СЕ ШИРАТ СЛУХОВИ

Секое тело, секој предмет има своја ОСНОВА. ОСНОВА, на која што стои. Во преносна смисла и секој говор има своја ОСНОВА. Базиран е на некаква ОСНОВА, на некакви аргументи. Секое мислење, има своја ОСНОВА. Но, да речеме дека може да биде ОСНОВАНО и НЕОСНОВАНО. Како и да е, именката е ОСНОВА и е од женски род. Ако е така, а така е, зошто тогаш слушаме таа да се употребува како да е од машки род? Се разбира, тоа се прави без никаква ОСНОВА. Колкупати сме слушнале да се каже за некого дека немал социјално осигурување по никаков ОСНОВ. Еден адвокат го брани својот штитеник и вели дека нема никаков ОСНОВ за притворање. Меѓу другото, тој не вели ПРИТВОРАЊЕ, туку ПРИТВАРАЊЕ, грешка што ја слушаме мошне често.

Но, да се вратиме на ОСНОВАТА. Рековме дека именката е од женски род. Значи, ако не се исполнети условите за притвор, тој ќе биде НЕОСНОВАН, ќе нема никаква ОСНОВА за тоа. Исто така, човекот немал осигурување по никаква ОСНОВА. А зошто тогаш се вели ОСНОВ? Секако, под влијание на српскиот јазик и поради недоволно размислување што се зборува и како се зборува. Србите би рекле – “На ОСНОВУ тога”, и ние без да му ја мислиме – “По ОСНОВ на тоа”. Слушаме понекогаш особено од правниците, да го употребуваат српскиот термин, па да речат – “На ОСНОВУ тоа и тоа”.

Пред извесно време, слушавме разговор, на една од телевизиите, меѓу новинарка и адвокат. Новинарката ни соопштува дека едикојси притвореник ќе бидел префрлен во КУЌЕН притвор ЗА ЕДНА НЕДЕЛА. Од ова, ние би разбрале дека притворот ќе трае една недела. Меѓутоа, целта на новинарката беше да ни објасни дека префрлањето ќе се извршело ПО ЕДНА НЕДЕЛА, а не ЗА ЕДНА НЕДЕЛА. Ова е необично честа грешка. Многу често се употребува предлогот “ЗА” наместо “ПО”. Значи – ПО една недела ,а не ЗА една недела. Ако се употреби предлогот “ЗА” тоа ни кажува за колку време ќе се заврши некое дејство. Ќе речеме дека тутунот ќе го испегламе ЗА една недела, за толку време. Но, тутунот ќе го предадеме ПО еден месец, а не ЗА еден месец.

И новинарката и адвокатот употребуваат КУЌЕН притвор, а треба да се рече ДОМАШЕН притвор. Човекот ќе биде притворен во својот дом. Таквата придавка се користи и во многу други случаи – ДОМАШЕН ( не куќен ) амбиент, ДОМАШНА работа, ДОМАШНИ животни, ДОМАШНИ услови и така натаму.

И новинарката и адвокатот се обидуваат да ни објаснат во што се состоел домашниот притвор. Новинарката прашува, дали притвореникот смее да ИСКОЧИ од својот дом. Адвокатот објаснува дека нема никакво ИСКАЧАЊЕ. Штом ќе се ПРЕБАЦИ дома, нема ИСКАЧАЊЕ. Тоа не смее во никој случај.

И двајцата, освен за условите во притворот, јасно ни кажаа дека се скопјани и дека стандардниот македонски јазик не им е многу на срце.

За ПРЕБАЦУВАЊЕТО, не треба коментар. Адвокатот зборува и за некои други услови кои не се ПОКЛАПАЛЕ баш најдобро. Македонскиот глагол гласи ПОКЛОПУВА, а не ПОКЛАПА. Според тоа, не се ПОКЛОПУВАЛЕ, а не не се ПОКЛАПАЛЕ.

Новинарката прашува нешто, сака да дознае нешто и вели дека се ширеле некакви ГЛАСИНИ. Чист српски збор. Ако го преведеме буквално, би бил ГЛАСИШТА. Тоа никако не оди во овој контекст. Новинарката, како и многу други го користи овој српски збор. А треба да се рече дека се шират СЛУХОВИ. Значи, се слуша нешто, се насетува, се наслушува!

Но, ете, СЛУХОТ на новинарката за македонскиот јазик, не е многу изострен.

Благоја Ивчески

Loading