ДОКТОР ЗА ХУМАН КАПИТАЛ СО КРЕАЦИЈА БЕЗ РУТИНА

Љубица Неделкоска, научник во Јена, Германија

Потребна е реквалификација на кадарот, зашто се менува пазарот

 

Љубица Неделкоска е 29 годишна прилепчанка која живее и работи во Јена, Германија. По одбраната на докторатот наУниверзитетот Фридрих Шилер, од април ќе почне да работи во тимот за научно истражувачки проекти од областа на економските науки на истиот универзитет. Вели дека е задоволна од животот и работата во градот. Среќна е што таму работните места се делеле по квалитет и според постигнат успех. Има малку мешање на политика или фамилијарни врски. Голема земја е. Луѓето се мобилни, не остануваат на едно место. Политиката за граѓаните е далечна тема. Лесно се успева со знаење. Не е важно од каде доаѓаш, туку што можеш да направиш. Не сум дискриминирана што сум од Македонија. Имам ист третман како сите квалитетни кадри – вели Неделкоска. Докторира на тема од областа на економијата. Универзитетот Фридрих Шилер во кооперација со Макс Планк институтот по економија ми овозможи да работам на тема хуман капитал. Го истражував пазарот на работна сила
во Германија. Како да се соочи економијата со трансформацијата која се случува во побарувачката за хуман капитал? Заради технолошки промени и глобализација на пазарите на работна сила се менува побарувачката за различни способности. Креативните дејности повеќе се бараат, рутинските се намалуваат. Економијата мора да се менува. Со истражувањето утврдив дека е потребна континуирана реквалификација. Не постои завршување на занаетот, школа што е еднаш засекогаш е завршена. Потребно е да има реквалификација. Економијата треба да и го овозможи тоа на работната сила. И повозрасните е нужно да се прилагодат на новите барања. Во Германија најмалку десетина години има тренд за дообука. Важно е да се процени која работна сила се бара, оти пазарите на глобално ниво се отворени. Во натпреварот не е само германската работна сила, туку и од САД, Кина и други земји. Поради зголемениот економски натпревар меѓу земјите, потешко се оценува која работна сила ќе се бара во следните години. Тоа е голем предизвик. Кај нас пандан за дообука се работничките универзитети, каде треба да се нудат новите можности – истакнува Љубица. Неделкоска магистрира во САД. Вели дека универзитетите во САД се поинаку организирани во однос на Европа. Разлики постојат. Во САД има врвни универзитети на светско ниво. Нивните квалитетни луѓе се концентрирани на тие универзитети. Таму има истражувачки и неистражувачки универзитети. Во Европа сите универзитети се истовремено истражувачки универзитети. Во Европа знаењето е пораспределено. Просечниот универзитет во Европа е веројатно поквалитетен од просечниот во САД, но врвните универзитети во САД се највисоко рангирани на светско ниво. За споредба на универзитетите, битна е научната област. На пример, во Германија доминира знаењето во инжинерствотво, а во САД во економијата – го објаснува своето искуство младата научничка. Во Јена, во источниот дел на Германија, со Љубица живеат и работат стотина илјади жители. Убаво í е. Релативно е помалку развиен во споредба со Западна Германија. Луѓето се пријателски настроени и отворени за комуникација. Ги интересира спорот меѓу Македонија и Грција. По тоа нé препознаваат. Сакаат да знаат дали е безбедно да патуваат во Македонија. Јена е место каде има многу научни институти од сите области, од хуманитарните науки, од економијата, природните науки. Споредбено со бројот на жители, има најголем број научници во Германија – вели Неделкоска, потенцирајќи дека постојат можности за соработка со македонските факултети.

Loading