Божикен собир на семејството на Горан Сугарески
Живот во патување на релација Скопје – Прилеп
Импулсивен пратеник и нежен сопруг кој ги цени критиките на поубавата половна
Точно како онаа народната “Кај и да си пред Божик, зад Божик – дома да си!”. Така и Горан Сугарески, пратеникот од СДСМ, за најрадосниот православен парзник беше во кругот на семејството. Искрен, спонтан, отворен како што и го знаат прилепчани, признава дека ако не беше Божик, можеби и немаше да го најдеме дома. За екипата од “Зенит”, широко ја отворија врата од семејниот дом заедно со сопругата Лидија. На посетата неизмено и се израдува и четиригодишната ќерка Марија. Со богата софра на масата, онака како што доликува за верските празници, Горан и Лидија Сугарески, иако брачна двојка со кус стаж, знаат и умеат да бидат добри домаќини, расположени да проговорат за себе, за работата, за животот. Сугарески ретко е дома, што не е чудно за човек чија професионала определба е пратеник во Собранието. Активен на многу полиња во животот. Ако не беше Божик, тешко дека ќе бев присутен тука. Професионалните и приватните обврски не оставаат да се поужива на топлината на семејството. Сопругата е навикната. И кога сум дома, нема одмор. Телефоните се вклучени и секоја изненадна обврска, овде или во Скопје, се обидувам да ја исполнам. Живеам на реалција Прилеп – Скопје. Пет дена работиме, а сабота е ден за граѓани, посета на места. За опозицијата важи онаа: џабе работи – џабе не седи – вели пратеникот Горан Сугарески. Сопругата Лидија е навикната на наметнатиот стил на живот. И смета кога треба да одат на одмор или скијање со ќерката, па не може никако да се усогласат зошто Горан или е во Скопје или има обврски, а одморот е сезонски – снег или сонце има во одредени периоди од годината. Горан паралелно учи на постдипломски. Останат му е само магистерскиот труд на тема ,,Трендови на развојот на современиот парламентаризам со посебен осврт на РМ,,. Очекува да го положи до средината на годинава.
Марија го релаксира со детска игра
Домашниот амбиент го прави спокоен. Посебно малата Марија му е слабост. Ниту и подвикнал да ја искара, ниту ја подудрил. Кога сум дома, си играм со четиригодишната ќерка Марија. Тројца сме дома и имаме три телевизори да гледа кој што сака – фудбал, цртани филмови, серии… Хоби ми е обложувањето во спорските кладилници. Реал Мадрид ми е омилен клуб, а Жозе Морињо фудбалски идол. Но, наоѓаме време со сопругата да се прошетаме навечер – кажува Сугарески. Не знае да готви. Супата и јајцата запржени или кајгана, му се специјалитет, кои знае да го сервира на маса. Друго апсолутно не знам да готвам. Гурман сум. Сакам добро јадење – ширдени, тава, ладно пиво, по некој жесток пијалак – коњак, виски – се смее Горан. Сопругата на Горан, Лидија, по потекло е Србинка. Од респект го сменила презимето, по прилепскиот тертип, задоволна е од сопругот. Горан е нежен, разбира, а ако прашувам многу, се лути. Не сакам да ме малтретира многу со политика. Тоа е негова работа. Гледам пренос од Собрание и сум најголем критичар на однесувањето на Горан. Посебно кога нервозно зборува, а има такви ситуации. Може таков му е карактерот, говорот, вика силно и кога зборува на телефон, но во јавност поинаку делува. И ќерката веќе разбира, ги препознава лицата од партиите. За Божик, Стара Нова година, сме заедно. Именденот на Марија е многу посетен. Проблем ни создава комлицираноста за усогласување на одморите. Пример, заедничко зимување, со Марија и Горан, а тој мора да оди Скопје. Во тие погледи ми пречи неговиот професионален ангажман. Инаку, не – кажува Лидија. Марија ужива во грижата и љубовта од тато и мама.
Цело семејство запаленици по скијањето
Слободното време го користат во разговори и незаборавни моменти на дружење со пријатели. Навечер излегуваат заедно, оти Горан е во Скопје преку ден. Патувам секој ден, а ретко останувам таму. За викенд излегуваме со фамилијата. Политиката носи привилегии и позиции. Можеби не е физичка напорна работата, но психичка е. Зиме сакам да одам во Бугарија, во Банско. Летоска бев во Авганистан, Кувајт, Катар, САД сум минал феноменално. Исто и во Германија, Чешка, Брисел, во Нато. Покрај професионалните обврски, уживав во шопинг центрите. Мора да се внимава и на облеката, стилот, да бидеш информиран за да знаеш да пренесеш информација до новинарите во секој момент, каде и да си. Ми се случи еднаш во Собрание да се појавам по фармерки. Важно беше брзо да се реагира – вели Сугарески. Свесен е за неговото изразување на повисок тон. Не се срами од својот глас, тоналитет, темперамент граден 37 години, прифатен од пријателите, познаниците. Задоволен е што сопругата го разбира и го прифаќа со сите мани, како и тој неа. Се запознавме во Ла Страда. Бев на кафе со сестра ми. Имав 21, а тој имаше 33 години. Продолжи врската и се зацврски со брак. Сега сум домаќинка, која ги знае сите кулинарски работи, знае да се грижи за ќерката, која не сака в градинка. Бројките ги знае. Учиме по малку српски. Не сака да пишува, не знае уште да го држи моливчето. Пријателки на Марија се куклата со црна коса Јасмин и друга со жолто фустанче – Бел. Обожува да ги чешла. Горан воопшто не ја кара и секој момент го користи за игра со неа – објаснува Лидија. Завршила средно економско, а запишана е на Економски факултет. Семејството и е пред сé.
Комунални инспектори – градоначалници и пратеници
Горан Сугарески е вклучен и во угостителскиот бизнис. Не може да се биде класичен гостин онаму каде мора да внимава гостите да бидат задоволни. Не дозволува партиското да биде пренесено во угостителските објекти, каде има шаренило од луѓе, од сите партии. Кафетериите се прифатени и се посетуваат. Се работи професионално. Нема политика во угостителството – вели Сугарески. Со градоначалникот Марјан Ристески беа колеги – комунални инспектори. Едниот определен за ВМРО – ДПМНЕ, а другиот СДСМ. Ставовите изнесени јавно не значат дека и да се сретнеме нема да се поздравиме. Сме пиеле кафе, сме разговараме, изнесуваме ставови. Генерално се бориме градот да биде пристојно место за живот, со одредени приоритети пред другите во Македонија – вели Горан Сугарески.
СДСМ работи на имиџот во градов
Фактот што ВМРО ДПМНЕ во изминативе пет години е на власт не треба да го кочи СДСМ преку општинската организација, повеќе да работи. Без разлика која партија е мора да ставиме крај на патот Прилеп – Градско. Неколку тендери пропаѓаат во Тутунскиот комбинат. Мора да се знае судбината на тие луѓе. Приоритетите мора да ги решаваме, без разлика на различните партии и мислења – оценува Сугарески.