“ИЗМЕНЕТ ПРЕДЕЛ” ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПОТРЕБИ

“Зенит” со нова книга

“Изменет предел” е новата поетска книга од Благоја Јованоски во издание на неделникот Зенит, која синоќа во соработка со ГБ “Борка Талески” ја промовираше писателот Петар Петрески. Според рецензентот Светлана Ристеска, авторот пее за обични и човечки нешта. Јованоски глаголи за животот, за околината, за мигот, кој е тешко да се разоткрие, зашто во неговата минливост, се крие вечност. Мигот трае – боли, радува, возбудува, бодри, застрашува. И оттука, од моментот, во кој сме – овде, тука и сега, извираат како вруток поетските слики, кои се редат една врз друга, нудејќи колоритност, емотивност, разнообразност… Да се прекопува по слоевите на душата, не е ни малку лесно. Авторот погледнува внатре и повторно подлабоко и подлабоко, а корнењето боли, но не толку колку што притиска и бара од поетското срце да излезе зборот, стихот, песната. Јованоски не се штедел, зачекорил во невидливото, во она што другите не го гледааат, не го препознаваат, не го чувствуваат. Истражува во себе и околу себе. Со книгата заеднички ја осознаваме неговата потрага по животот, радоста и среќата, по болката, по пределот кој се менува – вели Ристеска. Поетот Благоја Јованоски, досега ги напишал книгите поезија “Шепот на неименливото”, “Раката на дождот”, “Светиот дар” и “Светлосен издив”. Од издавачката дејност на неделникот Зенит досега се објавени збирката “Миговна бројаница” од Васе Митреска и книгата раскази “Сеќавања до деветтата” од Благоја Ивчески. Наскоро од печат ќе биде издадена книгата посветена на јазикот од постојаниот соработник на Зенит Благоја Ивчески.

Сто денари членство во библиотеката

ГБ “Борка Талески” по повод патрониот празник, втори ноември, ја намали членарината. До 20 март љубителите на книгата ќе можат да се зачленуваат, или да го обноват членството само за 100 денари. Директорот Петар Петрески вели во секоја пригода се обидува да им излезе во пресрет на граѓаните, збогатувајќи го фондот на книги и нудејќи им најзразлични поволности.

Loading