ГРАДСКИ “БИЧИМ” СО ЉУБОВНА СТРУНА

Кај Дарко Рибароски, директор на ЈОУ Старски дом “Киро Крстески Платник”

Љубовта го одржува бракот

 

Уште портата, тропотот на “авлијата”, најавува дека човек влегува во стара градска фамилија. Лозницата и скалите ја откриваат сликата на старата архитектура, по примерот кога со вртени дрвени скали се одело до вториот кат од куќата. А токму од фамилија со “сој”, Рибаровци, потекнува Дарко кој е актуелен директорот на ЈОУ Старскиот дом “Киро Крстески – Платник”. Учен на “ред и поредок”, и сега домаќинлакот, тертипот се чува и негува уште. Дека е така, потврдува и почестувањето со слатко и вода, како некогаш. Љубезната насмевка на 49 годишниот Дарко и отвореноста на сопругата Софија која е четири години помлада, создаваат пријатна атмосфера за сериозен муабет. Дарко прзнава дека отсекогаш имало, и има ред во куќата. Се почитуваат семејните релации, младите ги есапат муабетите на старите, а секој добронамерник во куќата е достоинствено пречекан. Тука живеле генерации, јас сум четврта генерација во оваа куќа, пред да ја обновам, другите претци седеле. Со текот на годините се пренесувал еден ред, кој нас со годините ни влегувал во крвта. Се трудиме да го почитуваме она што претците го правеле, ние да го надоградуваме и да го поврзуваме. Ако нашите потомци продолжат, значи и ние сме успешни, ако мрднеме со уште подобро, тоа ќе не радува. Воспитувани сме и научени да бидеме скромни и да не се расфрламе со било што, да не бидеме надмени, да се почитуваме меѓу себе, и секој еден да биде примен и да се почувствува како значаен и достоинствен како личност и во семејството и за гостите – вели Дарко Рибароски.

Се почитува семејната традиција

Живеат во заедница со мајка му Вера која иако ја ситни деветтата деценија се уште успева да се грижи за семејството и ги извршува кулинарските обврски. Мајка ми е темел, стожер кој нé крепи со сопругата и децата и покрај нејзините 80 години, се уште е витална. Уште сака да се однесува и да биде способна како што била пред 30 години. Понекогаш не може, но полека младите ќе земаат дел од обврските. Ќерките Ана (13) и Олгица (18) помагат колку што можат – ние колку што помагавме на нашите, толку тие помагаат. Послушни се, се што се бара од нив помогнале. Се трудат да прифатат нешто од семејната традиција. Имаат почит кон дедо, баба. Компјутерите, новото си го прават своето – кажува искрено Дарко. Тој по професија е правник, а со сопругата Софија која е дипломиран машински инженер, се 19 години во брак. Двајцата се многу ангажирани професионално. Таа како стручњак во Прилепската пиварница, а Дарко како прв човек на институцијата “Киро Крстески Платник”. Признаваат дека немаат многу слободно време еден за друг. Дарко не е строг. Иако е глава на семејството, неговиот збор секогаш не е последен, туку се носат заеднички одлуки. Решаваме и двајцата … Многу малку време останува за домашните обврски. Од 1998 година откако започнаа инвестициите во фирмата кои речиси и не се запрени, исполнет ми е работниот ден максимално и за викенд да бидиш три дена дома е чудо – вели Софија.

Малку време за заеднички мигови

Според неа добрите страни кај Дарко се трпеливоста и смиреноста. Стрпливост, разбирање, тоа ми беше најбитно, зашто повеќе сум на работа и кога ќе имаме деловни гости се организираат и вечери и мора да имаш разбирање, не е баш едноставно. Неговото разбирање е најбитно. Компромис секогаш има. Бавен е во донесување на одлуки, веројатно е многу внимателен, дури да се одлучиме за нешто, треба време – вели Софија. Дарко признава дека му пречи преголемиот професионален ангажман кај сопругата и посакува заедничките мигови да им бидат почести. Софче е преокупирана со професионалните задолженија, некогаш тоа ми пречи, но тоа е задолжение, професија. Некој се подготвувал за тоа цел живот и треба да ги исполнува обврските. Ми пречи што не сме повеќе време заедно, не можеш да планираш викенд поради другите обврски, но затоа летниот одмор не го прескокнуваме. Сите четворица максимално уживаме – вели Дарко.

