ВНАТРЕШЕН ЕНТЕРИЕР

ВНАТРЕШЕН ЕНТЕРИЕР

Колку е голема нашата малодушност. Колку лесно потпаѓаме под туѓо влијание. Јазикот на скопските телевизии е лош, мошне лош. Преполн со србизми, локализми и што ли уште не! За големо чудо, локалните телевизии, вклучувајќи ја и прилепската, примаат сé и сешто.

Нема да ги набројуваме грешките што ги слушаме редовно. Ќе се задржиме само на еден пример, кој во целост потврдува дека лесно и без размислување подлегнуваме под туѓо влијание.

Во времето на Божикните и предбожикните празнувања гледавме разни емисии поврзани со начинот на тие празнувања. Се споменуваа и Коледе и Божик и Бадник. Гледавме слики од коледарските огнови. Ни беше соопштувано дека се почитувала традицијата и, меѓу другото, се пиело и ГРЕАНА РАКИЈА. И еве го чудото! И на прилепската телевизија чувме дека крај коледарските огнови се пиело ГРЕАНА РАКИЈА. А кој би рекол во Прилеп ГРЕАНА РАКИЈА?! Никој, освен телевизијата. Во Прилеп се пие ТОПЛА РАКИЈА, а не ГРЕАНА.

Овде не станува збор за некаква лексичка грешка. Во македонскиот јазик ги има двата збора. Се работи за тоа, што би било поправилно. ГРЕАНА е глаголска придавка. Ја има во нашиот јазик. ТОПЛА е описна придавка. Ја има и неа. А која би требало да се употреби во конкретниов случај? Сите ние (во Прилеп) велиме: топла вода, топло време, топол бурек, топло млеко. Има народна песна:

“И мене мајка родила

Со ТОПЛО млеко доила”…

Кој би рекол дека во бојлерот има ГРЕАНА вода?! Кој би рекол дека сака ГРЕАН бурек или ГРЕАНО млеко, ГРЕАНА супа, ГРЕАН оброк и така натаму?!

Долго време и многу простор е потребен за да се дообјаснат и да се анализираат глаголските и описните придавки. Немаме таква намера, а и не можеме да го направиме тоа. Целта ни беше само да го кажеме, да ја потенцираме нашата малодушност. Прифаќаме се од скопските телевизии. Ги прифаќаме и ги употребуваме и нивните грешки, а тие се многу. Премногу!

Слушаме од нашата (прилепска) телевизија многу грешки. Многу грешки и многупати се повторуваат. Тоа докажува дека луѓето од телевизијата не се грижат многу за чистотата на македонскиот јазик. И спортскиот новинар е “специјалист” за многу неправилности. Многупати, за да биде оригинален во своите искажувања, кога станува збор за фудбалскиот клуб “11 Октомври”, тој вели – РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ. А тие момчиња, тие спортисти немаат никаква врска со револуцијата. Како би се рекло тогаш за фудбалерите на Беласица?! Беласица е планина. Дали фудбалерите ќе бидат ПЛАНИНАРИ?! А Пелистер е врв на планината Баба. Недајбоже, фудбалерите да станат БАБАРИ!

Пред некое време спортскиот новинар не информираше нешто во врска со Универзалната сала. Ни соопшти дека таа добила нов сопственик. Дека темелно ќе се реконструирала и дека женската ракометна екипа “Жито Прилеп” натпреварите ќе ги играла тука. Салата не била готова затоа што се уште се вршело реконструкција на ВНАТРЕШНИОТ ЕНТЕРИЕР!!! Каков несмасен и неточен израз! Па дали постои и некој НАДВОРЕШЕН ЕНТЕРИЕР?! Зборот ЕНТЕРИЕР е француски и значи – ВНАТРЕШНОСТ, обично на згради или објекти. Според она што го слушнавме, значи дека ќе се реконструира ВНАТРЕШНАТА ВНАТРЕШНОСТ. ВНАТРЕШЕН ЕНТЕРИЕР, значи токму тоа. Обратното од ЕНТЕРИЕР е ЕКСТЕРИЕР (надворешност). Во овој случај, НАДВОРЕШНОСТ на спортската сала.

Белки не ќе бидеме некогаш почестени, па да чуеме дека ќе се реновира НАДВОРЕШНИОТ ЕКСТЕРИЕР!

Благоја Ивчески

Loading