НЕА ЈА – НЕЈЗЕ И

Долго време, многу долго (или речиси, никогаш), не сме чуле во Парламентот да се зборува за македонскиот јазик, за неговата правилна употреба. Сме слушале само ужасно неправилна употреба.

Еве сега, за чудо, се случи Комисијата за култура при Собранието на Македонија, да го постави на дневен ред проблемот за македонскиот јазик. Присутни – лингвисти, лектори, актери, некогашни спикери, пратеници. Сите го изразуваат својот гнев и својот револт за ваквата непожелна ситуација во нашиот јазик. Сите се согласуваат дека некогаш се обрнуваше многу посериозно внимание за јазикот, отколку сега. Се напаѓаат новинарите (најмногу), политичарите, актерите. Се констатира дека се употребуваат премногу србизми и турцизми. Дека се употребуваат многу странски зборови и кога треба и кога не треба. Се критикува дури и интонацијата и нечистата дикција кај определени новинари.

Сево ова е точно. Сево ова е жалосна вистина. Ами, чајре?! Има ли надеж да се поправи ситуацијата? Некои од дискутантите велат дека не смее да се пушти нелекториран текст, дека во секоја институција треба да има лектори. И?! Што правиме сега?! Читаме и слушаме каков е јазикот во нашите медиуми. И во електронските и во печатните. Верувале или не, таму има лектори, дури и по двајца. И што сега?! Или и тие толку знаат или никој не ги ферма. Раката на срце, за оние глупости што ги слушаме, особено на телевизиите, зар треба лектори?! Па тоа се новинари со завршени соодветни факултети. Тие се должни да го знаат јазикот.

Да се вратиме на дебатата во Комисијата. За збор се јави и една госпоѓа од Институтот за македонски јазик, еден професор по македонски јазик, а се јави и лекторката во Собранието на Република Македонија.

Госпоѓата од Институтот: “КОЛКУ ПРАВИЛНО го користиме македонскиот јазик”?! Професорот по македонски: “ШТО НИЕ како професори имаме проблем”?

Истата грешка кај обајцата. Ова се нијанси, но многу битни за ритамот на македонскиот јазик. По прашалниот збор треба веднаш да доаѓа глаголот. “КОЛКУ ГО КОРИСТИМЕ правилно македонскиот јазик”? “ШТО ИМАМЕ ПРОБЛЕМ ние како професори”? Ваквите луѓе треба да го знаат ова правило и да не прават вакви грешки.

Се јави за збор и лекторката од Собранието. И таа доста загрижена за состојбата во нашиот јазик.

Вели: “Јас ова го работам 30 години НАНАЗАД”. Грешка што ја прават речиси сите. Зошто и е прилогот НАНАЗАД? “Јас ова го работам 30 години” и толку. Ако не рече НАНАЗАД, зар ние ќе помислиме дека тоа се случувало НАНАПРЕД?!

“Тоа НА НАС да ни го укажат”. И ваква скопска конструкција употребува лекторката! “Тоа НАМ да ни го укажат”, а не “Тоа НА НАС да ни го укажат”.

Зборувајќи така лекторката (која работела 30 години НАНАЗАД) на едно место вели – “Да бидеме во чекор СО НЕЈЗЕ”. Уште одамна, во детските години, се присеќаваме кога повторувавме постојано – “НЕА ЈА – НЕЈЗЕ И, НЕГО ГО – НЕМУ МУ”! Значи, НЕЈЗЕ се употребува ако потоа следува кратката заменска форма И – НЕЈЗЕ И реков, НЕЈЗЕ И се извинив, НЕЈЗЕ И намигнав и така натаму. Но, – НЕА ЈА прашав, одам во чекор СО НЕА, НЕА ЈА натепав и така натаму.

Госпоѓо лектор, 30 години “НАНАЗАД” не го оправдуваат ова. Се правеа на состанокот и многу други грешки. На пример, именката ГОСПОДИН никогаш не се членува кога оди заедно со името – ГОСПОДИН Стефаноски, ГОСПОДИН Илиоски, а сите употребуваат (и лекторката), ГОСПОДИНОТ Стефаноски, ГОСПОДИНОТ Илиоски и слично.

А штом во вакво друштво се прават вакви грешки, ситуацијата навистина не ни е розова.

Благоја Ивчески

Loading