Едукација и воспитување на ќерките

Дарко и Софија имаат хармоничан брак. Се запознале на дочек на Нова година уште како тинејџери и тогаш се родила љубовта, која се крунисала со брак и сеуште се одржува. Од седмо одделение ми беше симпатија и после така се роди љубов. Се запознавме во друштво, на Нова година. Јас бев со мое друштво, тој со негово. Љубовта е таа која го одржува бракот и ништо друго, љубовта е таа која движи – вели Софија. Дарко и Софија тврдат дека не се строги родители. Имаат разбирање за потребите на младите и она што го носи новото време, но сакаат да биде со мерка, умерено. Постарата ќерка Олгица е матурант во гимназијата и сака своето образование да го продолжи на Медицинскиот факултет. Ана е срамежлива седмооделенка која со задоволство слободното време го минува на компјутерите и на страниците за млади на интернет. Но како што некогаш ги воспитувале старите, така Софија и Дарко делуваат поучно и врз ќерките. Сакаат да разговараат, да пренесуваат дел од минатото, да го доловат на наследниците духот на стар Прилеп, некогаш и сега. Минатата недела кога беше убаво времето, со децава шетавме за да им го покажувам градот, како што моите мене ме носеа на времето и ми кажуваа што било, на пример населбата Аличар. Сега јас им кажував за Димо Наредникот, одевме низ Егејска, па Багеска ограда итн…Некогаш ја посетуваме Могилата, за мерак е! Отворени сме разговараме за се, ме критикуваше поголемата ќерка зошто не сум одела на Ѓорѓе Балашевиќ, зошто сите родители на врсниците оделе на концерт – вели Софија. Како што не пречекаа така и не испратија, достоинствено и културно. Ги оставивме да ја ткаат и понатака семејна идила во харамонија, разбирање и љубов.

Повкусни пржените лепчиња на Софче

За кујната во семејството на Рибароски се грижи мајката Вера. А доколку таа би била спречена во подоготвување на ручекот, тогаш имало решение за “проблемот”. Дарко имал “докажани рецепти кои ги прави” и никој не останувал гладен. Ќе направел обиколка по дуќаните, кафеаните, слаткарниците и проблемот бил решен. Постојаното присуство на мајка ми и кога растевме и сега, не ми ја налагаше потребата да научам да готвам. Но затоа пазарењето ми е задоволство, ритуал , дури ако треба и три пати ќе се вратам. Кујната ни е традиционална, прилепска, со тава, турлитава…прилепски јадења, но не можам да оддолеам на некои посебни работи од Софче, како на пример пржени лепчиња – вели Дарко.

Софија ја сака песната

Софија го сака спортот, но и покрај сé, активна е во хорот на просветните работници “Пере Тошев”. Два пати неделно оди на проби. Но сака и да свири. Пеам и на работа и дома, но сакам и да фатам некоја песна од новите, која се слуша и на хармоника. Имам слух да ја фатам песната – вели Софија.

Мајка Вера задоволна од синот и снаата

Мајката Вера, која живее заедно со Дарко и Софија, иако е средовечна жена на свои 80 години изгледа одржана за годините, натокмена, со ропче, со средена коса, права домаќинка. Како некогаш кога од 12 до 12. 30 часот “закон” било кај Рибаровци да се стави ручекот и сите да бидат веќе седнати на масата, пред да седне и домаќинот Димче, таа и сега се грижи за кујната. Здравјето ја служи. Арни се и двајцата, и Софче и Дарко. Со годините и здравјето попушта, сé што не чини, болестите ги фрлам зад мене и така го терам денот – признава мајка Вера. Дури и вкусното слатко од кајсии го подготвила таа, по старите прилепски докажани рецепти.

Loading