СО ЗДРАВЈЕ НА ХРИСТОСКИ – БУЈРУМ ЗА СКОПЈАНЕЦОТ ДЕРМЕНЏИЕВ

Смена на врвот кај загубарот Тутунски

Владата му испорача метла на првиот менаџер на Тутунски, без образложение, но зад него се кријат слабите ефекти од работењето

Неофицијално Христоски побарал да биде сменет да се посвети на науката, бидејќи е магистер по агрономија

Александар Дерменџиев од Скопје ќе го вади од длабоката финансиска кал Тутунскиот комбинат. Тој е владиниот избор за нов прв менаџер на прилепскиот загубар. Во екот на откупната кампања на тутунот, според владини извори, паднала одлука за смена на сегашниот директор Жарко Христоски на владина седница. Во Комбинатот никој не се осмелува да потврди ниту да ја демантира смената. Дознаваме дека официјалната смена на Христоски со Дерменџиев ќе завршела со свикување на собрание на акционери во законски рок, бидејќи ТКП е една од фирмите загубари со над 80 отсто државен капитал. Извори од извршната власт наведуваат дека причина за смената била незадоволството на Владата од ефектите на двегодишното менаџирањето со Комбинатот под директорската палка на Христоски. Разрешувањето доаѓа како резултат на инертноста на првиот менаџер со најавите за преговори за продажба со неколку заинтересирани фирми за купување на монополот. Инаку, новиот директор во Тутунскиот комбинат е од Скопје со ресенско педигре, блиско до вицепремиерот Владимир Пешевски. Дознаваме дека Жарко Христоски побарал сам да биде сменет да се посвети на науката, бидејќи е магистер по агрономија. Во бордот на директори остануваат Кети Благоевска, Горан Кузески, Дејан Лашкоски, Ристо Новачевски и Славко Котевски. Комбинатот веќе еден месец откупува тутун од околу 2800 кооперанти. За да обезбеди пари за плаќање на родот, доби заем од неколку стотина милиони денари од Мепсо и Елем и се задолжи со кредит кај една банка. Планира да откупи околу 2500 тони тутун. Досега просечната цена, според извори од монополот е околу 170 денари од килограм. Никој не соопштува колкави количества тутун се откупени. На последното есенско собрание на акционерите на Комбинатот, Владата му даде виза на бородот на директори, иако сметките покажаа загуба од 30 милиони евра во 2009 година. За портфолио, монополот има и неколку пропаднати тендери за продажба. Пред две години, државата претвори во траен влог 50 милиони евра, побарувања за неплатени даноци. Така стана доминантен сопственик со 82 отсто од акциите, како што стои во Централниот депозитар за хартии од вредност. Тутунскиот комбинат соопшти дека загубата во 2009 година била помала за 48 отсто во споредба со претходната и изнесувала околу четири милиони евра. Со евидентирање и докнижување на обврските од пред 31 декември 2008 година, загубата во 2009 година е околу 30 милиони евра – соопштија лани од Комбинатот. Комбинатот одамна е на листата на загубарите под државна капа. Ситуацијата ја усложнува фактот што речиси целиот имот. е под хипотека. Тежи и превработеноста, а технологија е стара и по неколку децении. Премиерот Никола Груевски изјави лани дека Комбинатот го чешлаат инспекции. Тоа беше одговор на пратеничко прашање на Горан Сугарески од СДСМ. Тој го обвини Жарко Христоски за неплаќање на ДДВ и давачки за земјоделие, екологија и здравство, вкупно од по девет денари од кутија цигари. Тврдеше дека платата на првиот човек на загубарот е можеби повисока од премиерската и изнесува 1500 евра. “Зенит” ги објави платите на менаџерите. Иако службено побаравме одговор, рекоа дека информацијата била деловна тајна. Веднаш потоа редакцијата на “Зенит” писмено беше извесетена дека се откажува претплатата на “Зенит”, кој е единствен неделник во градов, остана надвор од фабричкиот праг, а на работниците им ја скуси можноста да бидат информирани за случувањата во градот. Во монополот работат околу 1300 работници, од кои повеќето се по неколку месеци на принуден одмор на 80 отсто од платата.

Loading