од мерењето (му зеде МЕРА за палто), определена граница (лош од МЕРАТА надвор ).

Разликата меѓу МЕРА и МЕРКА е очевидна. Затоа, онаа реченица – “Сакате програма по ваша МЕРКА” е погрешна. Овде треба да станува збор за некаква квалитативна МЕРА. Значи, вие сакате таква МЕРА, според таа МЕРА. Реченицата треба да гласи – “Вие сакате програма по ваша (според вашата) МЕРА”.

Да расчистиме уште една голема и би рекле, дрска грешка.

Контактна емисија на една од националните телевизии. Присутни, главно, новинари. Во излагањето на еден познат новинар, уредник на весник, уредник на телевизиска програма, чувме реченица – “Сите ние сме нормални МУШКАРЦИ”. Зар има потреба да се објаснува и да се коментира оваа ноторна грешка.

Можеби сме нормални “МУШКАРЦИ”, но нормални познавачи на македонскиот јазик – сигурно дека не сме. А за ваквите грешки, потребни се МЕРКИ! Но…

Благоја Ивчески

Loading