ЕНЦИКЛОПЕДИЈА “МАКЕДОНИКА”

Издавачката куќа “Топер” во 2006 година ја издаде (преведена на македонски јазик) ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА, насловена како – БРИТАНИКА ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ РЕЧНИК. Тоа е всушност, ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА дополнета со поими, имиња, термини и факти од нашава територија. Многу убаво. Одлично! Кој не би сакал да има такво богатство во својата библиотека.

Но, кај нас, неможе поинаку! Грешките како да се неминовен дел во се што е напишано. А во такви капитални дела грешките (и јазични и појмовни) треба да бидат сведени на најмала можна мера или уште подобро, ако ги нема воопшто. И не треба да ги има. Кај нас тоа не се може. Остануваме доследни на себе си. Ќе ги оставиме сега јазичните грешки. Многу се. Можеби во некоја друга пригода ќе напишеме нешто и за тие грешки. Овој пат ќе набележиме некој други, поинакви недоследности, поинакви неточности, кои даваат погрешни информации.

Прелистувајќи по еден том од ЕНЦИКЛОПЕДИЈАТА, го сретнавме името на познатиот поет Никола Јонков Вапцаров. Набележана е накусо неговата биографија, неговата книжевна и револуционерна дејност. Набележани се неговите најважни поетски творби. Меѓу другото, пишува дека е роден во Банско, Пиринска Македонија во 1909 година. Тоа е точно. Но, потоа пишува дека е убиен од бугарските фашисти во 1949 година. Општо познато е дека фашистичката влада во Бугарија капитулира на 9 септември 1944 година. Познато е, исто така, дека 9 мај 1945 година е прогласен за Ден на победата над фашизмот. Останува нејасно кај се нашле фашистите во 1949 година и кој му го “продолжил” животот на Никола Вапцаров за цели 7 години. Вапцаров е стрелан од фашистите во 1942 година.

Во енциклопедија не смее да има ваква грешка. Некому ќе му треба овој податок и ќе биде погрешно информиран. Наместо 1942 ќе мисли дека Вапцаров е стрелан во 1949 година.

Сретнавме податоци и за ВМРО. Но и тука грешки. Мошне крупни! Познато е дека организацијата е формирана во 1893 година во Солун, во куќата на Иван Хаџиниколов. Во 1906 година, на конгресот во Солун именувана е како ТМОРО (ТАЈНА МАКЕДОНООДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА). Под тоа име се водеше и Илинденското востание. По неуспехот на востанието, во 1905 година се одржа конгрес во Рилскиот Манастир. Тогаш организацијата е преименувана во ВМОРО (ВНАТРЕШНА МАКЕДОНООДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА). Во енциклопедијата е напишано дека тогаш е добиено името ВМРО, што е воопшто неточно. Организацијата го добива името ВМРО дури, некаде во 1919. година по завршувањето на Првата светска војна. Како што рековме, на Рилскиот конгрес не е добиено името ВМРО, туку ВМОРО. Ова е голема грешка.

За ова се јавивме во редакцијата. Баравме некој од уредниците. Ни се јави на телефон женски глас. Не сакаше да ни даде телефон од уредниците. Упорно прашуваше зошто ги бараме. И објаснивме. Таа се вадеше некако. Велеше дека тие само преведувале и како што било во ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА, тие така го пренесувале. Убава работа, ако треба Англичаните да не информираат за ВМРО.

Поради ограничениов простор ќе набележиме само уште еден “бисер”.

Во грчката митологија се споменува една жена која се вика ЈО. Била многу убава. Врховниот бог Зевс се вљубил во неа и постојано ја прогонувал. Приказната е долга, но тоа нема да не интересира.

Се знае, дека во римската митологија врховен бог не е Зевс, туку Јупитер. За време на Ренесансата во Италија живее и работи мошне познатиот сликар – КОРЕЏО. Тој е всушност, роден во градот Кореџо и се нарекува според градот ,а неговото вистинско име е Антонио Алигери. Тој ја знаел приказната за Јо и Зевс (Јупитер) и изработил слика на таа тема. На сликата е претставен Јупитер престорен во облак како извршува сексуален чин врз ЈО. Сликата е насловена – “ЈУПИТЕР И ЈО”. Нашиве енциклопедисти ја прекрстиле и под неа напишале – “ЈУПИТЕР И ЈАС”! Од каде такво нешто?! Кој ли ја присвоил заменката ЈАС и се ставил на местото на кутрата ЈО?!           Како и да е, наздравје нека му е!

И така, наместо ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА добивме ЕНЦИКЛОПЕДИЈА “МАКЕДОНИКА”. Со многу грешки од секаков вид. Токму, како што ни прилега нам!

Благоја Ивчески

Loading