ПРОДАВА СВЕЌИ И МИЕ УНИКАТНИ КАНДИЛЦА

Жарулки пред отецот – Гордана Николоска слуга во Св. Преображение

И ѕвона ѕвонеле во црквата од женска рака

Од дете е со вербата во Бог. Тоа е Гордана Николоска. Има 46 години. Работи во црквата Свето Преображение, како слуга на Бог, паралелно одржувајќи ја хигиената и редот во храмот. Луѓето ги нарекуваат тие луѓе клисари, притропи, слуги господови… Задоволна е што радоста која ја чувствувала за православните празници, посебно за Велигден, адетите кои останале од родителите, претци, верници не и го згаснале трепетот на душата на Гордана. Ја користи приликата секој миг да го помине во божјиот храм.

Женска рака во црквата

Верниците ја фалат, како одговорна и секогаш при рака на сите. Си ја знае работата. Почит, молитва и понизност кон Бога, за секаква слога. За редот во црквата каде како и дома е потребна и женска рака. Бог е семоќен, може да не избави од беда, неволја, мака, сиромаштија. Сите тие верувања вдлабени и закоренети како духовност обично ги задржуваме до крајот на животот. Мачнината, тешкотијата, која одвреме – навреме се чувствува, е нормална кај секој. Црквата е институција каде за миг може да се впие сопствениот мир, храброст, духовност, со совет, збор преку луѓето ангажирани тука. Мојата работа е да и служам на црквата, која мислам дека може да нé избави сите – забележува Гордана. Самоиницијативна, образована. Жена, која знае што е приоритет за сите. Вели, секаде се практикува тимска работа за ширење на идејата за православието. Работа налага да не почитуваме работно време. Иако наложено ни е да работиме од шест часот, ние доаѓаме да работиме уште во четири. Го разгоруваме огнот во пампурот. Во шест часот да има жарче кое ќе му користи на отецот во олтарот. И да е топло во просторијата за верниците, кои доаѓаат уште во 6,30 часот. Во меѓувреме чистам пајажина, прашина, надвор го средувам дворот, тревата, снегот или лисјето – кажува Гордана Николоска, која ревносно му служи на Бог во негов дом.

Чистилиште и светилиште во храмот

Еднаш месечно, вода ги допира кандилата, чаршавите, чергите… Секогаш е при рака на свештениците, верниците за свадба, погреб, крштевка, пеења за празници… Совет за местото на некоја икона, за ставање на подароци за здравје или пари или да му кажат каков е редот во црквата. Не се плаши и успешно работи Николоска. Чистењето на гнездата од птиците, олуците, одржување на ѕвоната е тимска работа. Кога се служеше литургија, како парохиска црква, секојдневно ги удиравме двете камбани. Малата помошна камбана ја чукаме по потреба, или големите, за кои не мора да се качуваме до височините. Со притискање копче се активираат камбаните. Туристите се качуваат по скалите на камбанаријата – вели Николоска, која е благодарна на Господ, што ја удостоил со лесна работа за душата.

Од нежноста на Гордана грми камбанаријата

Со помош од самоуки мирјани, кои орно прифатиле да бидат слуги Божји, таа навреме ја одржува неопходната чистота на пораката поради која постои институцијата. Интересен звук се создава од ехото, кога ќе се удри камбаната, поради високите куќи околу. Душата е радосна, трепери, исполнува и доближува до небесното. Интересни се и предавањата поврзани со религиите и суеверијата кои одвреме – навреме ги одржуваат образовани кадри за таа проблематика – објаснува Гордана. Како граѓанин, но и пратена од намесништвото да помогне, за ред во манастирските цркви или по покана на домаќини одела и помагала. Обострана е и помошта на монахињите. Некогаш тие доаѓаат да потпомогнат или да се консултираат, некогаш ние одиме, ако не повикаат. Човечки е да се помогни. Секогаш ја почнувам работата со верба дека ќе се сработи во предвиденото време. Приоритет се свеќите. Парите одат во благајната. Во метеж ги гаснеме свеќите пред да догорат, од практични причини. Луѓето се лутат, но и за нас важи истото – кажува таа.

Економ дома и на работа

Неколкуте свеќници, вредните кандилца, осветените икони, уникатната резба бараат големо внимание и одговорност. Парите оставени во касите на иконите не се моја одговорност. Тешко се одржуваат кандилцата. Маслото создава талог, кога ќе прегори, кое потешко се чисти. Убаво е што верниците помагаат парично, со корисен совет, со работа, така што често се предат памучни витлиња кои горат подолго – рече Гордана Николоска. Таа се обидува да биде домаќинка како дома. Економијата и е пред сé. Алтеренативно штедат, а им излегла во пресрет и на оние кои посакале клуч да ја отворат црковната порта за среќа. Мислам дека за суеверијата треба да се консултираат свештениците. Корисни се предавањата кои се одржуваат. При рака им сме на туристите. Тие сакаат да се запознаат со духовноста, која извира од овој дом – заклучи Гордана Николоска, на која не и е необично и тешко да биде слуга Божји и да го удира ѕвоното од камбанаријата, искачувајќи се по скалите на новата камбана. Завршува со мислата дека е будна со вербата во Бог, која и да е колку синапово зрно, може планини да помести.

Loading